Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На граничниот премин Табановце на македонско-српската граница ќе се отворат посебни ленти коишто ќе ги користат само патниците од Македонија, Србија и Албанија, кои се дел од иницијативата Отворен Балкан со цел да се олесни протокот на патници и стоки, најави денеска министерот Оливер Спасовски на преминот.
„Во рамките на таа иницијатива сè уште се прават анализи каде и на кој начин може да се скрати времето на поминување. Со промена на процедурите коишто се во тек бизнис заедницата ќе има привилегии за побрз премин на границата, а граѓаните ќе поминуваат на посебни ленти. Тоа ќе значи посебни ленти за граѓаните од трите држави, кои се вклучени во иницијативата, посебни ознаки кои ќе овозможат од поголема одалеченост да знаат каде да се движат возилата и секако преку развој на процедурите да се намали времето на чекањето“, кажа Спасовски.
На забелешката дека наместо да се намалат, гужвите се зголемени по концептот на „едно застанување на граница” (One Stop Shop), иницијaтива во рамки на процесот Отворен Балкан, министерот кажа дека тоа се должи на големата фреквенција на патници и возила во овој период од годината, но и неопходноста на секој граничен премин да се запазат безбедносните процедури.
„Иницијатата Отворен Балкан не подразбира дека во тие држави рампите се кренати и може да се влегува и да се излегува без да се застане на граничниот премин. Морам да констатирам дека во овие 7 месеци на ниво на државата во споредба со предходната година имаме зголемување за 45 проценти за влез и излез во државата на патници и возила. Што се однесува на граничниот премин Табановце, тоа е за 30 отсто“, додаде Спасовски.
На граничниот премин Табановце денеска работна средба имаа министерот Спасовски, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и директорката на Царинската управа Славица Кутиров, за да ги лоцираат проблемите во функционирањето на новата иницијатива.