×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Стадо напуштени крави шетаат низ Крива Паланка и селата и прават пустош, жителите бараат заштита

    13.03.2025 16:16 | Жаклина Цветковска

    Веќе 15-тина години кривопаланчани мака мачат со стадо крави кои неконтролирано се движат по јавните површини во градот и приватните имоти на населението од урбаните и рурални населби, пустошејќи им ги насадите и нанесувајќи им огромни штети. 

     

    Стадо напуштени крави шетаат низ Крива Паланка и селата и прават пустош, жителите бараат заштита

    Во прашање е доведена и безбедноста на сообраќајот, особено по магистралниот пат кон граничниот премин Деве Баир, а во повеќе случаи било загрозено и здравјето на граѓаните кои биле нападнати од добитокот.

    Жителите со години реагираат за горливиот проблем со запуштените крави, кои се движат насекаде прегладнети и незгрижени во соодветни услови, досега поднеле голем број претставки до надлежните институции, а има и повеќе тужби против сопствениците. Случајот ескалираше откако вчера на една национална телевизија излегоа трите сестри од семејството Ѓорѓиевски од село Жидилово, кои се претставија како сопственички на стадото од околу 500 грла и кои ја обвинија претходната власт за политички реваншизам , директно посочувајќи го поранешниот министер за земјоделие Љупчо Николовски.

    Сопственичките реагираа на решението на Агенцијата за храна и ветеринарство според кое се одговорни за сторен прекршок по член 12 од Законот за заштита и благосостојба на животните и им е изречена посебна прекршочна мерка за одземање на животните. Нивниот настап наиде на осуда кај населението, кое ги демантираше нивните наводи и побара надлежните интитуции веднаш да постапат по правосилната одлука.

    „Со години трпиме штети на земјоделските површини и насадите. Кравите ни го уништуваат трудот постојано. Минатата година една од нив ме бутна и ми ја скрши раката. Пред една недела повторно ми беа во дворот, а сопственикот, односно таткото на трите сестри ми се закани дека ќе ме натепа и очите ќе ми ги извади. Пријавувам во полицијата во Крива Паланка и Куманово, но проблемот никако не се решава“, вели Лепа Стефановска од село Варовиште.

    Таа е само една од оштетените околу 70 жители кои денеска присуствуваа на прес конференцијата организирана од Општина Крива Паланка. Сите тие потврдуваат дека нема жител на кој кравите не му наштетиле, но алармираат и на сериозна негрижа кон нив, сведочејќи за угинати животни во нивните дворови и ниви. Само пред два дена, едно теле падна на локалитетот на т.н. Кадиска Чешма, во центарот на Крива Паланка, кое заради сериозноста на повредите беше извлекувно со помош на пожарникарите и полицијата. Граѓаните, истовремено, се пожалија и на агресивност, физичко и вербално насилство од страна на сопствениците.

    „Со години се расправам со ова семејство. Ни се потсмеваат на нашата мака и на тоа што сакаме да си ги заштитиме имотите. Ми се закануваа дека ќе ме убијат, а една од сестрите ме нападна, ме удираше и ме плукаше. Имам и лекарско уверение, ама судот во Крива Паланка и досуди парична казна од 1.000 денари и опомена“, се жали Стојанче Јакимовски од село Кркља.

    Грaдоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски нагласи дека ова не е проблем на една партија или на поединци како што сака да се претстави пред пошироката јавност. Проблемот со напуштениот добиток е проблем за секој еден жител на Крива Паланка и секој посетител. Како што рече, граѓаните се заложници на едно семејство кое се претставува како чесни земјоделци-сточари, а во позадина се врши тортура и на животните и на граѓаните.

    „Инспекциските служби и ЈП Комуналец располагаат со записници за загадена вода во браната во село Жидилово од удавени говеда во повеќе наврати, за оштететено јавно зеленило и јавни површини, уништени спортски и детски игралишта, насади, засновани на стотици пријави од граѓани, групи и поединци. Но, сопствениците свесно ги отстрануваат ушните маркици кај животните, за да не може да се утврди сопствеништвото. Општината трпи и сериозни финансиски импликации за собирање на угинатите животни кои умираат од студ, прегладнетост, удар од возила, давење и слично, и нивен транспорт до комуналната депонија“ истакна Митовски.

    Реагираа и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Крива Паланка, кои на својата Фејсбук страници потврдија дека подолг временски период жителите од повеќе кривопаланечки села се соочуваат со проблеми и штети што ги предизвикуваат овие животни и апелираа што поскоро да се изнајде соодветно решение.

    Од јануари 2022 година до денес, Општината и градоначалникот доставиле повеќе барања за помош во решавање на проблемот до Владата на РС Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство.

    Општина Крива Паланка и граѓаните најавија преземање на поригорозни мерки доколку не се реши проблемот, како што е блокирање на магистралниот пат или регионалните патишта.