×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Самостојна локална градежна инспекција – предуслов за спречување корупција

    30.06.2022 10:28 | KumanovoNews

    Со одвојување на инспекциските служби од локалната власт, преку редовна контрола и санкционирање за непочитување на законите, до намалување на ризикот од корупција во градежниот сектор

    Самостојна локална градежна инспекција – предуслов за спречување корупција

    Влијанието и моќта на градоначалниците, партиите и бизнис групациите претставуваат висок ризик за корупција и запоставување на јавниот интерес при инспекцискиот надзор  во сферата на урбанизмот и градежништвото.

    Локалните градежни инспектори (како впрочем и сите локални инспектори), според законот се независни во постапувањето, но во исто време, тие за својата работа одговараат пред градоначалниците. Фактот што градоначалникот им е, и работодавач и налогодавач на инспекторите, сам по себе е спорен од повеќе аспекти и во најмала рака претставува класичен судир на интереси. 


    Едновремено, добрите познавачи на состојбите, сметаат дека секој чекор од планирањето, до изградбата на еден објект, има точки/ ризици за корупција. Самата постапка на донесување на генералните урбанистички планови (ГУП), а посебно на деталните урбанистички планови  (ДУП), и нивните измени и дополнувања кои најчесто ги финансираат инвеститорите, се сами по себе ризик, бидејќи тие најчесто се вршат според нивните желби и потреби. Инвеститорот секогаш има цел да добие што е можно повеќе корисна квадратура, притоа не водејќи сметка за стандардите на градење и за јавниот интерес, воопшто. Градоначалникот го издава одобрението за градење, но тука не завршуваат ризиците/ манипулациите, затоа што инвеститорот има право да побара измени на планот во текот на градењето, и тогаш всушност се случуваат најголемите злоупотреби, па така на пример, четирикатница прераснува во седумкатница, итн. 

    Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Нури Бајрами, како главен ризик од појава на корупција и судир на надлежности во урбанистичкото планирање ги смета големите дискрециски овластувања на градоначалниците. Тие, едновремено одлучуваат за изборот на изработувачи на плановите и ја формираат комисијата за евалуација на понудите.

    „Членовите на советот на општината и јавноста немаат законска можност да бидат вклучени во овој дел од процесот на урбанистичкото планирање, па градоначалникот на општината има големи дискрециски овластувања и влијанија во постапката за избор на изработувач на урбанистичкиот план, што претставува ризик од појава на корупција и судир на интереси“, истакнува Бајрами.

    Душица Трпчевска Анѓелковиќ, вешто лице од областа на архитектурата, наведува дека фактот што за секоја констатирана неправилност, отстапување од проектот и друго, инспекторот мора да добие налог за дејствување од градоначалникот, значи дека надлежноста на инспекторот завршува со изготвување записник. 

    И поранешниот раководител на Секторот за инспекциски надзор на Град Скопје, Горан Трајчевски, смета дека проблемот со независноста на локалните инспектори лежи во нивната поставеност односно во тоа што работодавач на градежниот инспектор во локалната самоуправа му е токму градоначалникот.

    „Според мене тоа е еден наследен систем, систем кој функционирал на овие простори, меѓутоа и новите модели, и новите пракси кои ги гледаме во некои европски држави и во некои посредни демократии, говорат дека инспекцискиот орган треба да биде независен, бидејќи квалитетот на работењето ќе произлезе исклучиво од независноста на инспекторот“, заклучува Трајчевски.

    Според Законот за инспекциски надзор, професијата инспектор, во конкретниот случај градежен инспектор е токму така пропишана, замислена и поставена - инспекторот е независен во одлучувањето, во спроведувањето на законите, постапувањето, пишувањето на записникот, констатирањето на неправилностите, извршувањето на решенијата и др. Меѓутоа, заклучува Трајчевски, влијанието секогаш ќе постои кога инспекторот „на крајот од денот завршува кај својот работодавач, односно кај градоначалникот на матичната општина“. 

    „Зависноста на градежните инспектори од градоначалниците може да биде проблематично ако тие, градоначалниците, ги принудуваат да дават дозволи без притоа да се исполнети сите барања и стандарди за градба, според закон и според постојни правила и пракси во државата. Некогаш, влијанието на градоначалниците врз градежните инспектори може да биде позитивно, ако градоначалниците се убедени и работат напорно за да се исполнат сите стандарди според законите“, смета Аријанит Џафери, еко-активист и ко-основач на Еко Герила од Тетово.

     Сепак, за него најпроблематичен е недоволниот број инспектори во градежните инспекциски служби на локално ниво, но и воопшто во другите инспекциски служби во општините. 

    Ова го потврдуваат и податоците  со кои располага НВО Инфоцентарот,  кој во изминатите неколку години во континуитет ја анализира поставеноста и работата на локалните инспекциски служби. Во општините во државава има само околу 55 лиценцирани градежни инспектори и оваа бројка ни оддалеку не е доволна за општините да можат ефикасно и ефективно да одговорат на потребите на граѓаните.

