Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со вкупна инвестиција во износ од околу 9,5 милиони денари, средства од Министерството за образование и наука, обезбедуваме подобри услови за настава на 260 ученици од прво до девето одделение во ООУ „Дитурија” во Липково, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска, која денеска заедно со градоначалникот Еркан Арифи и пратеникот Арбер Адеми ја посети оваа општина и изврши увид во градежните работи во училиштето за санација на фасадата и реновирање на санитарните јазли и внатрешноста.
„Со овој проект треба да се овозможат и создадат услови за нормално одвивање на наставниот процес, да се вградат материјали според сите важечки стандарди и нормативи и да се исполнат условите за енергетска ефикасност, како што доликува на современите училишни објекти. Со овие инвестиции вложуваме директно во децата, во младите, во сегашните и идните генерации ”, рече Царовска.
Таа посочи дека Министерството за образование и наука изминатиот период, освен што се фокусирал на спроведување на темелни реформски процеси во основното образование и на обука на квалитетен наставен кадар, ги зајакнало и инвестициите во училишните објекти во секоја општина и населено место, со цел да ги подобри условите за настава на секое дете.
„Овој и уште многу други проекти на централната власт се доказ повеќе дека работиме посветено за секоја една општина во нашата земја, за секое дете, за секој граѓанин. Тоа се гледа и во нашата заложба како Министерство во зголемените на над 1 милијарда денари за капитални инвестиции во делот на образованието, средства кои ги насочуваме и градиме по план во интерес на секое дете во општините каде што е најмногу потребно “, истакна Царовска.
Средбата беше искористена и за разговор околу реформски процеси во основното образование.