×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ветено-сторено, или не

    Бране Петрушевски

    Државата, а со тоа и нашиот град поминува низ еден од најтурбулентните периоди во својата историја. Период во кој опозицијата условува, па дури и присилува, да ја освои власта на неуставен и неморален начин, а не преку демократски избори. Бидејќи во истиов период доста се пишуваше за принципите на опозицијата, а не сакајќи да го прејудицирам исходот од преговорите кои се водат помеѓу позицијата и опозицијата, ќе се осврнам на една тема, која според мене, е многу битна за севкупната перцепција на овој период, особено на однесувањето на опозицијата.

    Мислам дека од ден на ден, на секој граѓанин му станува јасно дека ваквата македонска опозиција, со вакви истрошени кадри, неспособни да понудат нешто ново, кадри без визија, без проекти, кадри инструирани од надвор, на кои пред се, Македонија НЕ им е на првото место, е неспособна да ја освои власта на регуларни и демократски избори. Ова тврдење не го изнесувам случајно или онака „од ракав“, туку истото ќе го образложам и докажам.

    Имено, секој човек може едноставно и логично да го предвиди начинот на кој СДСМ евентуално би управувале со државата, ако го увиди начинот на кој СДСМ управува со општините во кои е на власт. За несреќа на нас кумановци, нашата општина е една од за среќа малкуте такви општини управувани од опозицијата. Без да наведувам или да давам свои толкувања и размислувања, наједноставно ќе ги наведам дел од проектите ветени од актуелниот градоначалник на последните локални избори во 2013 година. А Вие, почитувани читатели сами заклучете што од тоа е реализирано.

    Гасификација

    Ветено: „ Гасоводната мрежа ќе продолжи да се гради и во периодот од 2013 – 2017 година. Во овој период, ќе се изградат 40 000 метри дистрибутивна гасоводна мрежа. Гасот ќе може да се понуди на 15 000 домаќинства и 1000 правни субјекти, со што целосно ќе биде покриено централното градско подрачје и ќе се шири кон периферните делови на градот. “

    Реализирано: ЈП Куманово гас е загубар кој акумулирал огромни загуби, а општината го одржува во живот со префрлање на милиони буџетски средства секоја година. Гасоводната мрежа е далеку од проектираните 40 000 метри и до ден денес ниту едно домаќинство (од предвидените 15 000) не е приклучено на истата.

    Мини прочистителни станици

    Ветено: „ Имено, се работи за проект кој предвидува изградба на 11 мини прочистителни станици за еквивалент жители од 400 – 6000. Со изградба на овие прочистителни станици, истовремено ќе биде изградена и канализациска мрежа во вкупна должина од 73 км, со што ќе биде решен овој проблем на жителите на следните населени места: Сопот, Табановце, Четирце, Љубодраг, Ново Село, Умин Дол, Романовце, Брзак, Агино Село, Пчиња, Студена Бара, Вак’в, Скачковце, Орашац, Клечовце и Черкезе. Вкупната вредност на овој проект се проценува на 530 000 000 денари, а се планира овие средства да бидат обезбедени од претпристапните фондови на Европската унија.“

    Реализирано: Ама баш ништо!

    Горилница на отпад

    Ветено: „Во наредниот период посебно внимание ќе се посвети на проектот „Горилница на отпад“ нa третиот североисточен плански регион. Ова ќе се реализира со применување концепт на јавно – приватно партнерство, заради што се изработи и усвои физибилити студија за горилница на отпад, додека во тек е и изработка на Студија за влијание на животната средина, која е завршена на почетокот на 2013 година. Вкупната предвидена вредност на инвестицијата изнесува помеѓу 50.000.000 и 60.000.000 €.“

    Реализирано: Горилница на отпад немаме, додека отпадот се уште носи на депонијата Краста и ја загадува околината на с. Пчиња с. Студена Бара, с. Вакв и с. Винце.

    Затворен базен со Аква парк

    Ветено: „Пред една година започна изградбата на Затворен базен кој има површина околу 6000 квадратни метри. На површина од 1800 квадратни метри, предвидено е да има деловен комплекс со спа центри, фитнес клубови, простории за спортски клубови и угостителски објекти. Во овој комплекс ќе биде изграден и АКВА ПАРК , а околу него на површина од 500 квадратни метри летна бавча, каде граѓаните ќе може да имаат рекреативни содржини и забава.“

    Реализирано: За овој проект подетално пишував во мојата колумна Аман веќе со тој базен (http://www.kumanovonews.com/kolumna/aman-vece-so-toj-bazen). Сакам да напоменам и дека за поставување на камен темелникот во 2011 година општината потроши 1 180 000 денари на концерт и огномет. Затворениот базен се уште не е изграден, а од Аква паркот и другите содржини нема ниту трага ниту глас.

    „Чоробенско ќоше“ – нов деловно административен центар

    Ветено: „...изградба на нов деловно- административен центар на локалната самоуправа. Тоа ќе биде ултрамодерен, функционален, комерцијален и административен центар во централното градско подрачје. Со тоа ќе се олесни извршувањето на административните работи, односно ќе се групираат услугите за граѓаните во еден центар. Тука, на едно место, ќе бидат сместени Советот на Општина Куманово, кабинетот на Градоначалникот и општинската администарција. Овој објект ќе биде на површина од околу 4000 квадратни метри со што ќе се надмине тесното грло во функционирањето на локалната администрација. Објектот ќе има и економски бенефит за Општината. Долните два ката се планира да бидат со комерцијална содржина на површина од 6000 квадратни метри. Овој дел ќе биде изграден од локалната самоуправа и даден во функција на компании и друштва кои имаат трговска дејност. Со изградбата на овој центар, делумно ќе се реши големиот сообраќаен метеж, естетски ќе се реши изгледот на централното градско подрачје и, најбитно од сè, ќе има голем економски бенефит (нови инвестиции и работни места). Исто така, ќе има и подземна гаража и можност за нови 500 паркинг места.

    Реализирано: Ништо... Нула...

    Три нови детски градинки

    Ветено: „За да се надмине овој проблем, презедовме обврска до 2017 година да изградиме три нови детски градинки: во населбите „Карпош“, „Перо Чичо“ и „Тоде Мендол“ каде што има концентрирано најголем број на дечиња кои имаат потреба од претстој во ваков тип на јавни установи. Овие три населби се неслучајно изберени за реализација на овој проект бидејќи се населби кои се развиваат и во кои бројот на населението постојано се зголемува.“

    Реализирано: Ништо... Ниту една!

    Технолошко – индустриска развојна зона

    Ветено: „ Изградба на современа урбанизирана технолошко-индустриска развојна зона во атар на село Речица од 60 илјади метри квадратни која ќе има излез на автопатот Е75 (Скопје - Белград). Ќе има обезбеден пристап до водовод, електрична енергија, канализација и гас со што ќе се создадат услови за привлекување на поголеми инвеститори во Општината. Во рамиките на оваа технолошко – индустриска развојна зона ќе има можност да се отворат 60 стопански објекти со проекција од 2500 до 3000 нови вработувања.

    Реализирано: Неколку неуспешни лицитации за продажба на земјиште во зоната... Број на инвеститори 0. Број на нови вработувања 0.

    По ова, кога од ветени седум капитални проекти реализирани се нула, станува јасно зошто СДСМ не може да победи на избори... Станува јасно зошто СДСМ прибегна кон недемократски методи... Од фактите нема бегање!

    ПС. Покрај за потсетување на граѓаните, оваа колумна ја напишав и за потсетување на градоначалникот. Да се потсети што ветил! Можеби заборавил....

    Бране Петрушевски член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*