    Спроведување на законите основа за борба против корупцијата

    Доследното спроведување на постојните закони од страна на општинските инспектори ќе ја намали корупцијата во градежништвото и урбанизмот, смета Џафери, но како што вели, за ефикасно и неселективно спроведување, инспекторите треба да имаат поголеми надлежности односно да можат да пишуваат казни, да го запираат градењето доколку утврдат дека е незаконско и притоа, да се чувствуваат безбедно за нивниот живот и здравје. 

    И Трпчевска Анѓелковиќ смета дека доколку доследно и неселективно се спроведуваат законите, корупцијата ќе се намали, но само до определен степен, затоа што, „влијанието на нивните претпоставени (градоначалниците) и натаму останува како проблем и претставува можен ризик за корупција“.

    Трајчевски, пак, смета дека и покрај тоа што можеби не е јасно утврдена надлежноста кај повеќе материјални закони, ако инспекторот има интегритет, ако е искусен, ако добро ги владее и практикува законите, тогаш несомнено може солидно да ја извршува својата работа. 

    „Од 2019 го имаме Законот за инспекциски надзор, кој е „абецеда“ за работењето на општинските инспектори. Ако се почитува овој закон и сите останати закони, ако се работи по нив, можно е да се дојде до квалитетни решенија, да се намали корупцијата односно целосно да се тргне влијанието на инвеститорите, кои исто така, се ризик за корупција. Меѓутоа, повторно го затвораме кругот и доаѓаме до почетокот -  инспекцијата не е самостоен орган, особено не општинската инспекција. Значи, треба да работиме во насока на осамостојување на локалните инспекциски служби“, заклучува Трајчевски.

    Преку реформи до независни локални инспекциски служби

    За дел од познавачите на состојбите во општините, реформите во  насока на зајакнување и осамостојување на локалните инспекциски служби се нужност. Законот за локална самоуправа им дава можност на општините да организираат инспекциски служби за работите од нејзина надлежност, но притоа законот не прави разлика меѓу мала и голема општина односно меѓу општина со 100.000 жители и 200 вработени, и општина со 5.000 жители и 10 вработени. Едноставно, малите општини немаат ниту  материјални, ниту кадровски капацитети да ја извршуваат оваа функција. 

    Имајќи ги предвид сите посочени проблеми, во моментов во експертските кругови се дискутира за некои можни решенија, како на пример, регионализација на инспекциските служби или централизација на национално ниво.

    Нашите соговорници, Џафери,  Трпчевска Анѓелковиќ и Трајчевски се согласни дека одвојувањето на локалната инспекциска служба од општините е потенцијално решение за коруптивните дејствија.

    „Сметам дека може да биде добра идеја да се одвои локалната инспекциска служба од општините, како и дополнително да се зголемат нивните надлежности. На ваков начин, инспекторите ќе бидат во состојба подобро и целосно да ги спроведуваат законите“, вели Џафери.

    Трпчевска Анѓелковиќ смета дека централизацијата може да донесе одредени подобрувања, но тоа значи дека инспекциските служби би биле под надлежност на централната власт, со што ризиците не се исклучени односно само се пренесуваат на друго ниво. 

    „За вистинско решавање на проблемот со корупција неопходен е системски пристап, на сите нивоа на владеење и одговорност - од највисоко, национално, до најниско, локано ниво. Секое друго парцијално решение , нема да ги спречи ризиците од корупција“, посочува таа. 

    Според Трајчевски, осамостојувањето на локалните инспекциски служби е можеби најавангардната идеја која треба да произлезе во наредниот период: „Ова го велам имајќи го предвид моето долгогодишно работење во инспекциите на локалната самоуправа, досегашното искуство и фактот дека работите најдобро ги согледувате кога ќе ги почувствувате на сопствена кожа и во секојдневното работење. Значи, де факто нам ни треба осамостојување на инспекциската служба односно целосно тргање од рацете на градоначалниците“.

    Антикорупционерот Бајрами, пак, вели дека веќе долго време се укажува и се размислува за обезбедување самостојност на општинските инспектори во извршувањето на нивните надлежности и работни задачи пропишани со законот и актот за систематизација на работните места. 

    „Исто така, веќе долго време се работи на донесување нов закон за градење каде би требало да се најде правна можност за зајакнување на положбата на општинските инспектори, но се уште е во тек и се уште нема на повидок некој предлог познат за јавноста. Дали ќе биде одвојување на инспекциските служби од локалната самоуправа, зајакнување на нивниот правен статус преку проширување на надлежностите на инспекцискиот совет спрема општинските инспектори, треба да се чека на отворање на јавната дебата за новиот закон за градење“, посочува Бајрами. 

    Мислење за издвојувањето на инспекциските служби од локалните самоуправи побаравме и од Инспекцискиот совет на РСМ, од каде добивме одговор дека во моментов се подготвува анализа на досегашната примена на Законот за инспекциски надзор и дека со неа ќе бидат опфатени и прашањата за самостојноста и ефикасноста на локалните инспекциски служби.

    Оваа новинарска сторија е подготвена од Борис Куноски и Ангела Рајчевска,  ангажирани од НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во оваа новинарска сторија им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.