Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На доајенот на македонското глумиште Ѓокица Лукаревски вчера свечено му беше врачено признанието - Лаурет на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ , кој годинава се одржува по 13-ти пат во Крива Паланка.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски рече дека му е чест што меѓу лауреатите на театарскиот фестивал се вклучува познатиот и омилен македенски актер Лукаревски.
Рецензентот Гоце Ристовски, театарски критичар и публицист, истакна дека Лукаревски е единствен меѓу актерите кој се издвојува по својата мултиталентираност и мултислојност во толкувањето на улогите од најразлични
жанрови и по освојувањето на сцената дури и во драмските паузи.
„Лукаревски е мајстор на импровизацијата, но и мајстор на играта на молкот и паузите, кога умее да ја исполни сцената со своето психо-физичко толкување на ролјата, нешто што му е само нему својствено“, подлече
Ристовски.
Лауреатот Лукаревски изрази огромна благодарност за доделеното признание со кое се вклучува во групата на великаните на македонското глумиште и на бившите ЈУ простори.
„Вакви зборови за моето актерско творештво досега не сум доживеал. Емоциите што ги доживеав овде за мене воедно се многу тешки, но и многу благодарни. Чест ми е што сум дел од лауреатите на овој театарски фестивал“, рече Лукаревски.
Во своето обраќање пред публиката ја изрецитира песната „На гробот на Дениција“ од Петре М. Андреевски, која ја рецетирал и на приемниот испит на Факултетот за драмски уметности пред неговиот ментор Илија Џувалековски.
Со доделувањето на лауретското признание свечено беше отворено 13- то издание на МТФ„Свети Јоаким Осоговски“.
Првата претстава што се игра вечерва е „Ѕвездено циганско кабаре“, во изведба на Уметничката работилница „Призор“ од Белград, Србија.