500x100-1

Како се прославувале домашните слави во Старо Куманово

 Најчесто славите, во Старо Куманово се празнувале по три дена, познати како заслуг, ден и патерица.

Тавче гравче, свинско месо, риба, кисела зелка, туршија, сукан зелник, чорби, колачи со пиво или т.н „пиварки“ торта со јаболка, како и домашно вино и ракија или сок правен од самата домаќинка-се некогашните производи кои можеле да се најдат на македонската трпеза за време на славите.

На првиот ден од славата, односно денот кога се сечело лепчето или кумановски речено „славски колач“, се одело на гости во вечерните часови, а тогаш домаќинот или кумановски „газдата“, кога ќе му пристигнале гостите на трпезата го ставал лепчето, врз него ставал свеќа која ја палел, сите заедно се прекрстувале и потоа го кршел лепчето, на дел од него сипувал малку вино и го оставал на трпезата за гостите да се послужат со него. На денот гостите најчесто оделе попладне, како што велат постарите затоа и го нарекувале „ден“. Додека пак на третиот ден, се одело по ракија, односно на гости се одело од утринските часови, па се` до вечерта каде гостите барале само греана ракија и мезе.

Кумановските слави некогаш биле места на кои се склучувале свршувачки, места кои претставувале единствена можност за некој млад ерген да запознае девојка од добростоечко семејство или пак места за дружба и собирање на семејството и пријателите на едно место. Слави кои создавале заедница заснована на меѓусебно раскажување на приказни, некогашно потсетување на убави години и секако без изоставување на добра домашна ракија и традиционалното македонско јадење.

Подоцна лепчето почнало да се носи и во црква, па домаќинката откако дома ќе го замесела лепчето, го украсувала и го замотувала во салфетка со некој македонски традиционален дезен, со себе земала и шише вино и варена пченица и заминувала на молитва во црквата. Таму заедно со останатите жени, чии лепчиња биле украсени на најразлични начини (најчесто со фигури правени со вилушки) се поставувале лепчињата и се чекало попот да ја каже молитвата. Ова, како што кажуваат постарите жени, претставувало гордост за самите нив и тогаш ја облекувале нивната најубава облека, а доколку одела свекрвата ги земала внуците за рака или мајката своите деца и ги носеле со нив, а детето гордо до нив стоело во црквата и заедно со бабата или мајката ги повторувало имињата на семејството.

Во Старо Куманово славењето на славите било вистинско збиднување, па луѓето брзале сите земјоделски работи да ги завршат во текот на денот, за да се слободни навечер да одат кај домаќинот кој слави и да му посакаат многу здравје и бериќет во текот на целиот живот. Воедно оние кои имале добиток дома предвреме си обезбедувале кој комшија или пријател, таа вечер ќе им го варди домот и ќе им е отворена куќата, а тие на раат да си поседат на славата. А пак, домаќинот,  бил широкоград човек кој на масата ставал сѐ што има, без разлика на неговата финансиска состојба, од кај него никој не занимнувал гладен, па макар јадел само леб и грав.

Како што кажуваат постарите, тоа било време кога материјалниот луксуз не им бил познат, но нивните срца биле полни и потопли. Тоа било време на плетени бовчи, шарени салфети и распар шојли но и време на поспокојни веселби. Тоа биле денови кога се јадело и пиело без кантар и со весела мисла. Секако, да не ги заборавиме овде и песните, најчесто вечерните часови биле пропратени со по некоја убава кумановска песна која ја пееле најчесто мажите, а жените гордо до нив седеле и си потпевнувале со насмевка на лицето во знак на одобрување на забавата и потикнување на мажите да продолжат со истата. Не ретко, велат старите луѓе, во тие весели моменти, мажите и жените доколку биле претходно скарани, во мигот на среќата во име на светецот кој го славеле, знаела да се создаде една магична атмосфера која правела сопружниците да ги заборават маките и да си ја прегрнат саканата личност.

За да се стигне на славата во некогашното Куманово се користеле коњски коли, а подоцна и трактори со приколки, сите заедно се качувале и заминувале кај домаќинот и домаќинката кои слават, без да помислат на студот, а пак славата „Свети Никола“ се празнува во месец декември, кога некогаш било најстудено. Постарите велат, дека во тоа време имало толку многу снег што им бил попречуван патот многупати додека да стигнат, но дека нивната истрајаност да се видат со некој роднина кој во тоа време доаѓал од „белиот свет“ по многу години, за да го испочитуваат домаќинот било такво задоволство што за ништо во светот не би го пропуштиле. Во тоа време, пред вратите на домаќинот кој славел ретко можело да се видат модерни кондури, најчесто се наоѓале опинци, а наместо собни папучи речиси сите имале калчини. Времето на Старо Куманово било време на слави во кои воопшто не било срамно да се носат волнени чорапи до колена со калчини и панталони ставени внатре во чорапите, а надвор да се шета со опинци на кои имало насоберено кал.

Во народните преданија овој светец, најповеќе е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и патниците што патувале со нив. Затоа пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода, зошто се верува дека тој многумина спасил уште додека бил жив. Во преданието се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел, го назначил за заштитник на морепловците. Забележано е дека на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а морепловците што тој ден ќе се најделе на море запирале и го празнувале Св. Никола.

Црквата „Свети Никола“ во Куманово, попозната како Стара црква, е изградена во 1851 година, на место каде некогаш постоела истоимена црква но со помала градба, вклопена во земја со девет скалила. Црквата „Свети Никола“ која е градена со камен и тули, како трикоградна монументална градба од т.н „базиликален тип“ е дело на мајсторот Андреа Дамјанов од село Папрадиште, Велешко.

Празникот „Свети Никола“ е еден од најголемите православни празници  заштитник на градот и најмасовна домашана слава на кумановци. За овој празник на трпезата мора да има тавче гравче, риба и посна сарма.

Фросина Марковска