×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Инклузивното образование во Македонија - чекор напред или враќање на старите модели

    14.09.2024 20:06 | Жаклина Цветковска

    Иклузивното образование во Македонија последните години стана клучен аспект на образовните реформи, насочен кон целосна интеграција на деца со попреченост во редовното образование.

    Инклузивното образование во Македонија - чекор напред или враќање на старите модели

    Сепак, предизвиците во обезбедувањето квалитетна образовна поддршка за учениците со посебни образовни потреби остануваат и понатаму. Со најавата на Министерството за образование и наука (МОН) за нови промени во инклузивната настава, пак, се поставува прашањето дали овие измени ќе доведат до напредок или ќе значат враќање на старите модели.

    Зголемен број на образовни асистенти, од 2025 и во средните училишта

    МОН најави значителни промени за новата учебна година 2024/25. Со цел подобрување на квалитетот на наставата за учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1000 образовни асистенти, што претставува најголем број досега.

    „Во наставата во редовните основни училишта се вклучени околу 2000 ученици со попреченост, додека во средните училишта бројот е околу 300. Постои недостаток на образовни асистенти и токму затоа во новата учебна година ќе бидат ангажирани над 1000 стручни лица“, информираат од МОН.

    Оттаму велат дека новиот закон за средно образование, кој се подготвува во моментов, предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта, а државните средни училишта за деца со попреченост ќе се трансформираат во средни училишта со ресурсни центри.

    Министерката Весна Јаневска најави дека образовните асистенти ќе бидат достапни за средношколците од јануари 2025 година. До јуни 2025 година, пак, се очекува целата постапка за образовни асистенти да биде готова заедно со пакетот од шест закони кој се подготвува.

    „Децата со посебни образовни потреби не треба се идентификуваат со нивната дијагноза, туку со потенцијалите што со помош на образованието ги развиле, а при носењето конкретни решенија прв партнер на МОН ќе бидат родителите“, посочи Јаневска.

    Искуства на родителите и образовните асистенти

    Родителите играат клучна улога во процесот на образовната инклузија на децата со попреченост. Тања Ѓорѓевиќ од Куманово, мајка на дете со физички хендикеп, кој веќе втора година има образовен асистент, го споделува своето искуство со Кумановоњуз.

    „Моето дете работи со образовен асистент согласно индивидуалниот образовен план (ИОП). Многу сум задоволна од неговата инклузија. Сите во училиштето го обожаваат , од служителката до директорката. Тој е одлично прифатен и од соучениците и од наставничката. Има посебно столче прилагодено на неговите потреби, а асистентот е исклучително посветен. На роденденот му дојдоа сите од училиштето, и тие го канат на нивните родендени. Грижата е толку голема што училницата не ја промениле заради неговото здравје. Не само што не е дискриминиран, туку на некој начин е и привилегиран,“ истакнува посветената мајка.

    Таа е особено задоволна што детето, кое има физички хендикеп, редовно учествува и на часовите по физичко воспитување, каде наставникот има изработено посебна програма прилагодена на неговите способности. Сепак, смета дека изборот на образовни асистенти не треба да биде на МОН, туку на училиштето кое ги познава децата и знае кој профил на асистент би им одговарал најмногу.

    „Моето дете има проблеми со моториката и најдобро би било да има дефектолог и логопед како стручни лица кои ќе го поддржат неговиот развој. За жал, логопедите не се вклучени во оваа асистенција. Дополнително, долгото чекање за Комисијата за Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) е голем проблем. Пет месеци чекавме на повик, што внесува неизвесност дали ќе добиеме решение за образовен асистент до почетокот на учебната година“, додава Ѓорѓевиќ, активна членка на фејсбук групата за родители на деца со попреченост во Македонија.

    Образовните асистенти, исто така, се соочуваат со предизвици во својата работа. Валентина Јовевска, образовен асистент во ООУ „Илинден“ Крива Паланка, нагласува дека успешната инклузија зависи од емоционалната поддршка што асистентот ја обезбедува за ученикот .

