×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Не, третата доза од вакцината против ковид нема да ги усмрти Британците

    13.08.2021 12:22 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Ниту првата, ниту втората ниту третата доза од ковид вакцината – којашто во Велика Британија по избор ќе им биде достапна на граѓаните повозрасни од 50 години заедно со вакцината против грип, не значи дека со неа ќе се убива населението, туку дека ќе се спасува од тешки последици и смрт, како и од хоспитализации и од ковид и од грип. Во екот на панедемијата со коронавирусот, односно нејзиниот четврти бран, кој беснее во Британија, а особено во есенските месеци, поради сличноста на симптомите тешко ќе биде да се разграничи кои лица имаат грип, а кои ковид. Особено зашто делта варијантата кај младите некогаш има симптоматологија на грип, значи, течење на носот, кашлица и изнемоштеност. Затоа, британските власти сакаат двојно да ги осигураат своите граѓани и да им овозможат имунизација против двата вируса

    Не, третата доза од вакцината против ковид нема да ги усмрти Британците

    Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се вели:

    Во случај втората доза не те усмрти, третата сигурно ке заврши работа, оти ќе е заедно со вакцината за грип – Кажав од порано дека така ќе е, вакцинирање до смрт. Ќе се понуди третата доза од ковид вакцината од наредниот месец на Британците над 50 години. Се разбира заедно со вакцина за грип.

    Без никаква аргументација, паушално се нафрла (дез)информацијата дека втората доза од ковид вакцината усмртува, а во вториот дел од исказот се инсинуира (исто така без аргументација) дека комбинирањето, односно давањето на вакцина против грип во исто време со вакцина против ковид (во иста сезона) ќе биде смртоносно. Постот, исто така, посочува некаква намера да се вакцинираат граѓаните до смрт! Сите три работи се невистинити.

    Прво, во Велика Британија, бустер дози од вакцината против коронавирусот ќе им бидат понудени на 32 милиони Британци од следниот месец, и тоа преку аптеките каде што ќе може да ги примат. Ова е поради претпазливост, односно да се зголеми ефикасноста на претходните 2 администрирани дози, а не за да се убие населението од трета доза. Британската влада планира неделно да администрира 2.5 милиони трети дози, почнувајќи од првата недела на септември.

    Второ, дозите ќе им бидат понудени на повозрасните британци од 50 години и на тие со имунокомпромитиран систем. И соседна Србија донесе таква одлука.

     

    Вакцината против грип се дава со години

    Што се однесува на вакцината против грип, таа е сезонска, се дава со години наназад и спасува животи. 

    Секој кој е на возраст над 65 години, има здравствени проблеми, бремена жена или е здравствен работник, треба да се вакцинира против сезонски грип еднаш годишно. 

    Секоја година околу 500.000 луѓе во светот умираат поради компликации од грип. Околу 10 проценти од овие смртни случаи се во Европа. Според доктор Каролин Браун од СЗО Европа, многу од овие животи може да се спасат со едноставна акција: вакцинација против сезонски грип. Годишно, најмалку 30 милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО одлучуваат да се вакцинираат против грип. Секој кој е на возраст над 65 години, има здравствени проблеми, e бремена жена или е здравствен работник треба да биде еден од нив, стои во препораките на Институтот за јавно здравје во С. Македонија.

    Во информацијата од ИЈЗ уште се вели:

    Лица на возраст над 65 години и лица со постоечки здравствени проблеми се во најголем ризик! Грипот често предизвикува непријатност во период од неколку дена кај сите заразени лица, но луѓето обично прилично брзо се опоравуваат. Сепак, за луѓе кои имаат широк спектар на здравствени проблеми, грипот може да биде сериозна, па дури и фатална болест.

    Оние кои се најмногу изложени на ризик од сериозни компликации од грип, се луѓе на возраст над 65 години. Осум од десет смртни случаи поврзани со грип се во оваа возрасна група. Тоа е така бидејќи имунолошкиот систем слабее со текот на годините и станува помалку ефикасен во борбата против инфекциите, како на пример грипот. Исто така, доколку заболениот претходно веќе имал проблеми со срцето, дијабетес, хронична црнодробна или бубрежна болест или белодробно заболување, грипот може да ги влоши овие состојби и да биде смртоносен.

    Најефективен начин да се спречи инфекција со грип или тешки компликации е вакцинацијата СЗО Европа им препорачува на лицата на возраст над 65 години и лица со здравствени проблеми да се вакцинираат против грип секоја година. Вакцините против грип се безбедни, а несаканите реакции се мали, особено во споредба со многу поголемиот ризик од компликациите од грип.

