×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нагорички сокак низ историјата

    17.07.2022 10:52 | KumanovoNews

    Многуте миграциони движења кои го зафатиле кумановскиот крај во почетокот на XIX век и кои воглавно биле насочени кон градот Куманово, довеле до зголемување на бројот на населението, до просторното уредување на градот и оформување на неговите улици, плоштади и сл. Всушност, во XIX век се пробиени и трасирани главните улици во Куманово од кој најголем број постојат и денес. 

    Нагорички сокак низ историјата

    Пред да преминеме за Нагоричкиот сокак, најпрво да кажеме нешто накратко за кумановските градски маала во минатото и како градот просторно бил поделен.

    Според податоците на Јован Хаџи Васиљевиќ, кон крајот на XIX век Куманово било поделено на 12 маала населени со христијанско и муслиманско население, а маалата ги добивале своите имиња според населениците и нивното потекло. Куманово ги добило сите белези на една градска урбана средина во втората половина на XIX век. Тогаш во градот постоеле следниве маала: Орта-бунар маало, Варош маало, Мехмедбегово, Ендек маало, Горно мухаџирско, Бедињско, Велешко, Варош-изир маало, Карапско, Теќе и Ново маало, додека Татар маалото и Липковското се слеале во соседните поголеми маала. Тогаш, како што напоменавме, во тој период биле трасирани главните улици и сокаци во градот, кои постојат и денес, а како што се: Проевскиот сокак, Велешкиот сокак, Романовскиот сокак, Нагоричкиот сокак и т.н. 
     

    Според географот Атанасије Урошевиќ (1949), во периодот помеѓу 1840 и 1870 година се пополнувал празниот меѓупростор во градот и Куманово започнува топографски да се шири. Варош маалата се проширувала кон југоисток сé до просторот помеѓу сегашниот Нагорички и Проевски сокак, а до 1884 година Нагоричкиот сокак се продолжил до некогашниот млин. Во 1935 година, Павле Стојковиќ од Ниш, Стојко Лопарски и браќата Манушеви го изградиле автоматскиот млин „Жеглигово“, на електричен погон со машини увезени од Германија и Унгарија. Млинот започнал да работи во 1937 година, и во него биле вработени 21 работници. Подоцна, Манушеви ќе ги откупат деловите на своите ортаци и тие ќе станат целосно сопственици на овој индустриски објект. Мелницата им била одземена од страна на комунистичката власт. Како што напоменавме, се наоѓала на Нагоричкиот сокак. Нагоричкиот сокак бил калдрмисан нешто непосредно пред Балканската војна (1912) година, а тогаш општината спровела и делимична канализација во градот. Каналот подземно бил спроведен од Велешкиот сокак и преку Тумба и Нагорички сокак спроведен во реката Кумановка. 

    На Нагоричкиот сокак, денес улицата „Иво Лола Рибар“ од левата страна од денешното кино „Козјак“, некогаш постоела кафеана „Едисон“. Во неа биле прикажувани филмови, а ја изградил учителот Јован Мурговиќ, Илија Вукотиќ и Коста Гудос. До „Едисон“ се наоѓал анот на Влавот Ташко, а потоа бакалницата и анот на Пеце Чушкарски, па бакалницата на Атанас Мишков, магаза и анот на Борис Секирарски, влачарницата на Борис Вруќа-вода, кафеаната и бакалницата на Петре Сливов, чевларскиот дуќан на Крсто Мицев – Драчка и на ќошето фурната на Тасо Крив. Понатаму биле дуќаните и куќите на семејството на Владо Сушелски, па Бубаќарски ан и крчма, куќите на Душко и Мирко Гареви, на Атанас Манушев, старата куќа на Јован Муфтински, неколку дуќани и кафеани.

    Од десната страна, почнувајќи од зградата на УЈП, се наоѓале куќите на семејствата Борис Аџија, на Стојко Лопарски, Трајко Малински, Трајко Мочана, дуќанот на Игњат Тенекиџија, бакалницата на Ѓорѓи Кратовац, куќата на Дана Шолјакова, столарската работилница на Трајко Шетко, а понатаму куќата на Петруш Аџи-Стефанов, на семејството Бабагинини, Јашкова кафеана и ан, куќите на Ѓорѓи Тасков и Денко Младеновски.
     

    На Нагорички сокак се наоѓал и сега постои и хотелот „Србија“. Хотелот „Србија“, кој пред тоа се викал хотел „Солун“, бил изграден во турскиот период, некаде во првата деценија на XX век. Бил во сопственост на богатиот тетовски кафеџија Премче Пандуловиќ. По кажувањето на стариот кумановец Трајко Левков, во изградба на овој хотел учествуавал и братот на Премче, Трифун како и двајца богати луѓе кои биле на печалба во Америка. Интересно е да се одбележи дека Премче бил осуден од страна на турските власти на 101 година робија, но со време успеал да се откупи. 
    По Првата светска војна и создавањето на Кралството на СХС во 1918 година, хотелот „Солун“ бил преименуван во хотел „Србија“.

    Во кафеаната „Србија“ е одржана Основачката конференција на Социјалистичката работничка партија (комунисти), кога бил извршен и првиот званичен упис на членовите на Партијата на 24 септември 1919 година. 

    Дел од зградата на овој реномиран угостителски објект од минатото на Куманово, бил национализиран во 1948 година, постои и денес на почетокот на Нагоричкиот сокак и во него се сместени здружението на воените ветерани со сојузот на резервните воени старешини.

    Кон крајот на XIX и почетокот на XX век во Куманово имало 33 ана. Најголемиот и најпрочуениот бил Бубаќарскиот ан. Зградите стојат и денес, иако руинирани и целиот комплекс запуштен, а се наоѓа на Нагоричкиот сокак. Во него биле сместувани 300 до 400 коњи, магариња, волови и друг добиток, а анот бил добро уреден, имал соби за ноќевање, а гостите имале можност да се измијат, удобно да преспијат и да се нахранат во ашчилницата. Имало човек, кој ги примал добитоците и се грижел и одговарал за нив. Во некои анови имало, исто така, соби за ноќевање, но биле опремени со штици или дрвени троњови, а во некои пазарџиите спиеле директно на под, без да стават нешто под себе, а се покривале со своите кушлјаци и џубиња. Таков ан бил Јачков, чии згради стојат на ул. Иво Лола Рибар, прилично зачувани.

    Денешната улица „Иво Лола Рибар“, меѓу кумановците позната како Нагорички сокак во минатото носела друг назив. Па така на една стара слика од 1917 година е запишана како улица на „Царицата Елеонора“. Царицата Елеонора била бугарска царица од 1908 до 1917 година. Полно име и било Елеонора фон Ројс-Костриц, а била втора сопруга на Фердинанд I. Починала во 1917 година, а била родена во 1860 година во тогашна Прусија, на територија на денешна Полска. 
    Подоцна, во периодот меѓу двете светски војни, улицата се нарекувала „улица Краљице Марије“, по сопругата на кралот Александар I Караѓорѓевиќ.
    Во повоениот период, улицата го носи денешниот назив „Иво Лола Рибар“. 

    Литература:
    Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, Београд, 1909.
    А. Урошевић – Куманово, Годишен зборник на филозофскиот факултет; кн.2, Скопје, 1949.
    П. Трајковски – Старо Куманово: луѓе – обичаи – настани, Печатница Просвета, Куманово, 1997.
    Д, Масевски & М. Арсовски – Болто  – Куманово : [историја, уметност, традиција, култура], Куманово, 2003.
    Д. Масевски – Кумановска кафеана, списание Корени бр. 50.

    Филип Ѓошевски, географ  

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk