×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во РСМ има реални показатели за ризици од терористички активности

    31.01.2022 12:31 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Во Извештајот за напредокот од ЕК се истакнува дека Северна Македонија треба да направи повеќе во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам. Извештајот бара до 2022 година земјата да ги исполни сите препораки на Европската комисија. А пак, експертот за безбедносни прашања Адриан Штуни оценува дека Северна Македонија и понатаму е ранлива на тероризам и насилен екстремизам. Земјата има реални показатели кои ја докажуваат опасноста од терористички активности, пишува Порталб.мк

    Во РСМ има реални показатели за ризици од терористички активности Фото: Порталб.мк

    Пишува Шефкије Аласани

    Северна Македонија е, по Косово, една од  најистакнатите земји од регионот во борбата против радикалниот тероризам. Од 2012 година до сега во конфликтните подрачја заминале 143 државјани на РСМ, од кои 69 се вратиле, а 38 се убиени. Петмина милитанти се активни во конфликтните зони, додека четворица се уапсени во Сирија. Во јули 2021 година, 23 лица (четворица мажи, пет жени и 14 деца) беа вратени од Сирија и Ирак. Во моментов во затвор се 11 терористички борци што учествувале на странски боишта, 6 се ослободени од затвор во 2020 година и ниту еден во 2021 година.

    Експертот за безбедносни прашања и меѓународни односи Адриан Штуни оценува дека нашата земја и понатаму е загрозена од аспект на насилен радикализам.

    Адриан Штуни, експерт за безбедност и меѓународни односи. Фото: ФБ

    „За жал, ризикот од насилен радикализам не е сезонски или привремен. Не постои вакцина за овој проблем. Опасноста е постојана и бара постојано внимание, особено во земјите со етничка, културна и верска различност како што е Северна Македонија. Работата треба да се удвои особено за рехабилитација и реинтеграција на оние кои се вратиле или ќе се вратат од Сирија, и оние кои ќе бидат ослободени од затворите во претстојните години. Секоја помош што ќе им се даде на повратниците или осудените не треба погрешно да се сфати како „награда“, туку треба да се сфати како помош за закрепнување и да се направат заедниците побезбедни“, рече за Порталб.мк Адриан Штуни.

    Според него, во РСМ има реален показател дека заканите од терористички активности се реални. Загрижува фактот што терористичките групи на социјалните мрежи имаат значителна поддршка од граѓани на РСМ.

    „Фактот дека во периодот од август до декември 2020 година полицијата уапси 11 осомничени под обвинение за планирање терористички напади во Северна Македонија, е јасен показател дека опасностите од терористичките активности се реални. Загрижувачки е и тоа што од уапсените е одземено значително количество огнено оружје и експлозив, што е показател за зголемена опасност. Исто така, податокот дека тројца од обвинетите се рецидивисти, односно претходно биле осудени за терористички активности и биле ослободени непосредно пред повторното апсење, отвора прашање за ефикасноста на казнените мерки што се применуваат за терористички дела со висок социјален ризик. Појасно кажано, казните во Северна Македонија, но и во другите земји од Западен Балкан, се во голема мерка ниски во споредба со казните изречени во земјите на Европската унија за слични прекршоци. Дури и во просторот на социјалните мрежи, поддршката за терористичките групи како што е Исламската држава е загрижувачки константна што покажува дека идеологиите кои предлагаат употреба на насилен екстремизам и терор за решавање на социјалните и политичките проблеми се вкорениле кај одредени групи во Северна Македонија и пошироко во Западен Балкан и не се површни или минливи појави“, изјави експертот за безбедност Адриан Штуни.

    Што прави РСМ во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам?

    Во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам има национален координатор и двајца одговорни заменици, а во август 2021 година беа назначени нов координатор и двајца други заменици со 4-годишен мандат. Одговорноста за прашањата поврзани со тероризмот е на Министерството за внатрешни работи, додека правната рамка се оценува дека е во голема мерка усогласена со правото на ЕУ и меѓународните инструменти за борба против тероризмот.

    Северна Македонија има Национална стратегија за борба против тероризмот (2018-2022) и Стратегија за борба против насилниот екстремизам (2018-2022), и двете со поврзани акциски планови. Национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на странски борци, повратници и членови на нивните семејства (жени и деца), беше усвоен во јуни 2020 година, со цел да се имплементираат утврдените приоритети за спречување на насилен екстремизам и радикализација. Планот има за цел да развие единствен сеопфатен национален пристап во третманот на странските терористички борци и нивните семејства.

    Земјата има имплементирано Билатерални договори за имплементација на Заедничкиот антитерористички акционен план за Западен Балкан од 2019 година.

    „Мислам дека во текот на последните години свеста за проблемот со насилниот екстремизам и тероризам во Северна Македонија е значително зголемена споредено со порано, кога проблемот најмногу се негираше или се минимизираше. Во меѓувреме, стекнато е драгоцено првично искуство во однос на поактивен и посеопфатен пристап од страна на државните структури. На пример, за поздравување е формирањето на меѓу-институционална група за реинтеграција на повратниците од Сирија, која има подготвено и детален план за пристапот кон нив. Исто така, постојат проекти финансирани од други земји од Европската Унија за проценка на потребите на семејствата на лицата осудени за терористички активности со цел да се помогне нивната реинтеграција во општеството – вели Штуни.

    Добра работа е направена и од Акционите тимови на заедницата, особено од онаа во општина Куманово со помош на Мрежата на силни градови. Граѓанското општество почна почесто да се вклучува во превентивните програми главно во партнерство со партнерски организации од други земји. На пример, вреден проект беше „Mother Schools” имплементирани од „Women without Borders“ во партнерство со неколку локални организации кои имаа добри резултати во спроведувањето на превентивниот пристап за почитување на мирот“, рече Адриан Штуни, експерт за безбедносни прашања.

    Сепак, земјата треба посериозно да работи на ова прашање со посебен фокус на работата на образовни програми, како и распределба на локални средства за борба против тероризмот.

    „А, има уште многу да се направи. Треба да се направи многу повеќе за превенција, почнувајќи од наставниците во училиштата. Приоритет треба да се даде и на работата во затворите за да се спречи радикализацијата на осудените. Конечно, не е тајна дека програмите за борба против насилниот екстремизам се во голема мерка осмислени, дизајнирани и финансирани од меѓународни организации со странско финансирање. Сé додека нема само-мотивирани и континуирани инвестиции на локални фондови за соочување со странскиот екстремизам, односно без притисок или поттик однадвор, но со локална волја, тешко дека достигнувањата ќе бидат одржливи или доволни на долг рок“, додаде експертот за безбедност Адриан Штуни.

    Во однос на борбата против тероризмот, Северна Македонија беше критикувана и во Извештајот за напредокот на Европската комисија.

    „Постигнат е одреден напредок во борбата против тероризмот и спречувањето/ сузбивањето на насилниот екстремизам во согласност со целите утврдени во Заедничкиот антитерористички акционен план за Западен Балкан и билатералниот договор за спроведување. Во јуни 2020 година беше усвоен национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на вратените странски борци и членовите на нивните семејства, со цел да се имплементираат утврдените приоритети за спречување на насилен екстремизам и радикализам“, се вели меѓу другото во Извештајот за напредокот на Северна Македонија.

    Во извештајот се забележува дека земјата не ги исполнила сите препораки предложени во 2020 година и се наведува дека во текот на 2022 година, земјата треба особено да направи повеќе за:

     

    Во извештајот се додава: Постојат локални механизми за спречување и борба против насилниот екстремизам. Акционите тимови на заедницата формирани во четири ранливи општини (Чаир, Гостивар, Кичево и Куманово), ги подготвија своите акциски планови. Формално треба да се разјасни поделбата на надлежностите меѓу локалното и централното ниво за спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам. Направени се напори да се формираат структури и механизми за справување со реинтеграцијата на локално ниво. Формирани се седум локални мултидисциплинарни тимови во Скопје, Тетово, Куманово, Гостивар, Охрид, Струга, Кичево, Пласница и Македонски Брод. Треба да се направи повеќе за реинтеграција и ресоцијализација на повратниците.

    Прочитајте повеќе за тоа што конкретно направи земјата во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам:

    Македонија нема направено речиси ништо за да ги заштити своите граници и да се бори против тероризмот и насилниот екстремизам

     

     


    Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар