Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без вакцинација или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Во врска со тврдењето дека вакцината е генетска, од досега презентираните официјални факти, познато е дека вакцините против ковид-19 не се генетска терапија затоа што тие не се дизајнирани да ги променат вашите гени
Фото: freepik.com
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој преку збир од анонимни Фејсбук коментари, се претставува како да станува збор за „прибрани факти” за наводни несакани ефекти по вакцинација против ковид-19, како на пример губење на плодот кај трудниците, па дури и смрт.
Не постојат докази дека сите овие состојби во анонимно изнесените тврдења, се причинско последично поврзани со вакцината. Дури и кога овие коментари изнесени во постот би биле официјално доставени до секторот за фармаковигиланца во Агенцијата за храна и лекови, повторно би морале да подлежат на проверки пред да се утврди причинско последична врска меѓу вакцинацијата и настапената смрт или несаканиот ефект. И на странските платформи за пријавување несакани ефекти по вакцинација, како на пример на американската страница ВАЕРС, децидно се посочува дека пријавата не може да се толкува како потврден случај на несакан ефект. Секој може да пријави несакан ефект за кој се сомнева дека е последица на вакцината, но тоа не значи по автоматизам дека тоа е навистина така.
Наспроти овие предупредувачки ограничувања, во постот што го рецензираме, анонимни лица за кои не се знае ниту каде ги објавиле коментарите, ја обвинуваат вакцината против ковид-19 за смрт, спонтани абортуси, а и лажно се тврди дека вакцината е „генетски модифициран експеримент”.
На пример, во написот што го рецензираме се тврди следното:
Две мои познанички ги изгубија бебињата. Едната вакцинирана со Синовак го изгуби бебето во третиот месец. Другата вакцинирана со две дози Фајзер, откако остана бремена, во 9 недела го изгуби бебето.
Но, никаде од ова тврдење не е докажано. Како што Вистиномер и претходно пишуваше, во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Вакви абортуси со дадената стапка во светот се случувале и пред да постои вакцина против ковид-19. Податоците на реномираната „Мајо клиника“ во САД укажуваат на тоа дека 10 до 20 проценти од познатите забременувања завршуваат со спонтан абортус.
Но, вистинските бројки се веројатно и повисоки, бидејќи многу спонтани абортуси се случуваат многу рано во бременоста, дури и пред да знаете дека сте бремена, пишува на веб страницата на „Мајо“ клиниката.
Центарот за контрола и превенција на болести на САД, Американскиот колеџ за гинекологија и акушерство и Асоцијацијата за мајчинско фетална медицина, препорачуваат вакцинација на бремените жени против ковид-19.
Иако податоците се ограничени, сепак Центарот за контрола и превенција на болести на САД тврди дека научниците немаат пронајдено зголемен ризик од спонтани абортуси меѓу луѓето кои примиле мРНК вакцина во раната бременост или пред да забременат.
Анализа од август 2021 година од Центарот за контрола и превенција на болести разгледува 2500 бремени жени кои примиле мРНК вакцина пред дваесеттата недела од бременоста. Истражувачите пронашле стапка на спонтани абортуси од 13 проценти, што е слично на очекуваната стапка на спонтани абортуси кај општата популација.
Спонтаниот абортус е релативно чест, кај 11 до 16 проценти од бременостите. Стапката на спонтан абортус после ковид вакцинацијата е во истиот опсег, вели доктор Ева Пресман, претседателка на Одделот за гинекологија и акушерство на универзитетот Рочестер.
И македонскиот Институт за јавно здравје препорачува вакцинација на бремени жени.
Понатаму во текстот што го рецензираме се тврди дека „вакцината не е вакцина, туку генетски модифициран експеримент”.
Во врска со тврдењето дека вакцината е генетска, од досега презентираните официјални факти, познато е дека вакцините против ковид-19 не се генетска терапија затоа што не се дизајнирани да ги променат вашите гени.
Американската национална библиотека за медицина, терминот ‘генетска терапија’ го дефинира како техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција. На пример, докторите со генска терапија можат да вметнат или да заменат мутиран ген кој не функционира на соодветен начин или да стават нов ген во телото којшто ќе се бори против болест.
Понатаму, генската терапија вклучува намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што не претставува генетска терапија.
И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид-19 не влегува во интеракција со нашата ДНК на каков било начин.
Останатиот дел од коментарите кои се анонимни и презентирани во текстот што го рецензираме, обвинуваат за смрт по примената вакцина, без детали за околностите во кои смртта настапила.
Здрав човек со две дози си почина. Проклети да бидат немојте младино, не дозволувајте да ви биде загрозен животот и уништен, се вели во еден од коментарите презентирани во текстот како да се „факти”. Сличен таков коментар е и тој во кој се тврди: „пред три дена изгубив сестра од вакцината”.
После еден месец од вакцината средна клиничка слика, високи Д димери и кашлање и голема омалаксаност, гласи друг коментар.
Д димерите претставуваат вредност што се испитува во постковид фазата, и кои што вообичаено демонстрираат покачени вредности кај ковид пациенти дури и подолг период по прележувањето, така што не може да се каже дека овие симптоми се поврзани со вакцината. Од овој коментар може да произлезе само веќе познатиот факт дека и вакцинираните можат да заболат од ковид-19.
Понатаму, во текстот како причинител за смрт се обвинува вакцината, иако лицето било позитивно на ковид-19.
Мајка ми со Астра Зенека две дози во август, пред еден месец се зарази и почина. Татко ми вакциниран со две дози заразен ама преживеа.
Од ваквите коментари не може да се елиминира можноста дека смртта настапила поради компликации од ковид-19, а не поради вакцината. Во секој случај, сите изнесени тврдења, освен што се анонимни и непоткрепени, не докажуваат причинско последична врска меѓу смртта и вакцината против ковид-19 или меѓу несаканиот ефект и вакцината.
Сите сомнежи за несакани ефекти може да се пријават официјално во МАЛМЕД на следниот формулар.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не постојат докази дека изнесените тврдења за наводно настанатите здравствени состојби се последица на вакцинацијата против ковид-19.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар