Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Градскиот музеј во Крива Паланка денеска беше отворена ретроспективна изложба на еден од најзначајните современи македонски ликовни уметници Владимир Георгиевски (1942-2017), на која се поставени 20-тина дела од неговиот богат творечки опус.
Изложбата се реализира во соработка со Музеј на Град Скопје, преку мрежата Muzeum link, а целта е да им се овозможи на што поголем број љубители на уметноста надвор од главниот град да се запознаат со опусот на уметникот.
За значењето на творештвото на Георгиевски говореа Јасминка Намичева координатор на мрежата Muzeum link и Ѓорѓи Костовски, историчар на уметнот во кривопаланечкиот музеј, а присуствуваше и ќерката на македонсккиот автор, Фросина Георгиевска.
„Георгиевски настојувал на сликарството да му го врати изгубеното достоинство и одново да го доближи до филозофијата разбрана како љубов кон мудроста. Уште како млад уметник се движел во спротивна насока од неговите современици, па и покрај сите тенденции на следење нови движења и трендови во уметноста, останал доследен на фигуративното сликарство“, истакна Костовски.
Владимир Георгиевски завршил сликарство и постдипломски студии на Академијата за ликовни уметности во Белград. Работел како професор по сликарство, пластично обликување, историја на уметност, сценографија и костимографија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.
Добитник е на највисоката државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата (2013), на наградата за животно дело на ОСТЕН (2014) а наградуван е и за сценографски и костимографски решенија за бројни театарски претстави и играни филмови во Македонија и земјите на бивша југославија.
Имал самостојни изложби во Белград, Истанбул, Вена, Рим, Санк Петербург, Киев, Софија и Скопје.