Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Најголем број од средношколците во Североисточниот регион ја поддржуваат дигитализацијата на училишните и градски библиотеки, но сепак 66,7% немаат пристап до електронски книги.
Добар дел од нив не знаат дали во Македонија има дигитални библиотеки и не користат домашни или странски дигитални ресурси. Дури, 90,2% од нив сметаат дека дигиталното библиотекарство ќе ја подобри наставата, а 69,1% би се претплатиле на дигитални книги. Ова го покажува истражувањето на Кумановоњуз за процесот на дигитално библиотекарство и неговото влијание врз квалитетот на образованието на младите, во кое се вклучија вкупно 132 ученика од средните училишта во 6-те општини од Североисточниот регион.
Актуелизирање на прашањето за процесот на дигитализација на библиотекарството беше во фокусот на истражувањето во изминатиот месец, што го спроведе тимот на Кумановоњуз. Истражувањето се реализираше преку прашалник во ЕЦР форма, наменета за медиумите, а беа вклучени средношколците од училиштата во Североисточниот регион. Целта беше да го слушнеме мислењето на младите дали пристапот до дигитални библиотеки влијае на квалитетот на образовниот процес и успехот на учениците, особено за време на пандемија, далечинско учење и наметната потреба за што побрзо совладување на нови форми и дигитални алатки во наставата. Секако, и да ги согледаме потребите, можностите и предизвиците со кои се соочуваат средношколците, но и да ги истражиме дигиталните ресурси, пред се во нашата држава, до кои младите имаат пристап.
На прашалникот на Кумановоњуз одговорија вкупно 132 средношколци. Најактивни беа учениците од Куманово , Крива Паланка и Кратово, но во анкетата се вклучија и дел од учениците од помалите општини: Старо Нагоричане, Ранковце и Липково. Најмногу одговори добивме од учениците од средните училишта „Киро Бурназ“ од Куманово, потоа „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, „Наце Буѓони“, „Гоце Делчев“ и „Перо Наков“ од Куманово, „Митко Пенџуклиски“ од Кратово, како и „Исмет Јашари“ од Липково, а беа вклучени и ученици од овој регион кои учат во училиштата во Скопје и Штип.
Од одговорите може да се извлече генерален заклучок дека младите ја поддржуваат дигитализацијата на училишните и градски библиотеки, како и развивање на нови дигитални ресурси, но се уште малку ги користат постоечките платформи на дигитални книги, а добар дел од нив не ни знаат дали постојат во Македонија. Голем број од нив се уште не користат лектири во електронска форма, а оние што ги користат македонските извори најмногу ги посетуваат Македоника и Книготека. Ретко кој од средношколците користи е-читач, а само неколку ученици користат Киндл. Сепак, многумина од средношколците би сакале да имаат пристап до дигитални книги, особено ако се бесплатни, затоа што би биле достапни во секое време и позитивно би влијаеле на подобрувањето на квалитетот на образованието.
Пандемијата со ковид 19 предизвика огромни промени во образовниот процес и наметна потреба од брзо прилагодување на новонастанатите услови. Образовните институции, но и самите ученици мораа да се прилагодат на новиот начин на настава, но и на примена на дигитални алатки и усовршување на дигиталните вештини. Во овој процес се отвори и прашањето за пристап до задолжителната литература, но и до стручна литература, белетристика и други содржини за задоволување на љубопитноста на младите и нивен образовен и личен развој. Во услови на далечинско учење, училишните и градски библиотеки останаа и се достапни до учениците.Но, за да ја обезбедат потребната или друга литература, сега тие треба специјално да одат до училиштето или до градските библиотеки, што само по себе повлекува дополнително време. Познавајќи ги навиките на добар дел од учениците, пак, многу е веројатно дека тие нема да го сторат тоа и попрво нема да ја прочитаат потребната книга, отколку да одат до библиотеките. Често бараат други начини и се снаоѓаат, а некои од нив и не ги завршуваат домашните задачи.
Одговорите од анкетата се совпаѓаат со посочените предизвици и наметуваат потреба од популаризирање на дигиталното библиотекарство и развој на македонски дигитални ресурси, во кои треба да бидат вклучени институциите и јавноста.
На нашата анкета од вкупно 132 испитаници, 71,1% одговориле дека редовно читаат лектири, додека 28,9% од нив не читаат или тоа го прават само повремено. Средношколците ги набавуваат лектирите главно од училишните библиотеки (близу 40%), но не заостануваат многу и градските библиотеки од каде лектири набавуваат 32% од средношколците. На интернет лектири наоѓаат 27,7%, а останатите се снабдуваат преку книжарници, на саеми или едноставно не читаат лектири. За 81,1%, книгите им се достапни цела недела во работното време, а само 18,9 % одговориле дека немаат пристап до библиотеките во текот на работните денови. Најголеми проблеми при обезбедувањето на лектирите за учениците е што нема доволно изданија и ги нема сите лектири и книги, како што посочиле 73,7 % од испитаниците, а 20,7% посочиле дека им е проблем краткото изнајмување на книгите. За некои е проблем што живеат во рурални општини и треба да патуваат за да стигнат до библиотеките, а останатите, пак, не се сретнале со никаков проблем при изнајмувањето на лектири и книги.
На прашањето дали ви се достапни дигитални библиотеки само 33,3% одговориле потврдно, додека 66,7% од учениците одговориле дека немаат пристап до нив. Она што е интересно е што добар дел од нив не ни знаат дека има дигитални библиотеки и дека можат да ги користат на компјутер или со симнување на апликација. Најчесто одговори се: не сме слушнале за дигитални библиотеки, не постојат такви, не можам да ги најдам, не знам, не користам, не ме интересира, итн, но има и такви кои одговориле: немам компјутер, не се отвораат книгите, нема доволно нови изданија и сл. Најпоразително е што, пак, некои од нив прашуваат што се тоа дигитални/електронски книги.
