Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка им додели јубилејни признанија и значки на крводарители и волонтери кои дале придонес во осамостојувањето и унапредувањето на крводарителството во 2021 година.
Републички признанија за постигнувања на полето на крводарителство за 2021 година добија подржувачите на програмата на крводарителството: Иво Димитровски, Блаже Димитровски, Влатко Маџовски, Татјана Филиповска и Територијалната противпожарна единица од Ранковце.
Плакета за 50- то дарување доби Саше Величковски, а значки за 25-то дарување добија: Сашо Цветковски, Даниел Тасевски и Горан Атанасовски. Беа доделени и значки за 22 крводарители за по десет остварени крводарувања и значка за 10-то дарување на крв.
„17 март е ден на формирањето на Црвениот крст на Македонија и денот на крводарителството. Црвениот крст е симбол на обединување на сите хуманитарци, крводарители, сите доброволци, и дарители на помошта на луѓето во целиот свет, на категориите граѓани кои во одреден момент се нашле во неповолна ситуација. Крводарителите се вистински херои на денешницата, а нивниот придонес останува клучна алатка во спасувањето животи, рече Дарко Пешовски, секретар на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка.
Во 2021 година ОО Црвен крст Крива Паланка реализираше 15 акции за крводарување на кои се собрани 732 крвни кеси, а планот за крводарување за минатата година со проектирани 711 крвни единици е натфрлен.