Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Потресната приказна за деветте браќа-ѕидари и убавата Рада се уште привлекуваат огромен број туристи, кои доаѓаат да го видат легендарниот Радин мост во Кратово.
Импресивната глетка, средновековните кули на кои лежи мостот и легендата за жртвувањето на младата невеста оставаат трајни спомени кај сите посетители, кои со интерес ги слушаат раскажувањата на старите кратовци, додека стојат на мостот над Манцева река. Иако, денеска многу малку е останато од автентичната градба на некогашниот мост, сепак туристите како магнет ги привлекува несекојдневното предание.
Мостот бил подигнат и пуштен во употреба на 16 септември 1833 година, а управувањето со градбата му било доверено на скопскиот големец Хавзи Паша. За изградбата на мостот била обезбдена финансиска помош од градот Дубровник, благодарение на заложбите на жителите на Дубровничката колонија во Кратово, која броела 57 куќи и на германските рудари Саси, кои ги обновиле старите кратовски рудници. Мостот преку Манцева Река бил потребен за комуникација со Злетово, Лесново, Штип, Кочани и околните градови.
Уште кон крајот на 14 век, познатиот мајстор Раде изградил мост, кој бил познат како Радев мост. На двете страни имало стражарници и се наплаќала патарина во натура-со јајца, мед, сирење, урда. Но, околу 1820 година, мостот бил погоден од гром и уништен. Така, патниците останале отсечени, а трговските врски со околните градови биле отежнати и морало да се кружи преку Аргулички мост. Затоа, Дубровчаните и Сасите, кои живееле во Кратово, издејствувале средства од Дубровник и почнала изградбата на легендарниот Радин мост, непосредно над разурнатиот Радев мост од кој се уште стојат остатоци.
Според легендата, изградбата на Радин мост била аманет, кој мајката на деветте браќа-ѕидари им го оставила. Мајката на браќата, кои биле од кратовското село Крилатица, еден ден тргнала на пазар во Куманово, но не стигнала, затоа што Крива Река го однела Марков мост. После тоа, таа на своите синови им оставила аманет да градат по еден мост секаде каде што ќе одат за да се шири шоплукот, бидејќи тие потекнувале од подрачјето населено со Шопи и сите деветмина браќа имале шопски имиња.
Според преданието, тие почнале да го градат мостот на Манцева Река, но тој постојано се уривал. Се што ќе изграделе дење, ноќе паѓало. За да им „затрае“ мостот, тие се опкладиле која снаа утредента ќе донесе ручек, неа да ја заѕидаат во темелите за да се зацврсти градбата. За договорот сите им кажале на своите невести, само најмалиот брат не кажал. Утредента, најмладата Рада им зготвила ручек и го однела на мајсторите, а кога ја видело нејзиното момче силно заплакало. Деверите, пак, ја фатиле и жива ја заѕидале во темелите. Рада само милно ги замолила да и ја остават десната града за да може да си го надои машкото дете.
Ова е најраширената и најприфатена легенда за која Васка Илиева има испеано и песна, но постои и предание дека во темелите на мостот е заѕидана само сенката на Рада, а таа била поштедена да не оди курбан заради малото доенче што го имала.
Старите кратовчани ја раскажуваат и случката кога за време на Втората светска војна во градот влегле Германците и мислеле дека тоа е крајот на светот. Кога германската војска пристигнала ги повикале д-р Трајче Манев, кој завршил медицина во Виена и неговата сопруга Екатерина, која била Германка, а која кратовчани ја викале Марица. Благодарение на неа, градот не бил запален, а Германците не верувале дека нема пат понатаму. Старешината пратил еден од војниците преку Радин мост, но на околу 300 метри од него, кон Добрево, патот се стеснувал во козја патека. Кога војникот го прашале каде е, тој одговорил дека е на крајот на светот и гледа само карпи и небо.
Своевидна жртва на прочуениот Радин мост бил и македонскиот учител и револуционер Јосиф Даскалов, кој бил одговорен за Кратовскиот реон во рамките на Македонската револуционерна организација. За време на Виничката афера, во 1897 година бил уапсен и зверски мачен. За да се спаси, тој ги излажал турските власти дека во Кратово има тајна архива на Организацијата. Кога ноќе го воделе до посоченото место, тој го фатил кајмакамот и сакал и двајцата да завршат со смрт фрлајќи се од Радин мост. Турчинот се спасил, а Даскалов удрил во карпата на дното, но сепак преживеал. Одлежал 6 години затвор на Родос, а подоцна бил испратен во Подрум Кале и отруен од врховистите во 1909 година.
(Жаклина Цветковска)