Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во однос на доизградбата на железничките делници на Коридорот 8, сакам да ја потенцирам политичката определба на оваа Влада, но и заедничката посветеност на Македонија, Бугарија и Албанија, преку потишаните Меморандуми за соработка и реализација на проектите долж овој Коридор, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на првиот состанок на мрежата на компании за железничка инфраструктура од Западен Балкан.
„Би сакал да информирам дека во завршна фаза на постапка е избор на изведувачи на делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка на источниот крак на овој коридор, во должина од 65 километри. Очекувам дека оваа пролет ќе започнеме со градба на овие две делници и во рок од 36 месеци да ги завршиме и да ги ставиме во употреба. Во однос на третата делница од Крива Паланка до Деве Баир, граница со Република Бугарија, тендерската документација за избор на изведувач и надзорен инженер се во финална фаза. Очекувам дека следната година ќе се склучат договорите и ќе отпочне изградбата на оваа трета и најтешка делница на Коридорот 8“, посочи Бочварски.
Тој нагласи дека според нашата национална стратегија, се очекува источниот дел од Коридор 8 да биде завршен 2027 година и да имаме оперативна пруга со Република Бугарија. Вкупните инвестиции само за овој дел изнесуваат преку 620 милиони евра.
„Подготвени сме да изградиме 36 тунели и преку 80 мостови за транспоротот, за економијата и за иднината на целиот регион. Ваква подготвеност несомнено постои и кај Бугарија, Албанија, Србија и кај останатите земји од регионот“, рече Бочварски.