Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Помалите општини од Североисточниот регион имаат огромен проблем со недостиг на инспектори, заради што приоритетно се покриваат само најалармантните области.
Општина Крива Паланка има тројца инспектори, Кратово, Липково и Старо Нагоричане по еден, а Ранковце нема ниту еден инспектор во моментов. За најприоритетните проблеми склучен е меѓуопштински договор со Општина Куманово.
- Во моментот имаме тројца инспектори, а покрената е постапка за вработување на двајца нови инспектори. Соочени сме со предизвикот да се одговори на сите тековни барања, дописи од странки, пријави на проблеми. Затоа ги покриваме само оние области коишто се најалармантни. Општините, дали се поголеми или помали, имаат исти проблеми со кои се соочуваат секојдневно“, вели градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
Состојбата во Општина Ранковце е уште поалармантна. Иако има одделение за инспекциски надзор, немаат ниту еден инспектор. Имаат склучено меѓуопштински договор со Општина Куманово.
„Проблеми имаме многу, а немаме градежен и комунален инспектор, за сообраќаен да не зборуваме. Иако сме мала општина и кај нас има многу проблеми. Тука поминува меѓународниот пат за Бугарија, а поради корона кризата имаме и голем број на викендаши. Немаме урбанистички планови за сите населби, а интересот за градба на викендици е се поголем, особено во селата Герман, Пклиште и Станча. Се соочуваме со бесправни градби, што ќе предизвика голем проблем во урбанизацијата и развојот на општината, потенцира градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски.
Инспекторот Часлав Максимовиќ, од Општина Старо Нагоричане, наведува дека и тие се соочуваат со истите проблеми, додека Орце Петковски, градежен инспектор од Кратово, пак, вели дека мора да се ангажира и на дополнителни работи кои не се во негова надлежност, а заради квантитетот на услугите се губи на квалитет.
(Ж.Ц.)