Поминаа скоро два месеци, откако на 27-ми април завршија предвремените парламентарни избори и вториот круг од претседателските избори на кои убедливо со освоени 61 мандат, победи коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а Ѓорге Иванов успеа да се избори за втор мандат.
Веднаш по затворањето на гласачките кутии, неколку минути по 19.00 часот, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, излезе и изборите ги прогласи за недемократски, според него бил извршен голем фалсификат кој бил реализиран преку наводната системска кражба на гласовите. Врз основа на ова, тој и неговата СДСМ не го признаа резултатот и уште таа вечер, го најавија бојкотот, односно поднесувањето на оставките на избраните пратеници во Собранието и со тоа целосното повлекување од законодавната власт. Со настапот на Зоран Заев вечерта на 27-ми април, започна и нова политичка криза во нашата земја.
Оспорувањето на легитимноста на победниците не е новина во Република Македонија. Тоа стана пракса последните неколку изборни циклуси, на кои редовно најдобри резултати остварува ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициони партнери. Паушалните и воопштените обвинувања за притисоци, закани и купување на гласачите единствено имаа за цел да ја релативизираат и до некаде да ја оправдаат огромната, за македонски прилики, разлика од околу 200 000 гласови.
Баналноста и нерационалноста на нападите го достигнува својот максимум кога СДСМ и разните аналитичари кои ја подржуваат нивната опција ќе обвинат за постоење на електоратска па дури, и во национални рамки, корупција каде владејачката партија масовно со јавните пари ги купува гласовите преку буџетското обезбедување на субвенции за земјоделците, редовно исплаќање на пензиите, социјална помош за најзагрозените семејства и слично. Она што претставува нормално функционирање на државата, преку остварување на нејзините со Устав утврдени функции, опозицијата предводена од СДСМ го смета за некаква артикулација на желбата за моќ и доминација на владејачките партии.
Тргнувајќи од оваа и сличните претпоставки на СДСМ за наводната системска кражба, преку нападите за злоупотреба на избирачкиот список, силите за јавниот ред и мир, државниот буџет, поплаките за масовна манипулација со граѓаните преку јасно дефинираната пропаганда што се реализира од контролираните медиуми и други заклучоци со кои се храни оваа опозициската политика, СДСМ ги негира и отфрла сите процедури и јасно востановени правила на нормалното политичко функцинирање во македонската политичка средина.
Ваквиот нихилизам, поткрепен со манифестација на јасен и директен презир кон граѓаните и нивното потценување, што претставува една од главните карактеристики на сите раководства на СДСМ, го води да биде иницијатор на уште една политичка криза од низата, во сите овие години во кои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го имаат парламентарното мнозинство. Разврската од најновиот бојкот треба да го видиме. Она што е познато, се барањата кои Зоран Заев планира и директно да ги постави на веќе закажаната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Може да се заклучи, дека овие барања во најголем дел се крајно нереални и тешко остварливи и немаат за цел нормализирање на состојбата во државата, туку уште повеќе придонесуваат за радикализирање на политичкиот диксурс.
Едно од барањата е формирање на техничка Влада која ќе има мандат да организира нови избори. Со ова барање Зоран Заев и раководдството на СДСМ не ја признаваат јасно и недвосмислено прикажаната волја на мнозинството граѓани на последните парламентарни избори, што предизвикува една несигурност кај граѓаните, состојба на нелагодност и загриженост од крајната неизвесност на политичкиот процес, предизвикана од еден дел од политичките субјекти во државата. Исто така СДСМ бара и одвојување на државата од партијата и други сфери да се регулираат во Изборниот закон, што претходно со месеци беше разговарано и многу аспекти беа подложени на измена при изработката на Изборниот закон помеѓу главните политички партии меѓу кои, и СДСМ, чии забелешки и предлози беа прифатени и инкорпорирани во законското решение.
Понатаму, СДСМ како едно од петте барања го поставува и нејзиното презентираање во медиумите во кое се залага за правична застапеност. За приватните медиуми нема потреба од било какво системско вмешување или политичко договарање. Секој приватен медиум си има своја автономна уредувачка и комерцијална стратегија, единствено може тука да се разгледа и да се унапреди односот на националниот сервис кон сите политички субјекти во државата преку обезбедување на простор за поотворено и професинално пресликување на политичкиот колорит во Република Македонија. Последното барање на СДСМ е што поскоро да се органзира попис како статистичка операција, при тоа директно обвинувајќи го ВМРО-ДПМНЕ за неуспешниот попис во 2011 година.
Свесна за вистинските причини од неможноста да се реализира пописот, СДСМ упорно и крајно неодговорно го користи за пресметка со своите политички противници, без при тоа да покаже разбирање за чувствителноста на темата и последиците кои може да произлезат од таквото неодговорно однесување. А секако последиците од оваа криза, може да се предвидат, во отворената можност за негативен извештај од Европската комисија и повлекување на препораката за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија, и секако, медијаторство од надвор за разрешување на проблемите што ќе предизвика уште поголема разочараност кај граѓаните, кои едноставно бараат политичко лидерство, што нема да генерира кризи, туку ќе работи на создавање на услови за развој на нашата земја.
Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*