×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Земјоделките првпат со платено породилно отсуство, но се уште без системско решение

    07.03.2023 13:08 | Жаклина Цветковска

    Земјоделките за првпат годинава ќе можат да остварат право на платено отсуство за мајчинство, откако Владата усвои Програма за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност, која започнува да се спроведува преку Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство.

    Во програмата е предвидена  мерка за финансиска поддршка на земјоделките кои имаат статус на осигуреник - индивидуален земјоделец, стекнат во согласност со законот за пензиското и инвалидското осигурување. Средствата за реализација на оваа програма се во вкупен износ од 4 милиони денари, а на земјоделките им следува еднократна финансиска поддршка од 81.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство. Оваа мерка ќе можат да ја користат сите индивидуални земјоделки кои родиле дете во периодот од 1 декември 2022 година до 1 декември годинава.

    „За прв пат во историјата на државава, земјоделките ќе можат да користат платено отсуство за мајчинство. Нив законите од областа на работните односи не ги препознаваат како лица во работен однос поради што не можат да остварат платено породилно отсуство. Ова е голем успех кој го постигнавме заедно со Националната федерација на фармери и Министерството за труд и социјална политика. Во отсуство на законско решение, изнајдовме модел преку посебна програма, финансирана од буџетот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, конечно и земјоделките да користат платено мајчинско отсуство“, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

           

    Но, Владата, како и организациите кои работат на поддршка на руралните жени, се свесни дека оваа програма е само времено решение, додека да се донесат потребните законски прописи за системско уредување на правата за платено породилно отсуство на земјоделките  и користење на боледување. 

    Од каде треба да се почне и што е најприоритетно за системско регулирање на овие права на земјоделките објаснува Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална коалиција“, која вели дека прво треба да се направат измени во Законот за здравствено осигурување.

    За дискриминираните и исклучени земјоделки неопходно е членот 14 од Законот за здравствено осигурување да се надополни со нивно вклучување, односно да им се овозможи на сите осигуреници кои плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување да ги користат сите права, вклучуваќи го и породилното отсуство, а понатаму да се регулира и боледувањето при отсуство од работа.

    Системска дискриминација со низа последици за земјоделките и нивните деца

    Нерешениот статус и исклучувањето на земјоделките од правото на породилно отсуство предизвикуваат системска дискриминација на земјоделките, кои се ставаат во многу понеповолна положба од останатите работнички, што има сериозни последици врз нивното репродуктивно, психолошко и физичко здравје, како и врз здравјето на нивните новороденчиња. Според анализата на Мрежата за заштита од дискриминација, земјоделките се  соочуваат со многу повеќе предизвици од работничките во останатите сектори, а пред се, со ниските приходи од земјоделската дејност. Податоците покажуваат дека половината од вкупниот број на земјоделските стопанства се класифицирани во најмалата, прва класа на економска големина, која остварува до 2.000 евра вредност од продажба на земјоделски производи на годишно ниво. Тие имаат отежнат пристап и до здравствена и социјална заштита, а значително повеќе време трошат и на домашна работа и грижа за членовите на семејството  во споредба со нивните сопружници или партнери.

    Во анализата се вклучени и истражувањата на ЛАГ АГРО ЛИДЕР  кои покажуваат дека само 2% од анкетираните испитанички кои имаат статус на вработено лице, според законот за вршење на земјоделска дејност, имале пристап до право на платен надоместок при бременост, раѓање и мајчинство. Останатите жени со статус на индивидуален земјоделец, вработени  во согласност со законот за пензиско и инвалидско осигурување,  не оствариле право на платен надоместок по оваа основа. Тие најчесто продолжуваат со работни активности и во доцната бременост или почнуваат со работа прерано по породувањето, со што се изложуваат себеси и своите деца на значителни здравствени ризици, како предвремено породување, несакани абортуси и др.

    Од истражувањето спроведено на 100 жени, активно вклучени во земјоделството, на возраст од 20 до 45 години, на 36 им била дијагностицирана патолошка бременост уште во првото тримесечје од бременоста, но заради обезбедување приход, продолжиле со земјоделските активности. Вкупно 14 земјоделки, пак, изјавиле дека како последица од физичката земјоделска активност имале несакан абортус, а 12 предвремено породување. Бидејќи немало кој да ги замени во земјоделското стопанство, 54 испитанички започнале со земјоделски активности два месеца по породувањето, а голем дел од нив прекинале со доење во првите 3 месеци од пораѓањето и и се вратиле на земјоделската работа.

    ЛАГ АГРО ЛИДЕР  пренесува дел од искуствата на мајките - земјоделки од Прилеп, Крушево, Кривогаштани и Долнени :

    Поради земјоделски активности кои ни се единствен приход во семејството, преживеав два спонтани абортуса, вели М.Т.“

    Поради физичка активност се породив во 34-тата недела во бременоста. Бидејќи детето беше предвреме родено потребна му беше дополнителна грижа, со што не бев во можност да ги завршам земјоделските активности и го изгубивме целиот приход од земјоделска дејност и останавме без финансии кои ни беа повеќе од потребни за прегледи за детето, купување на прихрана, лекови..., “кажа М.М.

    Нерегулираното право на платен надоместок за отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство за индивидуалните земјоделки остава големи последици, и врз здравјето и развојот на нивните деца. Кај поголем дел од нив забележани се здравствени проблеми како пад на имунитетoт, опструкции, бронхитиси, намален вид и др.

    Мали финансиски импликации за државата, а голем поттик за земјоделките

    Проблемите се кои се соочуваат жените од руралните средини наметнува потреба од обезбедување еднаков пристап до правата за мајчинско и родителско платено отсуство во согласност со европската регулатива и меѓународните конвенции чии политики се насочени  кон усогласување на работата и семејниот живот во заедниците.

    Од Мрежата за заштита од дискриминација сметаат дека  воведувањето на овие придобивки ќе чинат многу мал процент од вкупниот  буџет на државата, а имаат направено и пресметка на трошоците за породилно отсуство.

    „Доколку се водиме од вкупната бројка на регистрирани жени индивидуални земјоделци, која изнесува 1.075 жени и доколку 1/4 од овие жени се во можност да забременат и да родат во една година, максималниот финансиски трошок ќе изнесува околу 58 милиони денари. Доколку, пак, се разработи сценарио на реален број на корисници според бројот на доделени права на 1.000 осигуренички, според највисоката вредност на овој индикатор во 2021 година, тогаш финансиските импликации би изнесувале 10.368.000 денари,“ се појаснува во анализата.

    Инфографик на Мрежа за заштита од дискриминација 

           За таа цел, Мрежата за заштита од дискриминација  има изготвено и предлог-решение за измени и дополнувања на законот за здравствено осигурување, кое го решава проблемот на директна дискриминација,  овозможува  социо-економско зајакнување на индивидуалните земјоделки и постигнување родова еднаквост во работата и во домот. Покрај интервенции во членот 14 со додавање на правото на платено породилно отсуство и на индивидуалните земјоделци, предвидени се измени и во членовите 16 и 17 кои го регулираат надоместокот за породилно отсуство за земјоделките.

    Предлог-решението  ги следи политиките и програмите во државите на ЕУ во секторот земјоделство. Зајакнувањето на индивидуалните земјоделки и обезбедувањето пристап до права треба да биде приоритет, и во националните политики и програмски определби, кои треба да опфатат воспоставување и спроведување инклузивни законски рамки. На овој начин ќе се обезбедат кохерентни социјални програми кои ќе го намалат нееднаквиот пристап до права за жените од различни работни дејности, и ќе обезбедат родова еднаквост и социјална правда.

    Фотографија: freepik

    Земјоделките првпат со платено породилно отсуство, но се уште без системско решение