Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Десет загинати досега се потврдени во пожарот кој го зафати модуларниот Ковид-центар во Тетово околу 21 часот, но бројката може да порасне, соопшти Министерството за здравство и апелира да не се шпекулира со бројките.
„Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, министерот за здравство д-р Венко Филипче, изразува најдлабоко сочуство до семејствата. Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. МЗ апелира до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме“, соопштуваат од Министертсвото за здравствo.
Од тетовската противпожарна единица, кажаа пожарот започнал внатре во болницата, а имало експлозии од боците со кислород, поради што многу брзо се ширел. Пожарот беше изгасен околу 21.45 часот, со 7 возила и над 30 пожарникари.
На увидот работи тим од петмина јавни обвинители, тројца од тетовското и двајца од скопското обвинителство, кои заедно со екипи од надлежните институции ги преземаат сите дејствија за утврдување на причините за пожарот, соопшти Обвинителството.
Премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и лидерот на ДУИ Али Ахмети беа во обиколка на болницата, разговараа и со роднините на лицата кои биле во болницата и чекаа пред изгорениот објект. Потоа беа на состанок во Општина Тетово.
(Фото.СДК.мк)