Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со 62 гласови „за“ и 46 „против“, избрана е новата Влада, на која премиер е лидерот на СДСМ, кумановецот Димитар Ковачевски.
Ковачевски вети дека ќе работи посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на секој граѓанин. Најави и дека цврсто останува на моделот за ефикасно управување и транспарентно, фокусирано и базирано на резултати.
„Со работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетската криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа, на која ќе разговарам за забрзување на евроинтеграциите. Веќе во вторник, на мое огромно задоволство, ќе бидам домаќин на новиот бугарски Премиер, г-динот Петков, со кога сакаме да воспоставиме нова соработка, базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност. Веднаш потоа, продолжуваме со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Верувам дека ќе успееме да работиме и подобро и поефикасно. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. На сите граѓани им посакувам многу здравје, мир и спокојство во семејствата и ветување дека ќе направиме се да ја заслужиме и оправдаме нивната доверба и да обезбедиме подобар живот за сите.“, кажа Ковачевски во своето обраќање.
Премиерот Димитар Ковачевски, роден 1974 година во Куманово, е доктор на економски науки, вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ Колеџ Скопје.
Во новата Влада министри се: Артан Груби (ДУИ) – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска (СДСМ) – вицепремиер за борба против коруција и криминал, Бојан Маричиќ (СДСМ) – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи (СДСМ) – вицепремиерот за економски прашања.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски (СДСМ) – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска (СДСМ) – министерка за одбрана, Никола Тупанчевски (предложен од СДСМ) – министер за правда, Благој Бочварски (СДСМ) – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски (СДСМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска (СДСМ) – министерка за труд и социјална политика и Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) – министерка за култура, Горан Милевски (ЛДП) – министер за локална самоуправа, Беким Сали од Алтернатива – министер за здравство, Јетон Шаќири (ДУИ) – министер за образование и наука, Бујар Османи (ДУИ) – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими (ДУИ) – министер за финансии, Крешник Бектеши (ДУИ) – министер за економија, Насер Нуредини (ДУИ) – министер за животна средина, Адмирим Алити од Алтернатива, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи од Алтернатива – министер без ресор задолжен за дијаспората.