×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Учебниците стигнаа, квалитетот под лупа на експертите, најавенатa ревизија отвoра нови дилеми

    19.09.2024 23:09 | Жаклина Цветковска

    По цели седум години, учебната 2024/25 започнува со навремено испорачани учебници во сите училишта во државата, најави министерката за образование и наука (МОН) Весна Јаневска на почетокот на наставата.

    Учебниците стигнаа, квалитетот под лупа на експертите, најавенатa ревизија отвoра нови дилеми

    Годинава се обезбедени 10-тина нови наслови во основното образвание, а во средното, пак, за првпат се  испечатени над 100 нови учебници. Испорачани се над 360 илјади примероци од сите учебници во училиштата.  МОН најави дека учебници ќе има за сите одделенија, освен учебници за странски јазици, додека дел од учебниците на јазиците на заедниците и понатаму ќе бидат достапни само во електронска форма.

    „Учебникот е основно помагало за совладување на наставната материја и недозволиво е да не постои,односно да не им биде достапен на учениците. Новото раководство затекна лоша  ситуација во основното и средното образование кога се во прашање учебниците, па и повеќе други аспекти. Во изминатите два месеца беа набавени и испечатени сите одобрени учебници и наставни материјали кои се во форма на учебници и се навистина квалитетни“, посочуваат од МОН.

    Последици од недостигот на учебници 

    Иако новата ситуација изгледа охрабрувачка, предизвиците од минатото не се заборавени. Последиците од големиот недостиг на учебници продолжуваат да се чувствуваат, а едукаторите и родителите изразуваат загриженост за квалитетот на новите учебници. Проблемите со импровизацијата и недостатокот на материјали предизвикаа празнини во знаењето и негативно влијаеa на образовниот процес, што е тешко да се надмине.

    Седум години не се малку, сметаат родителите, учениците, но и професорите и експертите, за да не остави последици врз образованието, квалитетот на наставата, како и интересот и успехот на учениците. Упатените посочуваат дека импровизирањето во наставата „осакатило“ повеќе генерации кои чувствуваат празнини во нивното знаење и личен развој.

    „Воопшто немаше учебници, наставниците се обидуваа да обезбедат одредени материјали, правеа презентации, се снаоѓавме како знаеме и умееме. Нешто фотокопиравме, нешто баравме на интернет, фотографиравме со телефони, дури и препишувавме на рака. Поради овие проблеми често  одевме на училиште како на „корзо“. И секогаш имавме изговор ако не знаевме – немаме учебници“, вели Петар М.,  ученик од Крива Паланка.

    Наставник во основно училиште во Куманово, кој воедно е и родител на основец, сведочи за падот на квалитетот во образованието, но и катастрофалните последици во изучувањето на предметите и успехот на учениците како резултат на недостигот на учебници.

    „На пример, за 6-то одделение немаше учебници и тоа беше хаос. Им диктиравме на учениците, комбиниравме од стар учебник со новата наставна програма,  во недостиг на ресурси и ние пребарувавме на интернет. Кој ученик разбрал, кој погрешно запишал...бевме оставени сами да се справуваме со хаосот“, вели наставникот.

    Тој укажува и на податокот дека за учебниците кои биле достапни само во електронска форма на страниците на МОН и на Бирото за развој на образованието, немало опција да можат да бидат отпечатени. Така, и учениците постојано биле пред компјутер или на телефон  барајќи достапни материјали.

    „Во таква ситуација, нормално е дека имаме минимални резултати во образованието. И како родител се соочував со истите проблеми. Некои родители се обидуваа да ги тргнат децата од компјутерите, па им ги копираа старите и оштетени учебници, но во минијатурен формат, како разгледници, за да заштедат пари. И се беше повторно на штета на ученикот, вели овој наставник кој се надева дека годинава конечно  ќе се решат проблемите со наставните материјали.

    Каков е квалитетот на новите учебници?

    Друга дилема која повторно се јавува со печатењето на учебниците е нивниот квалитет- проблем што е постојано актуелен изминатите години. Елизабета Секирарска, професор во СОУ „Перо Наков“ од Куманово, активист за подобро образование и професорка позната по извонредни достигања во едукацијата на учениците, потенцира  дека за неа важна образовна парадигма е  „Ние не реализираме учебник, туку наставна програма“.