    „Емоционалната поддршка ќе го доведе до успех и ќе му даде сигурност на ученикот додека е во училиштето, како и за совладување на потешкотиите. А нив ги имаат сите ученици, без разлика дали се со типичен или атипичен развој , само некој ги совладува полесно, некој потешко. Но, учениците со попреченост имаат повеќе задачи што треба да ги совладаат, и затоа помошта и насочувањето од образовниот аситент за да се вклучи во сите активности е многу значајна “, смета Јовевска.

    Таа вели дека е многу е важна и сигурноста кај родителите дека нивните деца соодветно се згрижени, но особено истакнува дека за успешната инклузија е потребна комуникација со останатите ученици и со наставникот.

    „Овде е многу важна улогата на образовниот асистент кој помага да се изгради инклузивна клима во одделението, да се поттикне ученикот со попреченост да споделува и да манифестира свои чувства и знаење, но и да учи многу побргу и полесно со своите соученици, не само од асистентот и од наставникот“, посочува Јовевска.

    Најавените измени- чекор напред или назад?

    МОН најави дека ќе има измени во инклузивното образование, што ќе биде предмет на јавна дебата со вклученост на родители, наставници и стручни лица. Јаневска изјави дека можноста родителите да одберат дали нивните деца ќе посетуваат редовна настава или училиште со ресурсен центар ќе биде разгледана во јавната дебата. Владата, исто така, предлага враќање на специјалните училишта за деца со мултихендикеп и повисока интелектуална попреченост, што предизвика различни реакции во јавноста.

    Благица Димитровска, претседателка на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и мајка на лице со попреченост, се спротивставува на враќањето на специјалните училишта.

    „Специјалните училишта имаа застарени програми и учениците не можеа да најдат вработување. Но, најпроблематично е што со овој начин на образование се губи семејната врска. Од една страна биолошкото семејство губи осет за дететето кое е сместено во специјално училиште, а исамото дете се одалечува од родителите“, објаснува Димитровска, која три години работела на адаптација на училиштата за инклузивниот образовен систем. Во Куманово 5 училишта биле опремени со сензорни соби, игралишта и тоалети, а 48 во целата држава. Според неа, мора да има целосна инклузивност во образованието за учениците со попреченост, ако сакаме да има инклузија и во другите области.

    „За жал, погрешно се сфаќа инклузивното образование и сега има поголем отпор , отколку порано кога немаше специјални едукатори и обучени наставници, а децата со попреченост одеа во редовна настава и завршија и средно образование“, вели Димитровска.

    Таа смета дека сегрегацијата се прави во училиштата и од возрасните, а не од децата кои немаат никакви предрасуди .

    „Секое дете има различни потреби и секому му е потребна индивидуална поддршка и индивидуален пристап во образованието, без разлика дали детето е со типичен или атипичен развој. И децата со типичен развој имаат бенефит од инклузивното образование, ги сфаќаат и прифаќаат разликите , учат едни од други, ние возрасните ги правиме разликите. Секој почеток е тежок, треба да се прилгодиме. Сите треба да ја вршат својата обврска-образовните асистенти, специјалните едукатори, наставниците, инклузивните тимови за да се спроведува функционално инклузивно образование“, категорична е Благица.

    МОН не одговори на нашето прашање колку средства се потребни за предвидените реформи. Но, инвестицијата во обука, инфраструктура и поддршка е од суштинско значење за изградба на  општество што ги почитува и интегрира сите свои членови, без разлика на нивните индивидуални потреби. Потребно е внимателно разгледување на најавените промени и вклучување на сите засегнати страни во процесот на донесување одлуки, за да се осигура дека инклузивното образование ќе ја постигне целта и ќе носи корист за сите ученици.

    Со овој текст, Кумановоњуз се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.