Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На почетокот на декември жител на Калифорнија кој се вратил дома од Јужна Африка, беше идентификуван како првиот Американец заразен со Омикрон, а официјалните лица оттогаш ја открија варијантата во неколку држави, вклучувајќи ги Њујорк, Колорадо, Небраска, Минесота и Хаваи. Откритието на „омикрон“ предизвика значителна паника низ целиот свет, при што голем број земји ги забранија летовите од јужна Африка. Израел, Јапонија и Мароко, пак, целосно забранија влез на странски патници. Експертите за јавно здравје повикаа на претпазливост, истакнувајќи дека сè уште нема цврсти докази дека „омикрон“ е поопасен од претходните варијанти како „делта“
Пишува: Ана Анастасова
Вирусот САРС Ков2 постојано мутира и ако досега светот стравуваше од варијантата делта, сега се појави нова варијанта, омикрон. Светските лидери и експертите за јавно здравје ги повикаа луѓето да не паничат и да се вакцинираат – доколу можат.
Новата варијанта на САРС Ков-2, B.1.1.529, беше пријавена до Светската здравствена организација (СЗО) на 24 ноември 2021 година. Оваа нова варијанта првпат беше откриена кај примероците собрани на 11 ноември 2021 година во Боцвана и на 14 ноември 2021 година во Јужна Африка , објави американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
На 26 ноември 2021 година, СЗО го именуваше B.1.1.529 како „омикрон“ и го класифицираше како варијанта на загриженост (VOC). Загриженоста кај научниците и службениците за јавно здравје доаѓа поради невообичаено високиот број мутации кои имаат потенцијал да го направат вирусот попренослив и помалку подложен на постоечките вакцини.
Варијантата „омикрон“ досега е идентификувана во 57 земји, според Светската здравствена организација, на секој континент, освен на Антарктикот.
На почетокот на декември жител на Калифорнија кој се вратил дома од Јужна Африка, беше идентификуван како првиот Американец заразен со Омикрон, а официјалните лица оттогаш ја открија варијантата во неколку држави, вклучувајќи ги Њујорк, Колорадо, Небраска, Минесота и Хаваи.
Откритието на „омикрон“ предизвика значителна паника низ целиот свет, при што голем број земји ги забранија летовите од јужна Африка. Израел, Јапонија и Мароко, пак, целосно забранија влез на странски патници.
Но, експертите за јавно здравје повикаа на претпазливост, истакнувајќи дека сè уште нема цврсти докази дека „омикрон“ е поопасен од претходните варијанти како „делта“.
Засега има многу непознаници во врска со омикрон, вклучително и дали е попренослив и способен да предизвика посериозна болест. Постојат некои докази дека варијантата може полесно да ги реинфицира луѓето.
На 1 декември, Јужна Африка забележа 8.561 случај во споредба со вкупно 3.402 пријавени на 26 ноември. Во средината на ноември беа забележани само неколку стотици случаи. Јужноафриканскиот Национален институт за заразни болести (NICD) во Јоханесбург потврди дека омикрон брзо се шири.
Научниците во Јужна Африка објавија дека е забележан ненадеен, остар пораст на случаи на коронавирус кај луѓето кои претходно веќе биле заразени, во студија која сè уште не е рецензирана или објавена во научно списание. Авторите забележуваат дека немало таков подем кога се појавија варијантите бета и делта.
Доказите покажуваат дека омикрон има предност во однос на другите варијанти во заобиколувањето на имунолошкиот систем.
Од она што го научивме досега, можеме да бидеме прилично уверени дека – во споредба со другите варијанти – омикрон има тенденција подобро да ги инфицира луѓето кои претходно биле заразени и добиле одредена заштита од ковид-19. Тоа е прилично јасно и се очекуваше од мутационите промени што ги посочивме во неговата протеинска структура. Тие им отежнуваат на антителата да го неутрализираат вирусот“, рече проф Франсоа Балукс, директор на Институтот за генетика на Универзитетскиот колеџ во Лондон, пренесе Гардијан.
Иако претходните прашања покренаа прилично загрижувачки одговори од научниците, повеќето се пооптимисти за моќта на вакцините да ги заштитат луѓето од омикрон.
Крајно е малку веројатно оваа варијанта целосно да ги избегне вакцините. Вакцините што ги имаме се неверојатно ефикасни против низа други варијанти, но ни требаат повеќе лабораториски и реални податоци за да го одредиме степенот на заштита кај вакцинираните, рече за Гардијан професорот Питер Опеншо од Империал колеџ во Лондон.
