Да се поништи дозволата за вадење песок во реката Пчиња, бараат жителите на Шупли Камен (видео)
Жителите на кумановското село Шупли Камен денеска излегоа на протест за да го изразат своето незадоволство кон АД Водостопанство и Министертвото за животна средина, кои издале дозвола на приватна фирма да врши екплоатација на песок во реката Пчиња, која поминува низ нивното село.
Тие велат дека фирмата започнала со вадење на песокот пред десетина дена, и веќе уништила дел од речното корито, а доколку продолжи понатаму ќе ги остави и без вода за пиење, и ќе се уништи живиот свет во реката.
„Ако исцрпат уште еден метар под нивото на речното корити, водата ќе се повлече од бунарите и од базенот на селскиот водовод. Тоа ќе биде голема катастрофа, ќе немаме ни вода за пиење како што останавме и без наводнување. Ако продолжи експлоатцијата целосно ќе не уништат. Видете што направија за десетина дена, ршум. Коритото е поткопано со високи брегови, сите дрвја се исушија. Во проектот стои уредување на речното коритото, ако ова е уредување, нека дојдат да видат надлежните што направија“, вели Гоце Станковски, претседател на месена заедница Шупли Камен.
На таблата која е поставена покрај реката пишува дека проектот за вадење на песок , чакал и камен, од коритото и бреговите на река Пчиња од Зубовце до Шупли Камен е во должина од 1.000 метри, и заради уредување на режимот на водите. Инвеститор е АД Водостопанство, а дозвола издало Министретвото за животна средина и просторно планирање. Изведувач на работите е фирмата Логистик ДООЕЛ Куманово.

Жителите посочуваат дека покрај тоа што е уништена природата, голем проблем е и што поради големите ископи и реката не е безбедна. На повеќе места имало вирови длабоки по 5-6 метри, па не можат да стигнат до своите имоти на другата страна од реката.
Ваков проблем жителите имаа и пред 7 години, но по тогашните протести фирмата која вадеше песок доби трајна забрана за работа и се повлече.
„Тогашната фирма извади илјадници тони песок и во коритото направија дупки по 6-7 метри, во кои едно дете од 14 години се удави, а имаше и уште три други жртви со давење. По забраната, еве колку години поминаа, иако состојбата не е подобрена и реката не може да донесе толку песок за да се врати во првобитната положба, сега без да знаеме и без да се согледа состојбата на терен и дали има услови, си донеле ново решение. Блокадите ќе продолжат се до исполнување на нашето барање за запирање на експлоатацијата“, вели Драги Јовановски, од Шупли Камен.

Жителите велат дека имаат информација дека предходната фирма на ЈП „Водостопанство“ му плаќала по 60 денари за кубик песок, а го продавала по 1.300 до 1.500 денари. Тие не знаат каков е договорот со новата фирма, но бараат да се заштитат ресурсите на земјата, ако веќе се експлоатира нека се плаќа по пазарна цена, за да се полни државниот буџет, а не приватни џебови.
На терен денеска излезе инспектор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторот за животна средина во Општина Куманово, но тие рекоа дека немаат надлежност да ја запрат работата на фирмата, туку само да утврдат дали работи според договорот што го има. Само доколку има отстапувања можат да интервенираат.
Селото Шупли Камен има 200 домаќинства и едено од побројните села во кумановско. Низ селото поминува и железничката пруга кон Крива Паланка. Поради својата местоположба и реката, таму се изградија и многу викенд куќи. Проблемот со вадењето песокот и големата прашина од камионите ќе влијае на квалитетот на животот и иселувањето, согласни се жителите.
