Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Семејството Давитковски остана без покрив над главата, откако во голем пожар до темел изгоре нивната куќа во кривопаланечкото планинско село Дренак.
Пожарот избувнал вчера околу 12 часот, додека двајцата браќа, кои живеат сами биле по добитокот, па соседите им јавиле дека куќата им гори. Поради тоа не знаат како настанал пожарот. Се обиделе сами да го изгаснат но безуспешно, а од непристапниот терен и непроодниот пат од снежните навеви до селото не можела да стигне ни противпожарната помош.
Со цел да се помогне и времено да се згрижи насреќното семејство, се мобилизирале општинските институции на Крива Паланка.
Во акцијата се вклучиле локалната самоуправа, Противпожарната единица, Општинскиот Црвен крст и Здружението „Оф роуд екстрим Крива Паланка“.
„Во координација со градоначалникот Сашко Митовски и други организации од општината веднаш презедовме мерки за помош и згрижување на двајцата браќа, кои останаа без покрив на главата на минусни температури и снежни навеви. Еден пожарникар од нашата единица, кој има куќа во селото Дренак, веднаш се понуди да бидат згрижени во неговиот објект додека да се изнајде долгорочно решение за нивното станбено обезбедување. Работата е во тоа што тие одгледуваат добиток од што обезбедуваат егзистенција и се приморани да останат во селото“, вели Иле Коцевски, командир на ТППЕ Крива Паланка.
Браќата останале без ништо, па им е потребна храна, прекривка и постелнина, кои се обезбедени од Општинската организација на Црвен крст и од Општината. Црвениот крст обезбедил душеци, кебиња, пакети со хигиенски средства и храна, а поголема количина на пакети е доставена и од општината.
Бидејќи патот е непрооден, а снежните навеви на места изнесуваат и над 50 см до еден метар, во доставата на помошта било вклучено Здружението „Оф роуд екстрим Крива Паланка“, кое со теренски возила успеало да се пробие до селото и до браќата.
„Благодарение на хуманоста и на брзата интервенција на сите инволвирани, засега браќата се на сигурно, а во координација со општината во наредниот период ќе се бара решение за нивното станбено обезбедување“, вели Коцевски.
Инаку, планинското село Дренак во зимскиот период, при обилни врнежи од снег, редовно останува завеено и отсечено од комуникација поради тесниот и непристапен коловоз и одалеченост. Досега на жителите повеќепати им е доставувана помош во храна и други намирници со хелихоптер.