Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Eкипите на ЕВН ќе влезат во селото Слупчане да ги отстранат настанатите дефекти и да ја приклучат електричната енергија, откако локалната власт и политичките партии гарантирале за нивната безбедност.
„Екипите на Електродистрибуција ќе започнат со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во Слупчане. Постигнат е договор со мештаните на Слупчане, а гаранции се дадени од локалната власт и од страна на сите политички партии“, соопшти ЕВН.
Оттаму се додава дека наредната недела во организација на министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково Еркан Арифи ќе се одржи состанок во општина Липково на кој ќе се договорат сите детали за организацијата и реализација на проектот и со работа на терен ќе се започне од 9-ти август.
Жителите на Слупчане вчера го блокираа влезот на селото по што доставија повеќе барања од ЕВН, како простување на долговите, нови приклучоци за 6.000 денари, потоа сметките да не можат да бидат повисоки од 3.000 денари без разлика на потрошената струја, ослободување на џамиите од плаќање.
За време на протестот жителите ја општетиле трафостаница, при што без струја остана целиот регион и граничниот премин Табановце на македонско-српската граница.
Мештаните на соседното Оризаре, кое исто така остана без струја, денеска одржаа протест пред канцеларијата на ЕВН во Куманово, барајќи да им се пушти струјата бидејќи редовно си ги плаќаат сметките.