Приведен жител на липковско, шверцува над 1.000 парчиња разновидна стока
Полицијата вчера запленила поголема количина на разновидна стока без соодветна документација, откако во липковско во рутинска контрола било запрено комби „мерцедес спринтер“.
Како што соопшти МВР, околу 19:50 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Белановце при Регионалниот центар за гранични работи Север го привеле С.С. (36) од селото Гошинце, поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“ по член 278 од Кривичниот законик.
Во реонот на село Липково, полициските службеници дале знак за запирање на товарното возило, но возачот не застанал и продолжил кон селото Отља. По преземените мерки, возилото било запрено, по што бил извршен преглед.
„Во возилото биле пронајдени 320 парчиња текстил, 28 парчиња обувки, 350 парчиња техничка стока, 78 парчиња лекови, 76 парчиња козметика, шест делови за возила и 377 парчиња друга стока, сите без соодветна документација“, соопшти МВР.
За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово. По целосното документирање на случајот, против 36-годишниот маж ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.