Од претходните одговори може да заклучиме дека голем дел од средношколците не знаат дека постојат дигитални библиотеки. Затоа, логично го поставуваме прашањето: „Има ли дигитални библиотеки во Македонија?“.
Во овој контекст, поставивме и едно трик прашање за тоа колкумина од нив ги користат дигиталните изданија на страницата makedonskijazik.mk. Притоа, треба да објасниме дека на оваа страница нема дигитални книги. Навистина има стручна и опсежна обработка на делата, се посочува идејата , темата, сижето и ликовите , има извадоци од книгите од што ученикот може многу да научи, но ја нема целата содржина на лектирите. Сепак, најголем број од учениците, поточно 34,6%, го користат токму овој сајт за обработка на делата и пишување на зададените задачи.
Од оние што имаат пристап до дигитални ресури ,пак, 29,5% ги користат услугите на дигиталната библиотека на Фондацијата Македоника, која засега е првата и единствена македонска дигитална платформа. Исто така, 19,2% од учениците се членови или ги користат изданијата на првата македонска дигитална книжарница Книготека, а неколкумина одговориле дека ја посетуваат страницата на poezijanoci.com и слично.
Забележително е што средношколците од Североисточниот регион многу ретко или речиси воопшто не ги користат странските дигитални библиотеки. Само 3,2% од нив одговориле дека ја користеле Отворената јавна библиотека на САД (Open Internet Archive), а само еден ученик користи Novel free read. Ова зборува дека јазичната бариера се уште е огромен проблем за најголем број ученици, но не е исклучено и да немаат доволно вештини да ги пронајдат овие отворени ресурси и да го користат нивниот библиотечен фонд и поволности.
Оние што користат дигитални библиотеки, пак, имаат поделени мислења околу тоа кои книги потешко се наоѓаат во дигитална форма. За 50,7% недостасуваат дигитални дела на странски автори, а 49,3% сметаат дека нема доволно дигитализација на книгите од домашни автори.
На сериозно размислување наведува и прашањето дали средношколците користат Киндл, најпознатиот е-читач на Амазон. Дури 93,3% одговориле негативно, што го наметнува прашањето за интересот на младите кон читањето. Ако знаеме дека Киндл е најсофистираниот уред за дигитални книги, а притоа е достапен и во Македонија, по пристапни цени, повеќекратно пониски од модерните смарт телефони што масовно ги користат средношколците, проблемот мора да го бараме во самите вредносни профили на младите. Дел од нив не слушнале за Киндл, а многу ретко користат и други е-читачи или апликации на одредени дигитални библиотеки.
ВЛИЈАНИЕТО НА ОНЛАЈН ЛИТЕРАТУРАТА НА УСПЕХОТ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
Учениците се поделени и околу прашањето дали недостигот на онлајн литература придонел за послаби оценки. Вкупно 47,9% одговориле дека тоа немало никакво влијание, 34,5% сметаат дека ова негативно се одразило врз нивниот успех, затоа што не можеле да дојдат до потребната литература, а 17,6% потврдиле дека имале разбирање од професорите, кои им „прогледале“ низ прсти кога не можеле да ги набават потребните изданија. Поголем дел од средношколците имале помош и поддршка од професорите и при набавката на лектирите, тие им препорачувале каде можат да ги најдат и се обидувале да изнајдат решение за да се надмине проблемот. Помал број ученици, пак, навеле дека професорите ги оставале сами да се снаоѓаат. Сепак, најважно е што 85,6% од учениците немале други проблеми во наставата поради недостигот на дигитална литература. За 49,3% од средношколците ниту пандемијата не влијаела на намалување на нивното читање, но дури 50,7% одговориле дека поради здравствената криза го намалиле читањето, што е повторно прашање вредно за дискусија.
Од анкетата заклучуваме дека младите генерално ја поддржуваат дигитализацијата на библиотеките. Дури 90,2% сметаат дека дигиталното библиотекарство ќе го подобри квалитетот на наставата и воопшто на образованието, а 67,4% би се претплатиле на дигитални книги. Главните причини се што ќе им се обезбеди брз, ефикасен и неограничен пристап до книгите, во секое време, без да го загрозуваат своето здравје за време на пандемија. За нив ова е многу практичен начин за читање од компјутер или мобилен телефон, како и читање на други јазици, односно на оригиналниот јазик на кој авторот ја пишувал книгата.
„Противниците“ на дигиталното библиотекарство, пак, што не би се претплатиле на дигитални книги , како причина навеле дека ништо не може да ја замени физичката книга во хартиена форма и задоволството што го предизвикува. Има и мислења дека дигитализацијата нема да влијае врз подобрување на образовниот процес, како и дека дел од учениците немаат дигитални уреди.
Сепак, и најголем дел од скептиците би ги прифатиле дигиталните книги само ако пристапот до нив е бесплатен. „Ако е за плаќање, која е поентата? Работата е за секого да биде можност плус. Ако е бесплатно, ќе се подобри пристапот до многу материјали и изданија, со што ќе се зголеми и литературното и сеопфатно ментално градење на учениците“, посочува еден ученик.
Со овој став би го завршиле и нашето истражување за придонесот на дигиталното библиотекарство во образовниот процес, кое отвори повеќе прашања и предизвици во поглед на навиките и потребите на учениците. За таа цел, Кумановоњус во следниот период ќе објави и други текстови кои се однесуваат на повеќе аспекти од процесот на дигитализација на библиотечниот фонд, потребните ресурси, достапните платформи, алатки и слично.
Тим на Кумановоњуз
(Image by Gerd Altmann from Pixabay)