×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Манастирот „Света Троица“ го заживеа Скачковце

    30.06.2014 13:26 | KumanovoNews

     Гости од цела Македонија го посетуваат манастирот Света Троица во село Скачковце, кое се наоѓа на 12 км оддалеченост од Куманово на патот кон Свети Николе.

    Манастирот „Света Троица“ го заживеа Скачковце

    Манастирскиот комплекс се наоѓа на ридот над селото и се состои од конак, 12 метарски крст, библиотека, камена кула, статуи на Богородица, Свети Климент, велигденско јајце од 3 м и други содржини интересни за посетителите. Изграден од познати вевчански мајстори по повод 2000 години од христијанството и осветен во 2001 година, манастирот денес служи за крштевки, венчавки и молитиви .

    Не беше тоа лесна работа, требаше да се донесе струја, вода, да се направи пат, паркинг, да се огради местото, но човек кога ќе вети пред Бога тој треба да го почитува зборот затоа што така учи нашата црква, својата вера да ја посведочиме со добри дела. Живописан е од тројца академици Веле Ташевски, Благоја Кузмановски и академик вајар Јане Антониев. Тие работеа повеќе од две години и направија извонреден живопис во стар македонски стил. Осветувањето беше импозантен момент за македонскиот народ, а особено за овој кумановски крај каде не се градело долго и тоа што го имало не сме умееле да го чуваме за наша несреќа. Тоа го побуди чувството кај секој православен верник да си го сака своето место и пративме абер до нашите иселеници дека можеме од една кутија цигари да се откажеме да градиме - кажа ктиторот прота Стојан Пајковски.

    Пајковски вели дека секоја година ги посетуваат голем број ученици на кои им пренесуваат духовни пораки и ги советуваат како да се однесуваат со родителите, наставниците и блиските.

    Годишно доаѓаат околу 5000 ученици во нашиот манастир институција кој е дом божји. Секое дете кое дошло добило крст, разгледница бидејќи црквата не е само да собира, туку и да дава. Им кажуваме да ги слушаат учителите бидејќи тие им ги кажуваат буквите, им ги отвараат очите - изјави Пајковски.

    Овој манастир го разубави и заживеа кумановско Скачковце каде се изградија викендици и се градат 20 нови куќи.

    Се вратија нашите од директор до работник, посебно пензионерите. Им причинува задоволство да дојдат тука и да размениме добар муабет. Селото има 120 христијански куќи од кои 50 се функционални. Има над 200 жители во лето, а во зима остануваат 120 - вели ктиторот.

    Неговата амбиција е во иднина да основа пензионерски клуб во селото, а со помош на новиот владика Јосиф се надева дека манастирот ќе има богослужби за празници и уште поголема афирмација.