Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Не можеа да ме спречат ниту сериозните здравствени проблеми да не отидам на патрониот празник во манастирскиот комплекс во нашето кумановско Матејче, да присуствувам на чинот на сечење на славскиот колач и повторно да ги слушнам црковните ѕвона.
Тоа е мој порив и мој завет, ни рече Јасмина Зисовска, историчарка на уметност во пензија од НУ Музеј Куманово и Управата за заштита на културното наследство, позната како голем борец за заштита на црквата „Успение на Света Богородица“ во Матејче, прогласена за културно добро во опасност. Заедно со останатите верници, најголем дел по потекло од селото Матејче, раселени по воениот конфликт од 2001 година, Зисовска и овој 21 септември беше во манастирската црква, почитувајќи ја долговековната традицијата на локалното население кое со огромна љубов е посветено на овој храм што се наоѓа во многу незавидна состојба. Зисовска, крајно емотивна кога станува збор за ова исклучително културно наследство, на пошироката јавност и стана позната пред 4 години кога на својот фејсбук профил објави видео како го влече јажето на црковното ѕвоно кое силно одекнува низ импозантниот, но руиниран црковен простор, прашувајќи „За кого ги бијам камбаните, ќе ме чуе ли некој?“
„Се додека ме држат нозете ќе одам во Матејче и ќе ги бијам камбаните, ќе бијам се додека не ме чуе некој“, со растреперен глас потенцира Зисовска.
Пропаѓа најголемиот насликан ансамбл од 14 век во Македонија
Манастирот во Матејче е посветен на „Успение на Св. Богородица“. Оддалечен е 32 км од Куманово, 7 км од селото Матејче, сместен на падините Скопска Црна Гора, во општина Липково, до кој може да се стигне само со теренско возило. Ја има една од најмаркантните цркви меѓу средновековни византиски споменици во Македонија и на Балканот од средината на 14-от век, изградена околу 1345-46 година. Црквата е подигната непосредно пред смртта на српскиот цар Душан, а по неговата смрт, неговата сопруга Елена која се смета за ктиторка, заедно со неговиот син Урош, ја доградиле и живописале. Го содржи најголемиот насликан ансамбл на византиската уметност од 14 век на македонската територија и е ремек-дело на дворскиот стил карактеристичен за палеологовската епоха. Манастирот бил и еден од главните книжевни центри од 15-19 век, познат како Жеглиговски манастир, каде творел големиот книжевник Владислав Граматик, а во него престојувал и Кирил Пејчиновиќ.
„Од досегашните наоди, заклучуваме дека овој објект е изграден врз темели на постара црква од античко време, од римскиот период, бидејќи на јужната врата во подножјето е вградена римска стела со римски натпис“, вели Славица Крстиќ, историчар на уметност, советник во НУ Музеј Куманово, авторка на монографијата „Цркви и манастири во Жеглигово“.
За жал, иако се работи за колосален објект прогласен за споменик на културата уште од 1953 година, исклучително значаен од повеќе аспекти, денес тој се наоѓа во загрижувачка состојба и е прогласен за културно добро во опасност. Не помогнаа ниту интервенциите и одредени инвестиции од државниот институции во изминатите години, поради вандалските упади и уништување на непроценливите вредности на манастирот.
„Меѓу најсочуваните фрески се оние на северниот ѕид каде можат да се видат 4 зони на сликарството. Во првата зона се насликани светите војници, во втората има сцени со дела апостолски, а во 3-та и 4-та зона се дела од страдањата Христови и чудата и параболите на Христос. Во централната апсида се наоѓа Богородица од која, за жал, не е сочувано речиси ништо“, објаснува Крстиќ.
Скриена убавина - недостапна за посетителите
Црквата во Матејче е еден од двата споменика, заедно со Коџа Мехмед Беј џамијата во Табановце, кои се дел од проектот „Скриена убавина“, што го реализираа НУ Музеј Куманово, ЛАГ Абер 2015 и Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
„Самиот проект опфати изработка на два сајта посветени на двата објекти на кои може да се најдат податоци за нив, има фотографии и има 3Д дигитализиран разглед. Исто така, беше изработен и документарен филм сконцентриран на нивното значење и вредност. Станува збор за објекти кои имаат непроценливо културно, историско , ликовно и архитектонско значење“, посочува Марија Миљуш- Божурска, директорката на НУ Музеј Куманово.
Таа потенцира дека како објекти кои се заштитени со закон, а за кои постојат индикации од понатамошно оштетување и уништување и целосно нарушување на интегритетот, мора да се преземат конзерваторски превентивни мерки за да може ова културно-историско богатство да се заштити.
„Како активни чинители треба да се потрудиме да ги заштитиме, прво да ги ревитализираме, а после тој долготраен процес да ги вклучиме во општествено-економските текови, зашто општината, локалното население и државата би имале корист доколку тие бидат во функција на културниот и верски туризам“, подвлекува Миљуш - Божурска.
Од ЛАГ Абер 2015, велат дека проектот има за цел да укаже на уникатноста на овие објекти, но и на фрапантната негрижа од страна на институционалниот систем на заштитата на културното наследство.
„Со проектот сакаме да ги доближиме двата исклучителни средновековни споменици до обичниот човек, најмногу поради тоа што се тешко достапни до добронамерните посетители. Но, и да алармираме дека несоодветниот однос на надлежните институции ќе доведе до нивно целосно руинирање и уништување“, истакнува Дејан Ѓорѓиевски, претседател на ЛАГ Абер 2015.
Империјален споменик - ремек дело во архитектонска, ликовна и естетска смисла
Документарен филм „Скриена убавина“ е инспириран токму од големото дело на Зисовска, а исклучителните вредности на овие споменици, особено на манастирот Матејче, во документарниот запис ги нагласува и проф. д-р Елизабета Димитрова од Институтот за историја на уметност на Филозофскиот факултет.
„Манастирот Матејче е единствен споменик од средината на 14-век во византискиот културен круг. И тоа зашто е мавзолејска црква, подигната како меморијален објект на српската царица Јелена. Потоа, претставува и еден авангарден модел на архитектонска структура затоа што го содржи најголемиот сликан ансамбл во Македонија во 14 век, вториот по големина на сликаната програма на Балканскиот полуостров“, објаснува Димитрова.
За неа овој споменик е ремек дело и во архитектонска, и во ликовна, и во естетска смисла, со колосални димензии, ремек дело на византиското сликарство. Главната поента зошто Матејче е неповторлив во византиската уметност, вели, е неговата енциклопедиска програма. Се што припаѓа на византиската иконографија ќе го најдете во Матејче. Врз основа на иконографските карактеристики, таа го датира живописот помеѓу 1348-1352 година, особено во грандиозната ктиторска композиција каде се претставени ктиторката царицата Јелена, нејзиниот син Урош, како и српскиот цар Душан и српскиот патријарх Јаники. За Димитрова оваа ктиторска композиција има многу силна, моќна политичка порака која се однесува на единството и слогата меѓу српската држава и црква , чиј член географски тогаш била и македонската територија.
„Ако го изгубиме Матејче, губиме еден империјален споменик . Ова е втора по големина црква во Македонија, после катедралата Света Софија во Охрид. Има многу сензибилен, деликатен ликовен јазик, кој не можете да го сретнете во многу споменици. Тоа е многу светло, многу поетски натопено сликарство, многу софистицирано“, децидна е Димитрова.
Запуштено наследство на Џамијата Коџа Мехмед Беј во Табановце
Џамијата Коџа Мехмед Беј во Табановце, оддалечено 12 км од Куманово, е карактеристична за почетоците на Османлиското владение на македонските простори, градена е во византиски стил и е многу значајна за исламската архитектура кај нас. Изградена е кон крајот на 16 век, а денес е запуштена и загрозена од понатамошно руинирање поради нејзиното неодржување, иако е прогласена за значајно културно наследство на Македонија.
„Нема прецизни податоци од кога датира џамијата, но според вакафнамето на великиот везир Коџа Синан паша, кој имал свој имот и во Качаник, се дознава дека тој имал имот и во Табановце, т.н. Хоџа бегов имот . Вeројатно е подигната во 1586 година или најдоцна до 1596 година, а ктитор бил неговиот син Хоџа Мехмед Беј по кој и џамијата го носи името“, објаснува Крстиќ, авторка на монографија за џамијата и на изложбата „Исламските сакрални споменици во Кумановско од Османлиски период“.
Иако е доста руинирана и напуштена, запазена е во целост. Се карактеризира со едноставна композиција и складни димензии. Припаѓа на типот еднокуполи џамии, каква што е и кумановската џамија Татар Синан Бег, а градена е од наизменично поставени редови обработен камен и тула. Начинот на градење и употребениот материјал и даваат живописен изглед на џамијата. Припаѓа на т.н. класичен стил од периодот на најголемиот подем на Османлиското царство и е еден од објектите од богатото исламско културно наследство.
„Џамијата претставува редок пример на џамии од раноосманлискиот период и е градена во византиски стил. Жалосно е што е прогласена за споменик на културата дури во 2009 година, досега никој не се грижел за оваа џамија“ појаснува Крстиќ.
Таа вели дека многу тешко може да се пристапи до неа поради запуштеност и обраснатост со вегетација. Се наоѓа во нива на местото викано Чифлик, од лева страна на автопатот Скопје – Белград, во непосредна близина на македонско - српската граница, кој ги разделува објектите, така што на едната страна се џамијата и амамот, а на другата, турбето.
„Со години се гледа урнатиот врв на минарето, кое има богата сталактитна декорација на шерефето, односно балконот на минарето. Во внатрешноста, на јужниот ѕид во средината се наоѓа михрад свето место, исто украсен со сталактитна декорација која не е целосно сочувана. На северниот ѕид , пак, можат да се видат траги од махвил-галерија на кат за молитва на жените“, појаснува Крстиќ.
Со оглед на тоа што Куманово е мултиетнички град, а некои општини како што е Липково, каде се наоѓа манастирот Матејче, е со исклучиво муслиманско (албанско) население, додека Табановце каде е џамијата има доминантно христијанско население (Македонци и Срби), неминовна е културна соработка и поврзаност за вакви значајни културно – историски обележја на два средновековни периоди од развојот на историјата на уметноста- византиски и поствизантиски.
„Најдобар начин за ревитализација на овие два заначајни споменици, првенствено е поддршката од државата за нивна обнова, конзервација и реставрација на архитектурата и фрескосликарството. Меѓутоа, не само државите институции, треба иницијатива и од локалните власти, кои треба да бидат во постојана координација со националните музејски и конзерваторски центри“, посочува Крстиќ.
За да се најдат на мапата на туристичките рути, пак, двата средновековни споменици првенствено треба да имаат обезбеден пристап, целосна ревитализација, како и обезбедени чуварски служби, водич, пропаганден материјал и туристичка промоција. За тоа е потребен сеопфатен проект со вклученост на сите релеватни чинители, многу посветеност и секако страст и желба за зачувавување на непроценливата културно-историска вредност каква што има пензионираната историчарка на уметност Зисовска.
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.