Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановец, кој живее и работи во Минхен, Германија, награден е со највисоки признанија за храброст во Република Баварија, затоа што спасил човек заробен во пожар во неговиот стан.
Роберт Пешиќ (38), кој работи како медицинско лице во локална патронажна служба, пред две години, ризикувајќи го сопствениот живот влегол во зградата во која беснеел пожар и успејал на раце да го изнесе Германецот Кристијан од запалената просторија. Пешиќ, кој за својот исклучителен потег е одликуван од баварските власти, во критичниот момент бил на работа, кога забележал дека станот во кој требало да оди гори. Без многу размислување се впуштил во спасувачката мисија на несреќниот човек зафатен со пламен.
„Како и секој друг ден заминав во посета на еден наш пациент да му дадам терапија. Кога стигнав пред зградата видов кола на Брза помош, а потоа забeлежав дека од станот во кој живее излегува чад. Без размислување втрчав внатре, но од густиот чад ништо не можев да видам. Отидов во собата каде што лежеше пациентот и креветот беше празен. Излегов од станот земав воздух и пак се вратив да го барам по подот. Во третиот обид го најдов блиску до балконот зафатен од огнот. Успејав да го подигнам и да го изнесам. Кога излеговме од станот нозете уште му гореа. Ја соблеков маицата и го изгаснав, но по тело имаше изгореници. Во меѓувреме пристигна противпожарната единици и двајцата не однесоа во болница“, - се присетува Роберт.
Храбриот болничар немал физички повреди ни изгореници по телото, но бил задржан на лекување затоа што вдишал големи количини на чад и постоело опасност да дојде од труење на организамот, па откако се опоравил бил пуштен дома.
Пожарот во станот го предизвикал моторот за подигање и спуштање на креветот, а Кристијан имал проблеми со дишењето и користел кислород од боца. Најголема опасност по животот на двајцата била можноста таа да експлодира. Но, во тие моменти Роберт не размислувал за опасностите што демнат.
„ Тогаш само мислев како да му помогнам човекот и да го спасам, последиците не ми беа ни на крај памет. Сега кога ќе размислам се чувствувам гордо, но од оваа дистанца ми изгледа страшно. Гордо затоа што успејав да спасам еден живот, а тажен поради што му се случи на тој кутар човек кој живееше сам. Ме плаши и помислата што се можело да се случи да експлодираше боцата, за моите деца... Но, без размислување би го направил истото повторно ако се најдам во слична ситуација“, - вели овој млад храбар човек.
Наградите на Роберт му ги врачил лично премиерот на Баварија, Маркус Зедер, минатата среда, на свечена церемонија во премиерската резиденција во Минхен, заедно со уште стотина други спасувачи полицајци, пожарникари, лекари, деца и обични луѓе од целата република, кои во 2017 и 2018 година се истакнале со нивната лична храброст. Од нив 43 добиле медал на Баварија и 59 признание Кристофер, додека само Роберт и уште еден човек ги добиле двете. Баварскиот медал се доделува на лица кои спасиле живот ризикувајќи го сопствениот, а Кристофер за спасување на луѓе во тешки околности. Церемонијата на доделување на заслужните признанија се организира еднаш во две години.
На свечената церемонија на наградувањето на македонскиот државјанин Роберт Пешиќ, од официјалните баварски власи биле поканети и претставниците на Генералниот конзулат на Македонија во Минхен. Генералниот конзул Сашо Аврамовски, вели дека досега не присуствувал на таков настан и посебно е горд што наш државјанин направил таков подвиг.
„ Импресиите се големи, бидејќи ова неретко се случува. Ова беше една голема радост за сите нас, бидејќи се потврдува дека нашите државјани се амбасадори на својата земја и својот народ. На сите состаноци коишто ги водиме и разговараме околу олеснување на визите, возачките дозволи, признавање на дипломи, јас ги фалам моите иселеници, со овој подвиг се докажа дека ние сме малубројна ама дисциплинирана нација. Роберт го потврди тоа мое кажување во права смисла, за да не биде само дипломатска фраза. Голема беше честа што премиер на една од најсилните и најбогатите републики во Германија одвои толку време и со сите лично се сретна, се фотографираше и ги награди со плакети“, - вели Аврамовски.
Присуството на македонскиот конзул била голема поддршка и за семејството Пешиќ, во тој многу значаен момент во нивниот живот.
Роберт додава дека наградата му значи многу, затоа што туѓа држава го вреднувала неговиот подвиг, а особено што покажал колку нашиот народ е подготвен да помогне во било која ситуација. Сепак, најголема поддршка му е неговото семејство, сопругата Ивана, ќерката Сташа (12) и синот Леонид (6), кои се горди на него.
„ Кога ги донесов дома ореденот и дипломата, моите деца ме прашаа поради што сум ги добил. Им раскажав што сум направил, мојот син ме гушна и ми рече: - Тато ти си мојот херој, кога ќе пораснам јас ќе им помагам на луѓето како тебе. За мене тоа е најголема награда, која нема цена“, - раскажува Роберт.
Роберт и неговото семејство се преселиле во Германија пред две години, а неговиот подвиг се случил на 5 август 2017 година во пладневните часови, само три месеци откако почнал таму да живее и да работи. Тој додава дека во Германија се функционира како што треба, кој е вреден ќе биде награден, а кој не ги почитува законите ќе биде казнет, она што најмногу недостасува во нашата земја.
Како добитник на најпрестижните признанија ордени за храброст, Роберт се стекнал со доживотен бесплатен влез на сите културни манифестации, музеи, замоци, езера и сите други културни споменици во Република Баварија.
Според конзулот, во Германија има околу 120.000 македонски државјани, во Република Баварија од 30.000 до 35.0000, а во Минхен околу 7000 граѓани.
(С.НИКОЛИЌ)