Мени

Корупцијата е најприсутна при добивањето специјалистички услуги, покажало истражувањето на ЕСЕ (видео)

19.09.2026 13:49 | Сузана Николиќ

Давањето пари или подароци е најчеста форма на корупција во македонското јавно здравство. При тоа, во најголем дел од случаите мито се дава за болнички кревет или операција без чекање, како и за термин „преку ред“ кај доктор специјалист, покажало истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството.

Од ова правило не се исклучок ни пациентите во Куманово, кои кажале дека најголем проблем е закажувањето на специјалистички прегледи и оперативни зафати во јавните здравствени установи. Во истражувањето биле опфатени 300 жени на возраст од 18 до 60 години од урбана и рурална средина во Кумановско.

„На работилниците учесничките истакнаа дека се соочуваат со најголеми проблеми при закажување специјалистички прегледи, снимања или оперативни зафати. Бидејќи тоа не можат да го направат во Куманово, мора да одат во Скопје, а во државните установи нема место и многу се чека. Затоа се принудени да одат во приватни здравствени установи, а сето тоа го оптоварува семејниот буџет“, изјави Лидија Илиевска, претседателка на здружението „Мајка“, партнер на проектот.

Таа вели дека пациентите корупцијата ја препознаваат и во упатувањето од лекарите да купат лек во одредена аптека, како и во барањето соодветна услуга или противуслуга за извршена здравствена услуга.

„Интересно е што истражувањето покажа дека приватните врски и давањето ситни подароци не ги сметаат за корупција. Ниту една од учесничките не пријавила корупција, иако била сведок или некој нејзин близок бил изложен на коруптивно однесување. Причината е што се плашат дека повторно нема да ги добијат услугите или не знаат каде да пријават“, додава Илиевска.

Според истражувањето на Здружението ЕСЕ, најголема корупција има при добивањето специјалистички услуги, односно во секундарното и терцијарното здравство, бидејќи листите на чекање се многу долги, а можноста за добивање услуга веднаш кога е потребна е ограничена.

„Една од клучните поенти што произлезе од истражувањето е дека граѓаните корупцијата ја препознаваат главно преку давањето пари, но не и преку другите облици, како фаќање врски, „снаоѓање“, давање подароци, барање или давање сексуални услуги. Генерално, од сите испитаници, некаде околу пет проценти понудиле или им било побарано мито, или пак дале поткуп. Додека над 80 проценти од здравствените работници биле сведоци на коруптивни практики. Не секој здравствен работник е корумпиран, меѓутоа оние кои бараат поткуп ја нарушуваат довербата во здравствениот систем“, изјави Дарко Антиќ, програмски координатор на проектот.

Истражувањето било спроведено на 1.400 учесници, меѓу граѓани и здравствени работници, како и преку фокус-групи со жени. 

За искоренување на корупцијата во здравството, потребно е да се засили контролата во здравствените установи, да се подобри функционалноста на здравствениот систем и да се зајакнат механизмите за заштита од корупција. Исто така, потребно е да се подигне свеста кај пациентите за значењето на пријавувањето на корупцијата.

На плоштадот во Куманово денеска се одржа првата од серијата јавни трибини „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, на која говореа претставници на граѓански организации, здравствени работници и граѓани.

Корупцијата е најприсутна при добивањето специјалистички услуги, покажало истражувањето на ЕСЕ (видео)