×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Протестираа жителите на Оризаре пред ЕВН, бараат да им се приклучи струјата затоа што редовно си ги плаќаат сметките

    27.07.2023 15:00 | Оливера Пешевска

    Над 200 жители на селото Оризаре, денеска протестираа пред канцелариите на Корисничко-енергетскиот центар Куманово, поради исклучување на струјата во селото, по блокадата во селото Слупчане. Тие бараат средба со одговорните за да се најде решение на проблемот, во спротивно нема да се повлечат.

    Протестираа жителите на Оризаре пред ЕВН, бараат да им се приклучи струјата затоа што редовно си ги плаќаат сметките

    „Како може ние да немаме струја кога плаќаме редовно. Имаме дома фризидери, храна, имаме бизниси, маркети, кафиќи, фрижидери со сладоледи,  сето тоа ќе заврши во ѓубре.  Веќе 48 часа не можеме да се искапеме на температура од 40 степени, затоа што бањите ни се на хирдофори од бунари, без струја немаме и вода. Ако ЕВН нема начин да влезе во Слупчане тоа не е наш проблем туку на компанијата и државата, ние си ги бараме нашите права како граѓани“, изјави Фаредин Дестани, секретар на месната заедница.       

    Тој вели дека во Оризаре се поставени дигитални броила, надвор од стамбените објекти и куќите, а жителите редовно си ги плаќаат доспеаните сметки.

    Жителите објаснуваат дека тие не се против барањата на жителите на Слупчане, само не дозволуваат да бидат заложници на нивните несогасувања со ЕВН.

    „Ние бевме утринава, се сретнавме со еден раководител кој ни кажа дека нема да имаме струја се додека не се реши проблемот во Слупчане. ЕВН има големи агрегати нека донесе во Оризаре и нека го снабди селото или преку ново поврзување на далекувод преку Липково“, реагира Фљорим Јусуфи од Оризаре.

    Во селото Оризаре има околу 500 куќи, велат дека сега е време кога многу гастрабејтерите се дојдени дома, прават веселби, а без струја животот им е целосно парализиран. Велат дека подготвуваат и тужби против ЕВН.

    Од ЕВН Македонија велат дека жителите на Оризаре утринава насилно упаднале во просториите на компанијата во Куманово, поради што вработените на КЕЦ Куманово ги напуштиле работните места од безбедносни причини и непостоење на услови за работа. Објектот е под силно полициско обезбедување.

    „Се до создавање на нормални услови за работа, Корисничкиот енерго центар на ЕВН - Куманово нема да работи“, соопшти ЕВН.

    Кога ние отидовме околу пладне, претставници на селото во објектот на КЕЦ Куманово чекаа да бидат примени на разговор од некој од одговорните, додека останатите мирно протестираа пред канцелариите и ја чекаа разврската. Велат дека ќе останат тука додека не се вклучи струја во нивното село.

    Жителите на Слупчане протестот го започнаа вчера и ги спречија екипите на ЕВН да влезат во селото и да ги отстранат дефектите, предизвикани од самите жители, по што без струја остана и Оризаре.