    „Неспорно е дека дека учебникот е важен инструмент, но не сметам дека учебник по секоја цена е подобро решение од немање учебник. Со години сведочиме на учебници кои го дерогираат воспитно-образовниот систем со своите дискутабилни содржини, со дискриминирачките аспекти кои им се нудат на учениците, со погрешни факти кои ги доведуваат во заблуда“, децидна е Секирарска.

    Според неа, секој учебник треба да се брани и одбрани пред учениците кои врз основа на него учат и градат поглед на свет,  се оспособуваат за животот кој допрва ги очекува.  Посочувајќи го фактот што  до пред некој месец МОН тврдеше  дека се  мали шансите до почетокот на учебната година учениците да ги добијат учебниците, кои потоа за краток период  се појавија, и влева  сомнеж дека повторно ќе се соочиме со истите проблеми во поглед на функциите кои учебникот мора да ги поседува.

    „Немам увид во сите учебници и не би можела да тврдам, но моето тридецениско искуство сепак ми дава за право да се сомневам. Стручноста на кадрите кои се јавуваат во различни улоги во овој комплексен процес мора да биде подразбирлив императив – од авторите на учебниците, преку лекторите, до рецензентите како завршен филтер. Имајќи контакт со неколку учебници, кои од почит и колегијални причини секако нема да ги именувам, можам само да кажам дека фелата останува вчудовидена од она што е презентирано како учебник, од секој аспект“, заклучува Секирарска.

    Квалитетот, вели, едноставно овде мора да се подразбере и да не се дозволи ниту еден друг и поинаков критериум. Но, опаѓањето на квалитетот на образованието, за жал, е долготраен процес кој е резултат на сеопфатни системски грешки, а проблемот со учебниците секако е само еден сегмент од тој пад.

    „Предолго сведочиме или на целосно изостанување на учебник, или пак на употреба на учебник кој според стандардите кои треба да ги исполнува - содржински, педагошко-психолошки, дидактичко-методски, јазични и воспитни барања, како и во поглед на ликовно-графичкиот и техничкиот дизајн, не ги овозможува неоходните барања на една функционална училница“, објаснува професорката.

    Но додека учењето од импровизирани материјали наидува на жестоки критики кај мнозинството од нејзината фела која тврди дека тоа негативно влијае врз знаењето на учениците, Секирарска има едно поинакво размислување кое во центарот на внимамието го става едукаторот. За неа, материјалите кои секој  наставник ги изработува во услови на непостоење на релевантен учебник, многу често умеат да бидат сосема валиден извор на сознанија за учениците.

    „Се зависи од тоа како се подготвени, дали се во согласност со барањата на наставната програма, дали се соодветни на возраста на учениците и нивниот степен на сознанија и дали се во функција на учење, развивање на критичко мислење и оспособување на учениците да го разберат тоа што го учат. Ако овие барања се исполнети, тогаш многу лесно може да се надмине немањето на учебникот и во тој случај не можеме да зборуваме за импровизации. Секако, тој процес не е едноставен и бара многу знаење, креативност и желба да се надмине празниот воспитно-образовен од“, појаснува Секирарска.

    Учебниците на јазиците на заедниците оставени на маргините

    Како што најавија од МОН учебници ќе има за сите предмети, а единствено ќе недостасуваат учебници по странски јазици и тоа веќе 5-та година по ред. Причина е што претходното раководство, ја отпочнало и поништило постапката за набавка која сега е во жалбена фаза.

    „По завршување на истата, ќе биде повторно објавена и спроведена согласно законските прописи и целосно транспарентно. За следната учебна година сите учебници по странски јазици ќе бидат обезбедени“, одговараат од МОН.

    Министерката посочи дека има и наставни материјали за јазикот и културата на заедниците во сите одделенија каде немало никаков учебник.  Но, учебниците за овие овие наставни предмети обично ги има само во електронска форма, што повторно предизвикува револт и реакции кај малцинствата кои сметаат дека се маргинализирани и дека ваквата состојба негативно се одразува врз наставата на мајчин јазик.

