Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со одржувањето на првата меѓувладина конференција денеска во Советот на Европската Унија во Брисел, на која учествува владина делегација предводена од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, Македонија ги отвори преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
На овој историски важен настан со кој започнува ново поглавје за државата на патот кон ЕУ на македонски јазик пред претставниците од 27 земји членки се обрати премиерот Ковачевски.
„Денешниот ден е историски за нас. Долгоочекуван. Заслужен. После 17 години, го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон за кој огромно мнозинство граѓани, десетици наши државни лидери, политички претставници, граѓанскиот сектор, академски и научни работници, стопанственици, новинари и медиумски работници и илјадници државни службеници, долги години посветено работеа. За остварување на оваа стратешка цел, ние направивме многу. Донесовме мудри, храбри, државнички одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани за мене е најголемиот чин на патриотизам“, кажа Ковачевски во своето обраќање.
Тој додаде дека Македонија е земја на пријателства и соживот и во тој дух ќе продолжи европска иднина.
Европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености. Драго ми е што за овие прашања како и за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите како што недвосмислено го потврди Претседателката Фон дер Лајен во Собранието на Република Северна Македонија пред сите наши пратеници и целата наша јавност.
Горд сум што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговорите за пристапување, вклучувајќи го и самото склучување на Договорот за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ. Со нетрпение го чекаме денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Европската Унија”, рече Ковачевски.
Тој кажа дека патот до Брисел беше долг, но Македонија преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ.