Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Снааи кои се омажиле помеѓу две Тодорици, заедно со своите свекрви, денеска учествуваа на манифестацијата „Невестинско поклонение“, која се одржа 13 пат во кривопаланечкото село Конопница, во кругот на црквата „Свети Теодор Тирон“.
Оваа манифестација ги обединува послесвадбените обичаи и е посветена на добивање благослов за пород и род, како и зајакнување на брачните и семејни врски. Според традицијата, невестите со поклоненички марами, заедно со свекрвите, учествуваат во невестинска поворка и се поклонуваат пред „Свети Теодор Тирон“ , облечени во народна носија.
Годинава на Невестинското поклонение учествуваа снаата од Галичката свадба заедно со нејзината свекрва, како и двојки од штипско и кривопаланечко.
Идеен творец на оваа традиционална манифестација е Стојанче Величковски од село Конопница, а покровител Општина Крива Паланка. Како организатори се јавуваат РЗР "Патник", Лу Градски музеј, НУ Центар за култура и Месната заедница Конопница.