Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со грант од 53. 306 евра, обезбеден од јапонската амбасада ќе се изврши реконструкција на Детската градинка „Детелинка“ од Крива Паланка.
Грантот е наменет за објектот „Пролетна роса“ каде ќе се реконструира кујната што ги опслужува сите три објекти на кривопаланечката градинка, потоа ќе биде заменета дотраената електрична инсталација, ќе се реновираат санитарните јазли и ќе се обнови подна и ѕидна конструкција.
Договорот за грантот го потпишаа амбасадорот на Јапонија во РС Македонија, Хиронори Савада при неговата официјална посета на Општина Крива Паланка и директорката на градинката Мирка Јакимовска.
„Со реконструкцијата ќе се овзможи унапредување на хигиената и подобар престој за децата, а овие услови се клучни за правилниот раст и развој на најмладите во општината“, изјави амбасадорот Савада.
Грантот е дел од ГГП Програмата за мали проекти на Јапонската Амбасада.
Градоначалникот Митовски нагласи дека Општина Крива Паланка по втор пат ја добива довербата од Јапонската амбасада и нејзината финансиска поддршка.
„Во 2021 година, со грант од 60.000 евра, Јапонската амбасада донираше комунално возило за смет за ЈП„ Комуналец,а денеска го потпишуваме и проектот за реконструкција во Детската градинка „Детелинка“. Тоа ќе ги подобри условите за згрижување на најмладите во општината и ќе го подобри квалитетот на услугите на оваа општинска установа“, истакна Митовски.