    Премногу луѓе на возраст над 65 години и лица со здравствени проблеми не се свесни за тоа како грипот може да влијае на нивното здравје, па затоа и не се вакцинираат. Пристапот кон грипот како безопасна болест е погрешен, особено за овие луѓе. Со вакцинацијата, кај нив може да се намали ризикот од компликации и тоа треба да се прави секоја година, не само еднаш, бидејќи вирусите на грип се менуваат. Во Европа, пикот на сезоната на грип е обично во есен и зима, а со тоа, октомври е оптимално време да се прими вакцината, заклучува Каролин Браун.

    Повеќе информации зошто треба да се вакцинирате против грип, може да се видат овде.

    Институтот за јавно здравје повеќе години ажурно работи и на информирање на бремените жени да се вакцинираат против грип, бидејќи вакцината е безбедна во сите фази на бременоста. Брошурата може да се погледне тука.

     

    Имунизација против двата вируса

    Што се однесува на постот што го рецензираме, лондонски Телеграф извести дека владин извор информирал оти планот е во Велика Британија една вакцина да се администрира против ковид во едното рамо, а другата против грип во другото рамо, каде што е возможно, но одлуката не е финализирана и ќе зависи од британскиот комитет за имунизација.

    Во Британија министрите разгледуваат третата бустер доза да е од различен производител од онаа што им била администрирана на граѓаните првиот и вториот пат, зашто има сознанија дека мешањето на дозите предизвикува посилен имун одговор.

    Во секој случај, ниту првата, ниту втората, ниту третата доза од ковид вакцината – којашто во Велика Британија по избор ќе им биде достапна на граѓаните повозрасни од 50 години, заедно со вакцината против грип, не значи дека со нив ќе се убива населението, туку дека ќе се спасува од тешки последици и смрт, како и од хоспитализации и од ковид и од грип. Во екот на панедемијата со коронавирусот, односно нејзиниот четврти бран, кој беснее во Британија, а особено во есенските месеци, поради сличноста на симптомите тешко ќе биде да се разграничи кои лица имаат грип, а кои ковид. Особено зашто делта варијантата кај младите некогаш има симптоматологија на грип, значи, течење на носот, кашлица и изнемоштеност. Затоа британските власти сакаат двојно да ги осигураат своите граѓани и да им овозможат имунизација против двата вируса.

     

    Инфекции кај невакцинирани наспроти вакцинирани

    Последните анализи на Националниот институт за јавно здравје на Италија покажуваат дека по февруари, речиси 99 отсто од смртните случаи од Ковид-19 се евидентирани кај лица кои не биле целосно вакцинирани, напиша на својот Фејсбук профил, министерот за здравство, Венко Филипче.

    Вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Во оваа заедничка борба сите подеднакво ја делиме одговорноста. Секој граѓанин кој не е имунизиран го изложува на ризик своето, но и здравјето на останатите. За да го спречиме враќањето на рестриктивните мерки и да го вратиме нормалното секојдневие, важно е секој од нас да даде свој придонес и да се вакцинира, напиша министерот.

    Тој посочува оти во официјалниот извештај на Институтот е наведено и дека бројот на смртни случаи кај оние со две примени дози од вакцината е особено низок, односно изнесува околу еден процент, а станува збор за лица кои имале здравствени проблеми и пред инфицирањето со коронавирус, со просечна возраст од над 88 години.

    Податоците говорат и дека инциденцата на инфекција, односно соодносот помеѓу бројот на нови случаи и вкупниот број на население, е десет пати помала кај вакцинираните отколку кај невакцинираните лица, што е силна потврда на ефикасноста на вакцините, вели министерот.

    Пораст на хоспитализациите и смртните случаи, како што додава Филипче, меѓу невакцинираното население е забележан во повеќе европски земји. По наглото зголемување на нови случаи во Шпанија од крајот на јуни, над 83 отсто од починатите лица биле невакцинирани, а 11,4 проценти биле нецелосно вакцинирани.

    Во Обединетото Кралство 60 отсто од хоспитализираните лица биле нецелосно вакцинирани, како и во Белгија, каде скоро половина од инфицираните кои биле хоспитализирани со тешка клиничка слика не ги примиле двете дози на вакцината, вели Филипче.

    Во Соединетите Американски Држави, пак, скоро 100 отсто од вкупниот број на хоспитализации се забележани кај неимунизираното население, а според податоците од јуни, 98 до 99 отсто од починатите воопшто не биле вакцинирани.

    Поради оваа изложена аргументација, како невистинито го оценуваме тврдењето во постот што го рецензираме, дека администрирањето на третата бустер доза против ковид е смртоносно, како и тврдењето дека вакцинирање против ковид и грип истовремено, претставува обид за усмртување.

     

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар