Просечната нето-плата во август изнесувала 48.733 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата во земјава во август 2026 година изнесувала 48.733 денари, што е зголемување за 7,6 проценти во споредба со истиот месец лани.
Според Државниот завод за статистика, растот на просечната нето-плата на годишно ниво, пред сè, се должи на зголемувањето на платите во секторите снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 11,9 проценти, административни и помошни услужни дејности за 10,7 проценти и преработувачка индустрија за 9 проценти.
Во август, во споредба со претходниот месец, зголемување на просечната исплатена нето-плата е забележано во секторите снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 5,4 проценти, уметност, забава и рекреација за 5 проценти и административни и помошни услужни дејности за 4,2 проценти.
Просечната бруто-плата, пак, во август годинава изнесувала 73.336 денари.