    Биљана Тодоровиќ Георгиевска, дипломиран филолог и автор на учебник по српски јазик за 7-мо одделение, заедно со нејзиниот колега Добривоје Стошиќ, вели дека попусто вложиле труд и максимална посветеност да изработат квалитетен учебник, кој никако да дојде до рацете на учениците.

    „Учебникот, кој се користи во редовна настава на учениците кои учат на српски јазик, е изработен пред 5 години, но никако да го доживее своето печатено издание. Достапен е само во електронска форма на сајтот на МОН.  Ова нема врска ниту со влада, ниту со министер , туку едноставно надлежните не сакаат да го печатат затоа што се работи за мал тираж и не им се исплати. Тоа е тажна приказна, учебникот не го направивме за нас, туку да го држат учениците во рака и од него да учат“, разочарно вели Георгиевска.

    Авторите со сопствени средства испечатиле по еден-два примерока за себе, кои им ги позајмуват на наставниците да ги ископираат за да им ја олеснат наставата. Ваквиот став на МОН, пак, според Георгиевска значително влијае на осипувањето на учениците од српската заедница во Македонија во училиштата што изведуваат настава на српски јазик. За најголем дел од предметите нема печатени учебници, а учебниците од соседна Србија не се прифаќаат во нашата наставна програма.

    „Во Македонија има само три училишта каде наставата се изведува на српски јазик и тоа во Табановце, Старо Нагоричане и Кучевиште. Некогаш во една паралелка имало и по 15-20 ученици, а сега нивниот број рапидно се намалува. Родителите реагираат што децата немааат учебници, па ги запишуваат во училишта на македонски јазик. Така, се губи врската со потеклото и идентитетот на младите генерации“, појаснува Георгиевска.

    Годинава се запишале само 9 ученици во прво одделение во српските училишта, а од нив ниту едно во Табановце. Секако, дел од проблемот е миграцијата, но од српската заедница сметаат дека е потребно и политичките претставници и сите во државата да се заложат за да изнајдат системско решение за ваквиот проблем.

    Што да  очекуваме од најавената ревизија на наставните програми?

    Министерката Јаневска најави ревизија на наставните програми во седмо, осмо и деветто одделение, со цел, првенствено наставниците да го кажат своето мислење што недостасува или треба да се промени за да се подобри наставата и начинот на пренесување на знаењето на децата. Овој процес е во тек, информираат кратко од МОН на нашето прашање за најавената ревизија.

    Тоа повторно предизвика неизвеност и дилеми во стручната јавност, како и кај родителите и учениците, кои веќе се „уморни“ од постојани реформи и ревизии. И во овој случај Секирарска смета дека ревизијата на постоечките учебници, од кои некои деца веќе учеле и од нив го осознале светот така како што го осознале, ќе доведе до нелогичности и конфузија.

    „Нам ни е неопходен еден сериозен, целисходен, издржан, професионален и силен систем, кој целосно ќе го закрепне исклучително заболениот воспитно-образовен организам, кој навистина долго боледува – токму од импровизации и постојани нови реформски почетоци, кои никако да го доживеат крајот. Учебникарството е само еден тажен сегмент од таа приказна. Учебник не се издава се додека не ги помине сите можни филтри“, категорична е Секирарска.

     Таа стои на ставот дека учебник не може секој да напише, не може секој да го рецензира и попусто се ревидира, кога некому веќе креирал светоглед кој е погрешен.

    „Конечно, учебникот не смее да има дрес, не смее да има било каква боја, освен онаа која го прави учебник со сите нишани и не смее да се креира од страна на оној кој не задоволува критериуми, кои тој мора да ги подразбира. Се додека тоа не е така, нашите ученици својот учебен амбиент ќе го доживуваат токму така – како импровизација“, заклучува нашата соговорничка.

    Квалитетот на учебниците е клучен за успехот на образовниот процес и развојот на учениците. Тоа укажува на важноста на професионалниот и стандардизиран пристап кон создавањето учебници, бидејќи нискиот квалитет може да има далекусежни последици. Потребно е систематско и стратешко подобрување на образовниот систем, што ќе овозможи стабилно и квалитетно образование за сите ученици, без да се повторуваат истите грешки од минатото.

    Со овој текст, Кумановоњуз се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.