×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Пеколот“ на кумановецот Мишо Стојановски ја освои престолнината на мозаикот Равена

    19.03.2022 18:52 | Жаклина Цветковска

    Младиот Мишо Стојановски од Куманово, студент на престижната Ликовната академија во Равена, Италија, иако има само 21 година и е на завршната година на студиите, неодамна освои две значајни награди кои го потврдуваат неговиот талент во ликовната уметност и му ја отвораат вратата на меѓународната сцена.

    „Пеколот“ на кумановецот Мишо Стојановски ја освои престолнината на мозаикот Равена

    Стојановски е победник на конкурсот за мозаик „Илустрирање на комедијата: Пеколот“, во Равена, посветен на 700-годишнината од смртта на најпознатиот италијански поет Данте Алигиери, како и на 19-то издание на Саемот за уметност во Форли, Италија (Vernice Art Fair) на кој неговиот мозаик „Conflictus“ доби награда за уметничко дело со најдобар современ истражувачки пристап.

    Наградениот мозаик на Стојановски, насловен „Без надеж“, инспириран од стиховите на Алигиеровиот „Пекол“ од ненадминливото дело „Божествена комедија“ беше прогласен за најдобар меѓу делата на 9-те финалисти на конкурсот, чиј покровител е Ротари клубот од Равена.

    Мозаиците на равенските студенти биле поставени во зградата на Префектурата на равенскиот плоштад „Пјаца дел пополо“, во рамките на изложбата „Последниот град на Данте“, а оценувани од еминентни мозаисти и истакнати членови на културните и уметнички кругови во Италија.

    „Темата беше илустрација на Дантеовиот „Пекол“, кој всушност претставува ред во хаосот, интерпретирање на светот каде секој може да направи пекол или да ги почувствува последиците од него. Инспириран од пеколот на овој прославен италијански поет, моето дело го базирав на строга геометрија каде го сместив „мојот“ поглед на пеколот. Или, поточно, го прикажав патот на Данте низ пеколот, не илустрирајќи го буквално, туку оставајќи тој да се насети и да се почувствува“, вели Стојановски за своето наградено дело.

    Речиси истовремено, овој талентиран студент добива уште едно признание за своето творештво. Неговиот мозаик „Conflictus“ ја добива наградата за уметничко дело со најдобар современ истражувачки пристап на на престижниот Саем за уметност во Форли, во конкуренција на студенти од академиите од Болоња, Верона и Равена.

    „Секоја нова изложба е нова преспектива, која ми помага да видам до каде сум со творештвото, а наградите доаѓаат на крај како мало обележување“, скромно вели за добиените признанија младиот кумановски уметник.

    Делата на Стојановски, особено наградените „Без надеж“ и „Conflictus“ многумина од италијанската ликовна јавност ги споредуваат со прочуената „Герника“ на прославениот шпански сликар Пабло Пикасо, што можеби ја симболизира сликарската иднина и препознатливиот уметнички ракопис на младиот Мишо.

    „Пикасо е еден од најголемите умови во областа на сликарство. Мојата поврзаност со неговото творештво е во непрекинатата потрага за решавање на најголемите човекови конфликти и прашања преку ликовниот израз. Кога за време на војната, офицер на Гестапо упаднал кај Пикасо во окупираниот Париз и покажувајќи на фотографија од муралот „Герника“ го прашал дали тој го направил тоа дело, уметникот одговорил: „Не, вие!“. На истото прашање и јас би одговорил слично, односно со зборовите: „Не само јас, сите ние“, појаснува Стојановски.

    Тој во Равена е веќе три години, по завршување на Средно уметничко училиште “Лазар Личеноски” каде дипломира сликарство во класата на професорот Сашо Барјактаров. Уште од тогаш се истакнува со своите први сликарски обиди и го трасира својот уметнички пат кон осознавање на креативните тајни и идеи од величествените светски културни сцени каква што е Равена. Имено, овој италијански град е светска престолнина на мозаикот и има дури осум споменици на листата на Светското културно наследство на УНЕСКО, а равенската ликовната академија е единствена во Италија за изучување на мозаикот. Таа е и последниот град каде Данте Алигиери ја завршил „Божествената комедија“, поточно делот „Рајот“, непосредно пред неговата смрт во 1321 година, а тука се наоѓа и неговата гробница. Затоа, да се биде забележан, а притоа и наградуван на културната сцена која е центар на најголеми уметнички достигнувања и зачувани вредности, секако значи потврда за талентот и уметничкиот израз, особено за младите уметници каков што е кумановецот Стојановски.

