Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младиот уметник Мишо Стојановски од Куманово забележа уште еден успех на ликовната италијанска и европска сцена, освојувајќи една од престижните награди на Ликовната академија за убави уметности од Фиренца, која по повод 110-годишнината од основањето на својата графичка школа, го организираше конкурсот за Меѓународна награда за графика.
Стојановски, кој се најде меѓу 30-те финалисти на студенти и тазе дипломирани уметници на италијанските и европските академии, ја освои втората награда со своето графичко дело „Адамус“. Меѓу тројцата победници, покрај Мишо, се и кај Аличе Витали од Палермо и Мартина Ренда од Фиренца, што дава уште поголем потврда за творештвото на македонскиот уметник.
Ова е само уште еден успех за младиот кумановец кој својот талент го потврдува на меѓународната сцена и во „меката“ на уметноста како што се Фиренца и Равена, позната како единствена академија за мозаик во Италија на која Мишо е постипломец. Само пред неколку месеци тој беше прогласен за победник на конкурсот за мозаик „Илустрирање на комедијата: Пеколот“, во Равена, посветен на 700-годишнината од смртта на најпознатиот италијански поет Данте Алигиери, како и на 19-то издание на Саемот за уметност во Форли, Италија (Vernice Art Fair) на кој неговиот мозаик „Conflictus“ доби награда за уметничко дело со најдобар современ
истражувачки пристап.
Покрај неговата посветеност на мозаикот, графиката е ново поле од уметноста за која Мишо побудува нтерес и се чини е подеднакво успешен.
„Со графиката имав можност да се запознам преку еден од предметите во Академијата за мозаик во Равена, каде во моментот сум на постдипломски студии во одделот за мозаик. Многубројните пристапи кои таа ги нуди, ми разбудија љубопитност кон материјата, во која веќе две години се обидувам да пронајдам одредени решенија за нејасни ликовни идеи кои не би можеле да се одговорат со мозаик. Една од таквите идеи беше и делото „Адамус“. Библиската приказна за Адам беше почетната точка за оваа идеја, раѓањето на првиот грев, кое со помош на графичките техники аквафорте и акватинта се обидов да го доловам“, вели за Кумановоњуз Стојановски.
Награденото дело е поставено на изложбата во салата Гиберти во Фиренца, која го носи името на големиот уметник на раната ренесанса, Лоренцо Гиберти, најпознат по бронзените врати на Фирентиската крстилница, чија убавина Микеланџело ја сметал за достојна за да ги нарече „Капија на Рајот“. Изложбата е курирана од Анџелика Милонари и Моника Ранчини, а целата иницијатива е под покровителство на регионот Тоскана, општината Фиренца и Фондацијата Ил Бизонте.
Кумановоњуз и претходно пишуваше за успесите на Мишо во престолнината на мозаикот Равена и во дугите итаијански градови. Негова специјалност е мозаикот, а претходно наградените дела „Без надеж“ и „Conflictus“ многумина од италијанската ликовна јавност ги споредуваат со прочуената „Герника“ на прославениот шпански сликар Пабло Пикасо. И самиот Мишо признава дека неговото творештво е поврзано со овој славен уметник и се одразува во непрекинатата потрага за решавање на најголемите човекови конфликти и прашања преку ликовниот израз.
Стојановски продолжува да ги осознава тајните на уметноста на постдипломските студии во светската културна претстолнина Равена и да создава нови дела за кои се надеваме дека наскоро ќе се најдат на некоја нова престижна изложба.
„Секоја нова изложба е нова преспектива, која ми помага да видам до каде сум со творештвото, а наградите доаѓаат на крај како мало обележување“, скромно вели за добиените признанија младиот кумановски уметник.