Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На граничниот премин Табановце поставени се нови кабини за работа на граничните полицајци и царинските службеници од Македонија и Србија, нови рампи и извршено е реновирање на помошни простории за користење од страна на вработените од Србија.
Дополнително поставена е и потребната мрежна и телекомуникациска инфраструктура за непречено одвивање на процесот.
„Со реконструкцијата и новопоставените кабини и рампи, покрај подобрување на условите за работа, се постигнува и дополнително забрзување, пред се при пасошката проверка, бидејќи новата поставеност на кабините е таква (и за патнички и за товарни возила), да овозможува истовремено работење (без празен ‘од) на граничните полициски службеници од двете држави, што дополнително ќе влијае на забрзување на протокот на патнички и товарни возила, кое е особено важно во летниот период во тек на туристичката сезона“, соопшти Владата.
Дополнително, додаваат од Владата, за сите увозници, извозници, транспортери и други учесници во царинската постапка од трите земји во иницијативата Отворен Балкан, како и за економските оператори иматели на ОЕО одобренија и стоки од Зелените коридори, на граничните премини Табановце и Ќафасан во март 2022, поставени се табли за зелени (приоритетни) ленти. По истиот принцип, вакви табли се поставени и на Прешево и Ќафтане, од страна на Србија и Албанија.
„Во моментот на ГП Табановце функционираат 5 ленти за патнички, 2 за товарни возила и една за автобуси. Со цел понатамошно подобрување на условите за побрз проток на патници на ГП Табановце каде се врши гранична и царинска проверка на излез од Србија и влез во Северна Македонија, Царинската управа работи на прилагодување на уште две ленти за влез на патнички моторни возила, со што дополнително ќе се забрза протокот, посебно важно во летниот период и зголемената фреквенција на патници-туристи кои поминуваат преку овој граничен премин“, стои во соопштението.
Исто така, со цел да се намали времето за чекање на граница, Царинската управа ги разгледува можностите за граничниот премин Пелинце, кој се користи само за патнички промет, односно поминување на патнички моторни возила, да се актуелизира како алтернативен премин за патниците првенствено од Северна Македонија и Србија. Toa би било во согласност со иницијативата Отворен Балкан и со предложениот начин за примена на концептот one stop shop, со цел побрз проток на патници и патнички моторни возила.
„Зелените коридори“ за проток на осетлива стока успешно и непречено функционираат во регионот со земјите на ЦЕФТА. Во Република Северна Македонија тие се применуваат на граничните премини: Табановце, Блаце и Ќафасан.