    „Авантурата за студирање во Равена се роди спонтано, сакајќи да ја совладам техниката на мозаик која за мене беше сосема нова. За Академијата во Равена дознав од членовите на Италијанската амбасада. Главните студии се наменети на мозаикот, вклучувајќи ги и споредните предмети како: сликарство, графика, скулптура. Овој град е обиколен од единствени спомен обележија од различни периоди, што заедно со искусните професори, имаа големо влијание на мојот начин на творење. Исто така, има и голем број странски студенти,меѓу кои и македонски, а размената на искуства од различни поднебја е секогаш позитивна и продуктивна“, смета Мишо.

    За мозаикот се заинтересирал како дел од неговиот професионален развој, кој во континуитет носи промени во наобразбата и љубопитност кон освојување на нови сликарски вештини во кои се пронаоѓа и како личност, и како уметник.

    „Во уметноста се битни промените, како во поглед на техниката, така и при еволуирање во ликовниот израз. Мозаикот како техника нуди голем и богат израз, а воедно е и предизвик ,кој ми разбуди желба за нова промена“, вели овој млад и перспективен студент.

    Во неговите мозаици преовладуваат мрачни теми како пеколот, конфликтот, па го прашавме дали тоа е некое лично незадоволство од светот, наменска тема или некој сопствен светоглед. Но,  Мишо појаснува дека барањето одговори за човековото битие е непрекината инспирација за творење, која понекогаш нуди резултати кои не се пријатни за секое око. Сепак, на денешната уметност, не гледа ниту како на пекол, ниту од перспектива на рајот.

    „Денешната уметност е како чистилиштето, имаме избор дали ќе направиме некакво движење кон светлината или ќе останеме во место. Секое ново дело е нова авантура со нови прашања, насочени главно кон идејата за човекот како конзуматор, кој полека станува конзумиран од самиот себеси“, смета Стојановски.

    Во таа насока се надоврзува и неговата блискост со ренесансата, особено впечатлива во Равена и Италија, во која го пронаоѓа основниот творечки мотив.

    „Ренесансата е еден од периодите каде прашањето за човекот е главна мисла водилка на уметниците. Ова прашање е актуелно и денес, па нормално, ме навраќа на овој правец како појдовна точка и испирација за истражување и фокусирана работа преку кои се трудам да одговорам или поставам прашања“, одговара Мишо.

    Кога се работи за мозаикот како негова специјализација и моментална преокупација, Мишо посочува дека и во Македонија овој уметнички жанр секогаш бил застапен,иако не во голем број, но со квалитетни и современи уметници како Газанфер Бајрам, Ѓорѓи Томовски и други.

    „Како и во се друго, и во светот на уметноста е битен квалитетот. Позитивна страна на италијанските академии се настаните и изложбите кои овозможуваат и обезбедуваат простор на младите уметници. Исто така, драго ми е што и бројот на луѓе заинтересирани за уметноста расте дури и во Македонија“, вели Стојановски.

    Тој е прв уметник во своето семејство, но отсекогаш ја имал поддршката од своите најблиски што му помогнало многу при неговиот избор на професијата.

    „Една од најбитните работи за еден уметник во најраната фаза е поддршката. Јас бев доволно среќен да се најдам во семејство кое ми даде целосна поддршка за тоа на кое сакав да се посветам ,иако сум прв уметник во мојата фамилија“, подвлекува Мишо.

    За сега нема конкретни планови дали кариерата ќе ја продолжи во странство или ќе се врати во Македонија, но останува целосно посветен на уметноста која е негов единствен животен избор.

    Пред кого се отворени можностите за блескава кариера, а себеси се дефинира како уметник по професија, во душа, но и во реалноста.

    „Не постои разлика помеѓу Мишо во ателје и надвор, секој момент е дел од моето творештво, границата помеѓу мене и делата не постои“, дециден е Мишо.