×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Се изгуби традицијата, изумираат старите занаети, вели последниот ќурчија во Куманово

    06.05.2024 09:42 | Оливера Пешевска

    Красе Димитриевски е последен ќурчија во Куманово, кој веќе 40 години работи во работилницата на неговиот татко на т.н. „Нагорички сокак“ во Куманово. Тој вели дека неговиот занает е во изумирање затоа што младите не сакаат да се занимаваат со старите занаети, а државата не го вреднува нивниот труд.  

    Се изгуби традицијата, изумираат старите занаети, вели последниот ќурчија во Куманово

     „Ќурчиството е тежок занает, и за изучување и за работа. Потребно е да се научи  да се разликува и оценува кожата, да се штави, крои и шие, да се исфарба, да се познаваат сите операции. Повеќе не се цени рачната изработка, и никој не обрнува внимание за зачувување на овие стари начини на производство. Во странство се цени ваквиот труд и се плаќа, затоа што купувачите се свесни колку време и труд е потребно за изработка“, ја почнува својата приказна Димитриевски.

    Нашиот соговорник вели дека се уште се одржуваат само затоа што прифаќаат да работат се што се јавува како потреба на граѓаните. Се она што е изложено кај нив е рачна изработка, ама нема голем интерес за купување.

    „Пробувавме и со собни патики, ташни, новчаници, каиши, но сите кожни производи се скапи. Ја купуваме кожата, па процесот на изработка и финалниот производ е скап, за денешни стандарди. Кога ќе се земе во обзир дека се увезуваат такви производи од Кина кои не може ни да се споредуваат во однос на квалитет, ние не можеме да бидеме конкуретни со нив“, потенцира Димитриевски.

    Тој се сеќава дека порано се правеле т.н. „ќуркови“, капути со крзно внатре, по што и занаетот го добил името, кожувчиња, постакии (молитвени кожи за муслиманите), појаси за кичма, шубари, капи. Татко му продавал голем број кожувчиња- адет, традиција било зетот на свадба да ги дарува дедото и бабата со нив, така да лете, зиме тоа биле едни од најбараните производи.

    Димитриевски занаетот го наследил од неговиот татко, кој му ги пренел сите тајни за квалитетна изработка. Официјално започнал да работи на дваесетина години. Работеле се, бидејќи тогаш кај нив се донесувала крвава кожа, откако ќе се заколе животното, па самите ја штавеле. Процесот бил дологтраен- првин кожата се сушела, потоа следувало штавењето, и на крај се шиела и фарбала во посакуваната боја. 

    „Татко ми занаетот го изучувал седум години, додека истовремено посетувал и училиште. Тогаш работеле на старински, примитивен начин. Во вада се перела кожата, се користела лебна штава- брашно, трици и сол во која се потопувала сувата кожа и се создава ферментација која ја обработува. Подоцна започнале во буриња, користеле електро мотори и хемиски средства - хром, киселини, масла, за да е мека кожата“, раскажува Красе.

    Димитриевски има два сина и ќерка, сите со завршени факултети, кои работат нешто сосема друго и воопшто не се заинтересирани за занаетот. Тие се добро запознаени дека занаетот веќе не е ценет и привлечен, треба да се мачат, а едноставно не е доходовен, исплатлив.

    „Нема веќе никаков интерес за она што ние, ќурчиите, го работевме и изработувавме, се изгуби традицијата. Јас го истуркав работниот век, сопругата е заедно тука со мене, уште некоја година ќе оствариме право на пензија и така ќе пропадне занаетот“, вели единстевниот ќурчија.

    И учениците од кожарската струка во „Перо Наков“ го посетувале, професорка ги доведувала на практична настава, ама ни едно од тие деца не се вратило да праша или да се заинтересира да почне да работи. За да почнат со работа потребни се финасии и за машини, кожата како репро материјал е скапа. Самото одржувањето на машините, пак и не чини многу.

    „Порано што шиевме за еден ден, сега го работиме цел месец, и така што помалку работиш, имаш и помалку дефекти“, завршува Красе Димитриевски, кој речиси 40 години работи во дуќанот кој го наследил од татка си.

    Како занаетчии, за зачувување на старите занаети, добиваат субвенции од локалната самоуправа, околу 200 евра годишно.

    „Средствата се од тука за тука, ќе исплатиме фирмарина, уште некои други трошоци што ги имаме, ама пак барем за нив не одделуваме од сопствен џеб“, вели Красе.

    Сите стари занаети изумреле или се во фазата на изумирање. Во Куманово нема веќе ниту влачар, ниту бојаџија, опанчар, терзиите и фурнаџиите се преорентирани на поголемо машинско производство, кујунџиите се трговци со готова роба, ништо веќе не се произведува рачно.

    Според податоците од Регионалната занаетчиска комора Куманово, во градот има само 12 регистрирани занаетчии од стариот ков. Затоа пак во експанзија се услужните дејности во областа на фризерството и козметичарството, нивната бројка се движи од 180 до 200 членови на комората.