Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Пари“ истражуваше каде е најевтино на море
Ова лето особено се вжештија цени на сместувањата во Грција. Како и да се оди, во приватен аранжман, или преку агенција, само за сместување во шпицот на сезоната, односно во првата недела на август, за оваа дестинација треба да се издвои значајна сума на пари. Од Грција, поскапа е Хрватска, но таа е и помалку посетувана од македонските граѓани. Што се однесува до Црна Гора, пристојни цени има на југот – во Улцињ, а потоа се „вжештуваат“ нагоре, по текот на крајбрежјето. Во Албанија се најниските цени.
Ова го покажува виртуелната прошетка низ сместувачките хотели што ја направи порталот „Пари“ користејќи ги податоците на Букинг. Побаравме понуди за 6 ноќи, односно од први до 7 август, за двајца возрасни со две деца – едно на 5 години и друго на 14 години.
Грција
Аранжманите за Грција, за првата недела на август, низ туристичките агенции се речиси распродадени. Има по некоја понуда „последна минута“, главно за некои подалечни дестинации, или пак за скапи хотели, каде една недела за четворица е околу 1.000 евра.
На Букинг платформата пак, најевтината понуда за познатите летувалиша за нашите граѓани ја најдовме во Лептокарија – 13.760 денари за 6 ноќи, за четворица, но за сместување кое има ниска оценка. Во Паралија не останало речиси ништо за нудење, па најниската понуда е 25.482 денари. Во Полихроно се нудат само две големи куќи – една за 80.662 денари, а друга за 220.843 денари за 7 дена. На Халкидики, најевтино е во Ханиоти – 32.995 денари. За Сарти нема ниту една понуда, во Неос Мармарас најниската е 47.566 денари. На островите, на Лефкада, едно четиричлено семејство може да помине една недела со најмалку 35.000 денари, а на Крф има поевтина понуда од 28.252 денари.
Црна Гора
Улцињ е познат по Велика плажа. Долга е 13 километри и таа е единствената со таков ситен песок во Црна Гора. А токму на ова плажа е можен одмор со едно од најевтините сместувања. Всушност, цените во Улцињ и во Албанија се многу слични. Во Улцињ најевтиното сместување за првата недела од август, за едно четиричлено семејство е 10.396 денари.
Сепак, најголемата асоцијација на одмор во Црна Гора е Будва. Таму треба да се платат најмалку 20.312 денари за 4 кревета за 6 ноќи. Во Тиват може да се најде сместување за 18.465 денари, а она што е интересно е што Петровец кој важеше за дестинација со поевтино сместување, сега поради големата побарувачка има цени како во Будва, па најевтиното сместување на Букинг е 23.266 денари.
Албанија
Во Албанија, во едно од најблиските летувалишта од нивната ревиера, лоцирано до нас – во туристичкото место Голем кое има плажа исто голема како и Улцињ, најевтиното сместување е 10.340 денари. Во Саранда, која излегува на Јонското море и која веќе станува омилена дестинација на нашите сограѓани, заедно со Ксамил, летувањето едно семејство за една недела ќе го чини најмалку 12.926 денари. Во Ксамил нема една недела во август под 16.619 денари. Исто, веќе препознатлива дестинација е и Валона, а таму може да се најде апартманско сместување и за 11.092 денари.
Хрватска
За Хрватска пак, првата асоцијација е Дубровник, а таму најевтиното сместување би чинело 44.316 денари. Интересно, но таму и не се најскапите сместувања. Во Макарска нема една недела под 61.156 денари, а во Сплит, најевтиното сместување е 109.867 денари.
КАДЕ ИМА НАЈЕВТИН БЕНЗИН?
Во услови кога цените на горивата ги уриваат рекордите, за оние кои одат со сопствен превоз, тие се многу значајна ставка. Податоците од globalpetrolprices.com покажуваат дека просечната цена на бензините е најевтина во Македонија, па така каде е да се оди најдобро е од тука резервоарот целосно да се наполни. Но секако, дали ќе има бензин за целото летување, зависи од далечината на дестинацијата и од тамошните прошетки.
На 25.07.2022 според globalpetrolprices.com важеле овие просечни цени за бензините:
ДРЖАВА ЕВРА/ ЛИТАР
Македонија 1,556
Црна Гора 1,590
Хрватска 1,764
Албанија 1,972
Грција 2,184