×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Flex Credit

    Нема докази дека вакцината на „Фајзер“ предизвикува згрутчување на крвта

    11.02.2022 08:23 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Не постојат медицински докази дека вакцината на „Фајзер“ ја оштетува човечката крв, односно, дека ја онеспособува да го носи кислородот низ крвотокот. Консензусот на медицинската заедница која третира пациенти со ковид, не соодветствува со ова тврдење

    Нема докази дека вакцината на „Фајзер“ предизвикува згрутчување на крвта Фото: pixabay.com

    Пост на Фејсбук шири дезинформации за безбедноста на вакцината на „Фајзер“. Постот тврди дека оваа вакцина предизвикува згрутчување на крвта. Фактите покажуваат дека ваквото тврдење не е точно, односно нема докази кои би го поткрепиле.

    Нема да стојам и да гледам како го вадат ова од бебињата и децата!!!!!! Ова се згрутчувањата што ги извлекуваат балсаматорите од секој дел од вашиот васкуларен систем, по преземањето на ���! Pfizer ќе добие овластување за шестмесечни деца директно до 17 години. Дали е доволно за СТОП!, се вели во постот кој го анализираме.

    Постот споделува и фотографија за која тврди дека прикажува како се вадат згрутчувања од вакцинирани лица. Прво, за фотографијата нема никакви факти од каде е и што претставува таа. Не е прецизно наведено каде и кога е направена и дали навистина станува збор за вадење некакви згрутчувања од човек кој се вакцинирал со вакцината на „Фајзер“.

    Нема докази дека вакцината на „Фајзер“ предизвикува згрутчувања на крвта и „Вистиномер“ досега има пишувано за тоа.

    Не постојат медицински докази дека вакцината на „Фајзер“ ја оштетува човечката крв, односно, дека ја онеспособува да го носи кислородот низ крвотокот. Консензусот на медицинската заедница, која третира пациенти со ковид, не соодветствува со ова тврдење.

    Во „Журналот на автоимуност“, автори на студија од август месец 2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина.

    Портпаролот на „Фајзер“ за странски проверувачи на факти, на прашањето дали вакцината против ковид на „Фајзер“ создава згрутчување на крвта, на 4 ноември 2021 година одговара дека нема докази за да се сугерира таквото тврдење.

    Д-р Валтер Оренштајн, професор на одделот за заразни болести на Факултетот за медицина на Универзитетот Емори и вонреден директор на Центарот за вакцини „Емори“ вели дека не е запознаен со какви било информации објавени во медицинската литература за проблеми со коагулацијата по примање на мРНК вакцините, пренесува Политфакт.

    Д-р Шрути Гохил, професор по заразни болести на Mедицинскиот факултет на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин, во изјава за Политфакт истакнува дека „тромбоцитите и другите фактори на коагулација се природно во нашата крв за да ни помогнат да го запреме крварењето кога ќе се повредиме, така што крвта природно се згрутчува многу лесно, освен ако не правите нешто за да не се згрутчи.

    На пример, дури и изложувањето на воздух ќе ви направи згрутчување на крвта. Всушност, кога вадиме крв за тестирање, мора да имаме специјални цевки со хемикалии во нив за да ја спречиме вашата крв да се згрутчи, вели д-р Гохил.

    Тој посочува дека нема индикации дека вакцината на „Фајзер“ предизвикува некакво дејство што резултира со згрутчување на крвта.

    Создавањето тромбови не е на листата на сериозни несакани дејства од вакцината на „Фајзер“ која може да се најде на страницата на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ). ФДА и ЦДЦ се одговорни за долготрајни набљудувања на несакани реакции од ковид вакцините. На страницата на ФДА за безбедноста на вакцината, исто така,  не се споменува создавање на тромбови како потенцијален несакан ефект од вакцината на „Фајзер“.

    На страницата на ЦДЦ во делот на „избрани несакани настани пријавени по вакцинацијата против ковид-19“, не се наведени пријавени случаи на згрутчување на крвта по примена „Фајзер“ вакцина. Вакви случаи се забележани по примена „Џонсон и Џонсон“ вакцина, но тие се многу ретки, нагласува ЦДЦ.

    Тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТТС) е редок, но сериозен несакан настан кој предизвикува згрутчување на крвта во големите крвни садови и ниски тромбоцити (крвни клетки кои помагаат во формирањето на згрутчување). Од 3 февруари 2022 година, во Соединетите Држави се дадени повеќе од 18,2 милиони дози од вакцината „Џонсон и Џонсон“. ЦДЦ и ФДА идентификуваа 57 потврдени извештаи за луѓе кои ја примиле оваа вакцина против ковид-19 и подоцна развиле ТТС. ЦДЦ, исто така, идентификуваше девет смртни случаи кои се предизвикани или директно му се припишуваат на ТТС по вакцинацијата со „Џонсон и Џонсон“. Жените на возраст од 30-49 години особено треба да бидат свесни за зголемениот ризик од овој редок несакан настан. Постојат и други достапни опции за вакцина против ковид-19 кај кои овој ризик не е забележан, пишува ЦДЦ на својата официјална веб-страница.

    Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме изнесува неточни информации дека вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ предизвикува згрутчување на крвта. За ваквото тврдење нема медицински докази. Според тоа, постот го означуваме како невистинит.

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk