Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработените во јавните здравствени установи во Куманово, како и во целата земја, се уште немаат земено плата за јануари, иако плата обично земаат околу 10. во месецот. Проблемот не во раководството на здравствените институции, а законскиот рок за исплата на платите истекува утре.
„Сите вработени се упатени во проблемот, знаат дека немаме проблем со нашите сметки и дека проблемот не е во институцијата. Имаме разбирање од колегите, но и неофицијално ветување дека до утре ќе се санира проблемот на ФЗО и ќе се изврши уплата на сметките на вработените. Па, ќе видиме што ќе се случи“, изјави Фарук Алили, директор на Здравствениот дом во Куманово.
Минатата недела системот на ФЗО беше цел на хакерски напад, а надлежните уверуваат дека активно се работи на сервисирање на сајтот и дека во наредните денови постепено ќе се враќаат фунциите.
„Анализите на експертските тимови покажуваат дека нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Техничките тимови приоритет даваат на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници, како и за другите форми на исплата односно боледувањата, породилното и рефундациите“, информираат од Фондот за здравствено осигурување(ФЗО).
Во известувањето понатаму стои дека не е загрозено правото на здравствена заштита на граѓаните и непречено се одвиваат лекувањата, упатите за прегледите и боледувањата, издавањето рецепти од матичните лекари и издавањето лекови, така што овие здравствени услуги граѓаните може да ги користат без застој. Исто така, усогласени се и решенија за остварување на правото на ортопедски помагала.
Од Министерството за здравство појаснуваат дека исплатата на платите на здравствените работници вработени во јавно здравствените установи е во надлежност и се врши од буџетот на самите јавни здравствени установи во соработка со ФЗОM.