Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Отворање на медицинска, електротехничка, машинска и угостителско-туристичка струка, во средните училишта во Крива Паланка и Кратово, побараа денеска градоначалниците Борјанчо Мицевски и Љупчо Бојаџиев, од министерката за образование и наука Мила Царовска, на јавната дебата под наслов „Учи паметно, работи стручно“.
„Целта на овие средби е заеднички да ги идентификуваме профилите кои ќе се отворат во средните стручни училишта уште од идната учебна година според потребите на реалниот сектор. На овој начин го обезбедуваме потребниот кадар којшто е важен за развој, но и за економијата на локално и на регионално ниво”, рече Царовска, на средбата со компаниите, средните училишта и претставници од локалните самоуправи.
Министерката истакна дека со средбите се постигнува успешна соработка помеѓу компаниите и стручните училишта. Како резултат на овие консултации некаде ќе се отворат дуални паралелки, а некаде ќе се интензивира феријалната пракса со присуство на учениците во самите компании.
Двајцата градоначалници изразија задоволство за средбата и истакнаа дека локалните самоуправи се значаен фактор во јакнењето на соработката помеѓу компаниите и стручните училишта.
(Ж.Ц.)