ВРАТИ СЕ БРАНКО, ВРАТИ СЕ ГРУЈО, СЕ ВИ Е ПРОСТЕНО!
Знам дека кога ќе ја видите мојата слика и до неа насловниот текст,...
Знам дека кога ќе ја видите мојата слика и до неа насловниот текст, едно со друго не одат заедно. Меѓутоа, денес во Македонија на власт е веројатно најнеспособната Влада и севкупно владеачка гарнитура, што едноставно владеењето на било кој претходен Премиер или Влада колку и да биле исполнети со контроверзии, дури понекогаш и незнаење, биле сто пати поквалитетни од ова што денес го гледаме во државата. Едноставно не постои ниту една општествено-политичка сфера за која можете да кажете-еве, ова оди добро. За економската состојба воопшто и не разговарам. Туку, ајде по ред да разгледаме сектор по сектор како стојат работите.
Оваа Влада дојде на власт врз основа на три клучни ветувања: многу подобра економска политика, борба против криминалот и корупцијата и продолжување по европскиот пат на државата. Ајде да видиме каде сме:
Прво, на економски план сме катастрофа! Не постои производ што го користат сите граѓани во државата а да не поскапнал барем дупло во изминатите две години. Трговците си ги качуваат цените како ќе им текне, без никаква економска логика, државата нема никаков функционален механизам како ова нивно однесување да го запре, мерките за заштита од ценовниот шок од растот на цените на нафтата не даваат никакви резултати, минималната и просечната плата не растат ни приближно со темпото на растот на цените, граѓаните се с`е посиромашни, министерот за економија е “нестао у акцији“, у ствари и не знам ни како се вика. Мицко како да живее во некој паралелен универзум, кога му ги слушаш изјавите мислиш во Данска живее, странските инвеститори во Македонија почнаа да отпуштаат работници, едноставно нема никој да даде решение за секојдневните проблеми на граѓаните, а за тоа се изберени овие луѓе, тоа едноставно им е работа. Ама џабе, неспособни се, не ги бива.
Второ, борба против криминал и корупција воопшто и нема! Напротив, оваа Влада само ги проширува, надградува и усовршува криминалот и корупцијата. На оној Панче сто скандали му се случија, му се случи Кочани, му се случи заради пропусти на полицијата мајка да си одземе живот заедно со свое малолетно дете, секојдневно му се случува да не може да реши потешки кривични дела, ама тој никако не е виновен за ништо, никако да си даде оставка. На крајот на краиштата, кој сериозен “капиталец“ е уапсен во последните 2 години? Нели целата претходна Влада била криминална, корумпирана, епа кој е уапсен? Кој за 2 години одговараше? Никој! Се се сведува на небулозни напади на Премиерот врз судството и обвинителството, а истиот тој Мицко заборава да му каже на Панче дека за да може обвинителството квалитетно да си ја заврши својата работа и да поднесе до судот квалитетно обвинение за потоа судот да донесе издржана судска одлука, основен предуслов е полицијата да обезбеди квалитетни докази. Не се поднесуваат кривични пријави без докази. Класичен пример е оној со ЕСМ. Пазете сега, виновно било обвинителството за прекин на истрагата, ама не е виновен оној новиот Директор на ЕСМ кој ги овластил својот помошник и својот советник да отидат во обвинителство и да кажат дека нема штета. Пази молим те! Толку од борбата со криминалот и корупцијата!
Трето, македонскиот пат кон Европската унија... Чекај, чекај, што??? Па Македонија нема никаков пат кон Европа. Оној Муцунски мисли дека Министерството му е детска градинка, па со бугарската министерка се видел-па не се видел, па било средба-па не било средба. Циркузи! Да имаше една минута средба со Трамп од тоа ќе направеше 2 часа филм. Мене не ми е јасно зошто се прават дека не разбираат што им зборуваат овие од Европа (не дека они се нешто поарни)... едноставно нема одење напред без измена на Уставот. И сега повторно ќе не замараат “не може Бугари во Уставот“ исто како што не замараа со “името не го даваме“ па после “името ќе го вратиме“! Иста песна. А реформи онаму кадешто треба да има, воопшто нема. Сега слушам се фалат добиле 67,5 милиони евра од Европската унија затоа што правеле реформи... а истиот ден на седница на комисија за финансирање и буџет бараат задолжување од нови 260 милиони евра! Јаки реформи, браво!
Значи, ништо од она што ветија за да дојдат на власт ниту спроведуваат ниту имаат намера ниту знаење да спроведат. И да не е проблемот со Бугарија, државата мора месечно да носи барем по 10-15 закони со кои ќе се усогласува со европското законодавство. Ама кој да го прави тоа? Кој е тој што разбира како? Едноставно нема таков.
Не се само овие работи. Министерот за правда, кој ми е колега и добар пријател, очигледно не може да се пронајде себеси на таа позиција. Две години чекаме реформски закони во делот на правосудството, од 20 колку требаше да се донесат мислам дека донесоа само 1 или 2, еве сега во постапка е и новиот за парнична постапка. И толку. Премалку за 2 години министерување, за жал, перформансите и резултатот се очајни.
Кога сме кај културата, нема јас што да се правам паметен и да мудрувам. Колегите на министерот, актерите, уметниците, сите едногласно тврдат дека ова е најлошиот министер за култура во Македонија во последните 35 години.
Да завршам со мојата омилена тема, локалната самоуправа. Оној министерот за локална самоуправа, само што го избраа за министер, наместо да се занимава со проблемите на локалните самоуправи, со огромните долгови на јавните претпријатија, со неефикасната администрација во општините, на него му текна- не сакал да биде министер-сакал Градоначалник на Скопје да биде. Па сега оди филмот “ ја Орце ќе биде, ја Перински ќе биде“... драмолетки. А кадрите што ги ставија за градоначалници тоа е посебна приказна. Во Карпош оној несреќниот Соте го снема, никој не знае каде е! Па дал оставка, па не дал, па од партија не му даваат да даде. Ужас! Еве слушам пред некој ден и градоначалникот на Кочани ќе си поднел оставка. Оној па Орце првите 3 дена го чистеше Скопје. Земал 200 машини и камиони и исчисти се. Е како да не, пред 3 дена идам у Скопје, повторно полни контејнери. И кој е крив? Па не е Мицко што ги ставил, нормално, Цацко е крив! И на крајот на краиштата, еве поминаа 6 месеци од мандатите на новите и ново-старите градоначалници... еве кажете ми еден, само еден капитален објект кој е започнат, не завршен, само започнат со работа? Нема ниеден.
Има уште многу да се зборува на тема “2 години Влада на Мицко и ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ“ ама за жал, просторот не ми дозволува.
Би завршил и со мала критика и до опозицијата. Опозицијата мора програмски да се консолидира. Наместо да им укажува на граѓаните за проблемите кои ги наведов овде, се зборува нон-стоп што било во Унгарија, па што било во Бугарија, па што било во Србија. Нашите граѓани, и еве мене лично, баш ми е гајле што се случува во други држави, ние треба нашите проблеми да си ги решаваме, а опозицијата за овие проблеми да дава јасни и прецизни предлози како да се надминат овие огромни проблеми.
Виктор Божиновски, адвокат
14.03.2026
27.07.2025
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*