×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ХОТЕЛ „ГРАНД“ ПРВИОТ КУМАНОВСКИ ХОТЕЛ

    15.06.2015 09:55 | KumanovoNews

    „Жолтата Куќа“ на улицата Ленинова бр. 34 е всушност некогашниот хотел „Гранд“.

    ХОТЕЛ „ГРАНД“ ПРВИОТ КУМАНОВСКИ ХОТЕЛ

    Хoтелот „Гранд“ или она што остана од него, денес сопственост на семејството на Благоја Тасевски- Пушкар, се наоѓа на улица „Ленинова“ бр. 34 во центарот на Куманово. Го споменува Јован Хаџи Васиљевиќ во својата книга за Куманово - „Кумановска област“ издадена од задужбината на Коларац од 1909 година во Белград.  Хотелот бил изграден уште за времето на Османлиското влдеење, од Нејат бег. Најверојатно со текот на времето хотелот го менувал сопственикот, а можеби и намената, со оглед дека воопшто го нема во евиденцијата на Меанџиско кафеџискиот еснаф од 1919 до 1927 година, кога се јавува како хотел „Гранд“, сопственост на Љатиф бег Џавидбеговиќ, и во истиот на 14 фебруари е одржана прослава на еснафската слава на угостителите од Куманово „Свети Трифун.

    По деталната скица на првиот Урбанистички план на град Куманово од 1934 година, тој се среќава како сопственост, поточно оставина на Али Јашар Беговиќ, од Куманово, член на познатото турско рентиерско семејство. Во еден друг документ, пак,  од 1933 година, во фондот „Угостителска комора за Кумановска и Кратовска околија 1919-1948“ стои дека хотелот „Гранд“ е сопственост на Јусни Беговиќ, а како што напоменавме во 1927 година се среќава како имот на Љатиф бег Џавидбеговиќ. Инаку, најверојатно во годините по 1934 година бил продаден на Благја Тасевски- Пушкар од Куманово, а по расположивите меници за отплата на овој објект се гледа дека тој се исплаќал до 1939 година , кога бил склучен купопродажниот договор, и по се изгледа хотелот е пренесен во владение на купувачот Благоја Тасевски - Пушкар. Објектот во мошне руинирана состојба се уште е во посед на неговото семејство. Како што дознавме по извршената купопродажба хотелскиот дел од објектот веќе не ја вршел таа функција со оглед дека во него се вселило семејството на Благоја Тасевски Пушкар, додека ресторантскиот дел во приземјето бил и понатаму во сферата на угостителството. На времето ова бил одличен угостителски објект, на најпрометното место во чаршијата, во продолжение на познатиот кумановски Опанчарски сокак и секогаш исполнет со гости од Куманово и од страна. Располагал со соби на кат, простран ресторан и летна бавча, а имало изградено и ледара каде што табли мраз се таложеле преку зима, со слама меѓу нив, за да може да опстојат преку лето.

    Интересен е податокот дека во ресторанот на овој хотел се прикажувале и филмови, за што потврдуваат одделни написи во тогашните весници каде се споменува киното „Гранд“. Киното работело некаде од 1922 до 1930 година. На репертоар биле неми филмови, со по две претстави неделно. Според Филмскиот годишник на Кралството Југославија сопственици на киното кое работеле во состав на „Гранд“ хотел биле Стеван Радоњанин и Зариќ.

    (Димитар Масевски)