Таа, среќата, функционира, благодарение на нејзината лоша сестра - несреќата. Нели, да не е лошото не ќе знаеме што е добро. „Среќна Нова година!“ Овие три збора се најприсутни во комуникацијата меѓу луѓето деновиве. Во основа, малку верувам во среќа што може да ми дојде по нечија желба, што не значи дека не ми е мило кога некој ќе ми пожела утре да бидам посреќен отколку што сум денес.
Макаршто никој не може да те направи среќен ако самиот не те бива за таа работа. Нели се рекло дека секој сам си е ковач на својата среќа. Ама и на крајот на краиштата, тоа што за Тебе или за мене е среќа, за друг или за трет е ништо, ситно, трици. Од вакви преџвакувања на поимот среќа произлегле „аксиомите“ од типот „здравјето е најголемо богатство“.
Вака или онака, да Ви кажам што ме прави среќен, а што несреќен последниве денови од старата 2009 година. Ме прават среќен илјада и едно ситни нешта што на некој начин го осмислуваат животот, од тоа дека има што да јадам до тоа дека има светлина и колку-толку чист воздух. Се разбира - се радувам и на искрената детска насмевка, зашто од тажно дете нема ништо потажно на светот. И така редум. Спротивно на ова, несреќен сум поради сите несреќи на овој свет под чиј багаж стенкаат милиони и милиони луѓе. Страдалници, главно не поради своја вина. Глад, болести, неправди, војни, природни катастрофи. Тоа на глобално ниво. А на локално? Истото тоа плус политиката! Навистина, доста ми е од политиката речиси сите години наназат, а особено во годинава што измина! Искрено ги молам политичарите да ми кажат, исто така искрено, со што го усреќија народот во сега веќе старата година? Општо земено, се разбира. Можат ли „среќните“ да се среќни, ако се опкружени со мнозинството несреќни. Среќавам луѓе на улица, во продавници, тука и таму по кафеани, ги гледам по телевизиите. Немаат добар збор за живеачката што ја живеат. Освен во анкетите на некои од медиумите што по правило се миксаат и шминкаат, ретко ќе чуете „сполај му“! Значи, господа, вие што сте власт во државава, ум в глава и чинете некое чаре. Сватете дека сте слуга а не господар на народот, затоа поработете малку повеќе за општата среќа во Новата, 2010 година. Патем, многу среќа на сите во наредните 365 дена !
Столе Божиновски Столе Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*