Заканата од омикрон поттикна некои богати земји, како што е Обединетото Кралство, да го забрзаат и прошират давањето на засилувачките „бустер“ дози на вакцините за ковид. Но, сè уште не е јасно колку овие дози ќе бидат ефективни против оваа варијанта.
Третите дози ги зголемуваат нивоата на неутрализирачки антитела, и веројатно е дека тоа ќе обезбеди бедем против способноста на омикрон да ги избегне овие антитела, вели Пол Дарен Биениас, британско-американски вирусолог, пренесува Nature.com.
Работата на неговиот тим на полимутантниот спајкпротеин откри дека луѓето кои се опоравиле од ковид-19 месеци пред да ги примат вакцините имаат антитела способни да го блокираат мутантниот спајк протеин. За Биениас, тие резултати сугерираат дека луѓето со повеќекратна изложеност на протеинот спајк на SARS-CoV-2, било да е тоа преку инфекција или зголемена доза, „сосема е веројатно дека ќе имаат неутрализирачка активност против омикрон“.
Постојат некои рани знаци дека омикрон може да предизвика само блага болест. Но, овие показатели се засноваат главно на случаите во Јужна Африка кај помладите луѓе, кои имаат помала веројатност генерално да се разболат сериозно од ковид. Раните докази даваат некои основи за оптимизам.
Бројот на случаи на инфекции со омикрон во оваа фаза не се претвора во стапките на хоспитализација што би ги очекувале со сличен број случаи на алфа или други варијанти“, рече Балукс, пренесе Гардијан.
Сепак, дури и ако ова намалување на сериозниот ризик се покаже точно, тоа е избалансирано со очигледната способност на варијантата да зарази повеќе луѓе.
Сè уште би можеле да добиеме високи нивоа на хоспитализирања, а тоа за возврат ќе изврши притисок врз здравствената услуга на една нација, додаде Балукс.
Новата варијанта на коронавирусот омикрон најверојатно собрала најмалку една од нејзините многубројни мутации со тоа што презела парче од генетскиот материјал на друг вирус, најверојатно оној што предизвикува обична настинка, кој е присутен кај истите заразени клетки, велат истражувачите.
Според светските агенции, ова не е забележано во ниту една претходните варијанти на коронавирусот, но е присутно кај многу други вируси, вклучително и оние кои предизвикуваат настинки, како и во човечкиот геном, велат експертите.
Омикрон со преземањето на новиот „код”, се прави себеси „почовечки”, што може да му помогне да го избегне имунолошкиот систем”, рече Венки Саундарарајан, експерт во Nference, компанија за анализа на податоци со седиште во Кембриџ, Масачусетс.
Саундарарајан го предводеше ова истражување објавено како „препринт”, што значи дека сè уште чека научна рецензија.
Откритието може да значи дека вирусот полесно се пренесува, но и дека предизвикува само блага или асимптоматска болест, што би било одлична вест за човештвото по речиси две години пандемија. Научниците сè уште не знаат дали омикрон е позаразен од другите варијанти, дали предизвикува потешка форма на болеста или дали ќе ја надмине делтата како најраспространета варијанта на коронавирусот.
Според претходните студии, клетките во белите дробови и гастроинтестиналниот тракт може да содржат САРС-КоВ-2 и вируси на обична настинка во исто време. Ова би овозможило рекомбинација на вируси, процес во кој два различни вируси во иста клетка домаќин меѓусебно дејствуваат додека се копираат себеси, создавајќи нови копии кои го имаат генетскиот материјал на двата „родитела”.
Истата генетска низа се појавува кај човечкиот коронавирус HCoV-229E, кој предизвикува настинки кај луѓето, како и кај вирусот ХИВ, кој предизвикува Сида, наведува Соундарарајан.
Јужна Африка, каде што првпат беше идентификуван Омикрон, има највисока стапка на заразени со ХИВ во светот, а тој го ослабува имунолошкиот систем и ја зголемува подложноста на лицето на инфекции со вируси на настинка и други патогени. Има многу луѓе во тој дел од светот кај кои можела да се случи рекомбинација, рече Соундарарајан.
Новата мутација на коронавирусот наречена „омикрон“ кој се појави во Јужна Африка има сериозни карактеристики кои што треба да бидат причина за нашата загриженост, бидејќи тој е е 500 отсто попренослив, тврди доктор Злате Мехмедовиќ.
Прво и основно, пресметките се дека новата мутација „омикрон“ има висок степен на преносливост во однос на делта-варијантата. Ние досега сметавме дека многу долго време нема да може да се појави варијанта која што ќе биде посилна од делта-варијантата, меѓутоа, новиот сој укажува на тоа дека преносливоста може да биде и повисока. Иницијалните пресметки што ги направи Институтот за молекуларна биотехнологија во Австрија, укажуваат на тоа дека омикрон-сојот може да биде и до 500 отсто попренослив од делта-сојот. Само да потсетиме дека делта-варијантата беше 60 отсто полесно пренослив од алфа-варијантата, а омикронот е 500 проценти попренослив од делта-сојот, објаснува д-р Мехмедовиќ.
Нема место за вознемиреност! Ако се покаже, како што веќе полека се наѕира, дека омикрон предизвикува благи симптоми, тоа значи дека нова вакцина нема ни да ни треба, вели проф.д-р Драган Даниловски во интервју за НОВАТВ.
Добра вест е што е согледано дека третата доза на вакцина кај непрележаните, потоа, една доза кај прележаните, како и двојната прележаност, го оспособуваат имунитетот да умее да се справи со било која варијанта што би се појавила – значи и со актуелниов омикрон. Тоа може да биде основната причина заради којашто експлозивно ширење не би требало да се очекува – имајќи ја предвид моментната состојба со опфатот со вакцините и – уште поважно – високата стапка на прележаност, вели проф.д-р Даниловски.
Тој смета дека веќе од догодина би требало да очекуваме тој да се однесува „спитомено“. Тука ќе биде, покрај нас, но само како еден од многуте сезонски, респираторни вируси, како што е сезонскиот грип и обичните настинки.
Кога и на прележаните и на вакцинираните ќе им опадне имунитетот, сигурно повторно ќе се заразат неколку месеци подоцна. Или ќе се вакцинираат (ризичните групи). Потоа, можно е да се појави нова варијанта, која (дури) може да биде позаразна и да биде во состојба да предизвика помали епидемии… Ама, базичниот имунитет кај сите ќе се зголемува. И дефинитивно, веќе нема да има шанси за пандемија, вели проф.д-р Даниловски во интервјуто.
Новата варијанта на коронавирусот – омикрон до 3 декември 2021 година беше идентификуван во 38 земји ширум светот, но не се пријавени смртни случаи, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Си-Ен-Би-Си њуз.
Немам никакви информации за смртни случаи поврзани со омикрон, рече портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.
СЗО соопшти дека потребни се неколку недели за да се добие попрецизна слика за потенцијалното влијание на омикрон, за да се одреди степенот на заразност, јачината на вакцините, како функционираат тестовите и третманите.
Прелиминарните податоци се чини дека укажуваат на поголема зараза, а тоа е главно сè што знаеме досега, рече Линдмаер.
Директорот на СЗО за итни ситуации Мајкл Рајан рече дека организацијата ќе ги добие одговорите што му се потребни на светот.
Сега треба да имаме доверба во науката, да бидеме трпеливи и да не се плашиме. И засега не е неопходно да се менуваат вакцините што ги користиме, рече Рајан и апелираше до луѓето да се вакцинираат.
СЗО предупреди дека омикрон ќе продолжи да се шири. Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом вчера (08.09.2021) ги повика државите во светот да преземат брзи чекори за спречување на ширењето на сојот Омикрон од корона вирусот.
Според Адханом, овој сој досега е пријавен во 57 држави во светот а сите предвидувања се тој број да продолжи да се зголемува, пред се заради големиот број на мутации на вирусот. Засега не може дефинитивно да се каже колку оваа варијанта на ковид -19 е позаразна од во моментов доминантниот делта сој.
Иако во државите низ светот забрзано се шири омикрон сојот на коронавирусот, кај нас засега не е регистриран ниту еден случај. Сѐ уште доминантен останува делта сојот, како кај нас, така и во државите од регионот. Во меѓувреме, надлежните повикуваат на помасовна вакцинација, која претставува единствениот реален излез од пандемијата.
Новиот сој омикрон на 06.12.2021 г. за првпат беше потврден на Балканот. Поточно, станува збор за двајца пациенти од Хрватска кои се инфицирале со новиот сој, а притоа не престојувале во Јужна Африка, но биле на состаноци на кои имало гости од странство.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар