×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Индекс за перцепција на корупцијата: Напредок има, но простор за големо задоволство нема

    28.01.2022 07:12 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Со 39 идексни поени Северна Македонија е рангирана на 87 место од 180 држави, на најновата листа на Транспаренси интернешнл за перцепција на корупцијата (ИПК). И покрај напредокот, состојбата е далеку од совршена. Претседателката на Транспаренси интеренешнл, Слаѓана Тасева  вели дека треба уште многу да се работи за надминување на долгогодишниот проблем со корупцијата. Како најнеопходна и најитна ја посочува судската реформа, затоа што во тој дел – во тие индекси, сè уште не покажуваме напредок

    Индекс за перцепција на корупцијата: Напредок има, но простор за големо задоволство нема Фото: commons.wikimedia.org

    Пишува: Симона Атанасова

     

    Северна Македонија „рипна“ за 24 места според Индексот за перцепција на корупцијата, објавен од страна на Транспаренси интернешнл. Оваа година државата се наоѓа на 87 место на листа од 180 земји, додека минатата година бевме на 111 место. Со добиени вкупно 39 поени, од можни 100, Северна Македонија е на иста позиција во однос на перцепција на корупција со Колумбија, Етиопија, Гвајана, Косово, Мароко, Суринам, Танзанија и Виетнам. На врвот на листата како најмалку корумпирани се наоѓаат Данска (88), Финска (88) и Нов Зеланд (88)

    Скокот од 24 места на Северна Македонија на Индексот за перцепција на корупцијата е највисок на земјава во изминативе пет години, но не и најдобар. Од актуелното 87. место на листата со 180 држави, повисоко рангирани бевме во 2015 година, кога земјава се искачи на 66. место.

    Индексот за перцепција на корупцијата рангира 180 земји и територии според перципирани нивоа на корупција во јавниот сектор на скала од 0 (многу корумпирано) до 100 (некорумпирано). Со вкупно 39 поени, земјава е под половината, па и покрај напредокот, се смета дека состојбата е далеку од совршена.

    Претседателката на Транспаренси интернешнл, Слаѓана Тасева за време на презентацијата на Извештајот рече дека има благо подобрување, но дека тоа е далеку од добро, па затоа треба уште да се работи за надминување на долгогодишниот проблем.

    Имаме многу работа, судската реформа ни е најнеопходна и најитна, затоа што во тој дел, во тие индекси сè уште не покажуваме напредок. Ова не треба да ни претставува преголемо задоволство, сепак резултатот е низок, ние имаме 39 индексни поени и сме на 87 место, рече Тасева.

     

    Иако се соочуваат со корупција, граѓаните не сакаат да ја пријават

    Истражувањата на јавното мислење во изминатата година покажуваат дека граѓаните се разочарани, губат доверба во институциите и не веруваат дека ќе видат значителна борба против корупцијата во блиска иднина. Дел од граѓаните се изјасниле и дека имале и директно искуство со корупцијата, но дека ретко ја пријавуваат.

    Резултатите од анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) спроведена од 27 април до 20 мај 2021 година, кои се објавени во „Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија“, говорат дека изложеноста на корупција е на високо ниво.

    Истражувањето покажува дека 33,7 отсто од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок, додека 32,9 отсто биле вклучени во корупција. Во изминатата година, 11,93 отсто од граѓаните се соочиле со директното барање поткуп, а за 17,25 отсто од граѓаните одговориле дека во изолирани случаи имало сугестија дека административците имале такви очекувања.

    Што се однесува, пак, до подложност на давање поткуп, само мал број од граѓаните рекле дека би платиле (4 отсто), би платиле доколку можат да си дозволат (17 отсто), 45 отсто не би платиле поткуп во никој случај, додека 31 отсто не би платиле доколку има друг начин да го решат проблемот.

    Мнозинство од граѓаните веруваат дека има потреба да се дадат пари, подарок или да се направи противуслуга со цел да се реши некој нивни проблем. Давањето подарок (64,2 отсто) е најверојатна постапка којашто граѓаните веруваат дека едно лице треба да ја направи за да го реши проблемот, пред услугата (61,2 отсто) или парите (59,7 отсто).

    Резултатите од последното истражување на Националниот демократски институт (НДИ) спроведено во јули и август 2021 година, покажуваат дека секој втор граѓанин смета дека нема да биде преземено никакво дејствие или стравува од одмазда доколку пријави корупција. Секој трет граѓанин не знае каде да пријави корупција.

    На прашањето дали лично или некој што живее во нивното домаќинство имал искуство со корупција во последната година, 6,1 отсто од анкетираните одговориле дека тие лично имале такво искуство,  5,1 отсто рекле дека член на нивното семејство се соочил со корупција, а 3,7 отсто одговориле дека и тие и членови на семејството имале коруптивно искуство, 6,8 отсто од граѓаните имале искуство со корупција во здравството, 3,7 отсто се соочиле со корупција во образованието, а 2,7 отсто во судството.

     

    Корупцијата преставува загриженост за Европската комисија

    „Корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост“, оценува Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Северна Македонија при процесот на пристапување во Европската Унија, објавен во октомври оваа година. Според ЕК, Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност, е умерено подготвена во однос на спречувањето и борбата против корупцијата

    Борбата против корупција во новата методологија за пристапување на земјите кон ЕУ е дел и од Поглавјето 23 насловено како Правосудство и фундаментални права.

    Во наредната година, земјата, според ЕК особено треба:

     

     


    Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар