×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановец шеф на кујна и фуд дизајнер во познат хотел во Германија

    27.01.2023 14:36 | Оливера Пешевска

    Кумановецот Филип Митевски е шеф на кујна во хотел во германскиот град Ербах, а на оваа позиција се наоѓа од мај минатата година. Унапредувањето на работното место го добил по неколкугодишна упорна, дисциплинирана и креативна посветеност на работата што ја избрал за своја професија. о животот, но и во работата, Митевски ја користи познатата девиза „Најдете си работа што ја сакате и никогаш веќе не мора да работите“.

    Кумановец шеф на кујна и фуд дизајнер во познат хотел во Германија

    „За да бидете успешен треба да сте свој, да имате многу љубов кон тоа што го работите, да знаете што сакате да постигнете и до каде сакате да стигнете. Тука е и искуството што сте го собрале со многуте изработени часови во професијата, како и многу литература“, објаснува младиот Митевски.

    Готвењето како професија го осознал уште од 11-годишна возраст кога во ресторанот на неговите родители во Куманово за првпат се запознава со гастрономијата. Потоа, продолжил во Средното Угостителско-туристичко училиште „Лазар Танев“, насока готвач во Скопје, по што се запишува на Медицинскиот факултет во Софија, на отсекот санитарен инспектор и безбедност на храна. По 4 години студирање продолжил на магистерски студии и добил звање менаџер во здравство на Економскиот факултет, исто така во Софија.

    Откако не добил можност за вработување и градење кариера дома, авантуристичкиот дух му дал подстрек да се обиде надвор од Македонија и пред себе си поставил цел да види дали би можел да се снајде во поинаква средина, општествено милје и култура. Денес вели дека ниту за момент не се покајал за ваквата одлука. Заминал за Германија и започнал да работи во струката.
    Полека, но сигурно учел, вредно работел и напредувал. Се посветил на усовршување на јазикот, дисциплината, методите на работа и социјално прифатливите начини на однесување за да ја добие довербата на претпоставените.

    „Ми беа потребни 7 години за да стигнам таму каде што сум денес. Секако, сметам дека можностите да го постигнете она што сте го планирале се многу поголеми надвор, отколку кај нас. Тука ги почитуваат вашиот труд и вашите квалитети, а не на кого сте и од која фамилија доаѓате. Колку побргу се интегрирате во општеството, толку побргу ќе го најдете тоа што го барате. Пазарот на трудот е доста голем и има место за сите кои сакаат да работат“, потенцира Митевски.

    Ресторанот во хотелот каде што работи е од типот „ fine dining“, што подразбира ресторан со повисок квалитет и поголема формалност, во споредба со ресторан за секојдневена намена. Атмосферата е поелегантна, а храната се служи на поформален начин. Менито се менува 4 до 5 пати во годината, зависно од продуктите кои се достапни во сезоната. Сите мора да се придржуваат и до концептот на самиот хотел, кој конкурира за зелен хотел, па така се бира и програмата по која се работи.

    „Во ресторанот за „fine dining“ обично има повеќе членови на персоналот кои се со повисоко ниво на обука и експертиза. Може да очекувате славни готвачи и сомелиери или други експерти за храна и пијалоци да ви помогнат да изберете што да јадете и пиете. Храната е со највисок квалитет, направена од луксузни состојки и сервирана во уникатни и убави презентации. Квалитетот на садовите и приборот за јадење се исто така префинети, а често се забележува и декорот, па дури и архитектурата на зградата на ресторанот. Цените за убаво јадење се повисоки отколку во секојдневен ресторан, но плаќате дополнително за повисокиот квалитет на храната, амбиентот и високо обучениот персонал“, објаснува Филип.

    Тој многу внимава на начинот на кој ја сервира храната и презентацијата на јадењето, затоа што како фуд дизајнер смета дека и окото „јаде“ и придонесува за целокупниот впечаток. Најважно му е гостите да бидат задоволни и секогаш најмногу му значат пофалбите на оние за кои подготвува.

    „Модерната презентација на храната подразбира познавање на архитектурата, симетријата и личната имагинација и креативност. Во современата гастрономија изгледот на јадењето е многу ценето,а јас сум перфекционист кој тежнее се да е совршено. Затоа и велат дека сум „тежок“ за соработка“, се смее Филип.

    Правејќи споредба со Македонија, посочува дека гостите повеќе сакаат мрсна, потешка храна, претежно свинско месо и смета дека понудата во рестораните кај нас е прилично еднолична.

    „Во повеќе ресторани во Македонија ви нудат 99% иста храна во секој објект . Менијата се како ископирани ,нема креативност , имам чувство дека владее некој страв да се проба нешто ново, но не знам дали кај готвачите или пак кај гостите . Секако, чест на исклучоци кои целосно ги подржувам“, истакнува шеф Филип.

    Би се вратил во Македонија само и единствено ако му се понудат истите услови за работа, а особено работничките права и целосно почитување на договорот за работа. Секако дека понудата треба и да е предизвик, авантура која не би можел да го одбие.

    Сепак, засега останува во Германија, целосно предавајќи се на работата што ја сака и уживајќи со сопругата и ќеркичката во секој слободен миг. За себе вели дека е среќен, исполнет и токму таму каде што посакувал да биде. Она што сега го има не би го менувал за ништо и бескрајно го цени. А како професионалец, кога е храната во прашање, вели дека е вљубеник во медитеранската кујна,
    но и голем гурман и не може да им одолее на слатките.